Фото: Пиксабеј

Здружението Инженери на Република Македонија (ИНРМ) тврди дека со невалидни одлуки донесени од Владата во рамките на 140. седница на Собранието се разгледувани предлог законите и договорите за реализација на четирите стратешки инвестициски проекти во делот на енергетиката.

Според нив, Комисијата за стратешки инвестициски проекти со чија одлука се доставени до Собранието одлучувала со состав што е спротивен на Законот и Одлуката на Владата од 22 септември 2020 година што е објавена во Службен весник, според која членови на комисијата се поранешниот премиер Зоран Заев, поранешните министри Насер Нуредини и Аријанит Хоџа и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

Владата, како што посочуваат, морала претходно со решение да ги определи за постојани членови Димитар Ковачевски како претседател на Владата, Каја Шукова како министер за животна средина и просторно планирање, Љупчо Николовски како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Методија Димовски како генерален секретар на Владата.

-Оттука произлегува дека предлог законите и договорите за четирите стратешки инвестиции се донесени со невалидна Владина одлука и со таква одлука се доставени до пратениците во Собранието – порачуваат од ИНРМ.

Во прилог е целото соопштение од ИНРМ испратено на медиумите:

Го искажуваме нашето мислење дека Предлозите на закони и Договори за реализација на стратешките инвестициони проекти „Соларна електрична централа – Пехчево“, „Соларен парк Стипион“, „МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје и „АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ“, сите по скратена постапка, се разгледувани на Собраниската седница бр. 140, со невалидни Одлуки донесени од Владата поради следното:

1. Законот за стратешки инвестиции со членот 9 определува дека Владата формира Комисија за стратешки инвестициони проекти чиј постојани членови на Комисијата се:

-претседателот на Владата на Република С. Македонија,

-заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори,

-министерот за финансии,

-министерот за животна средина и просторно планирање,

-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,

-министерот за економија,

-министерот за транспорт и врски,

-генералниот секретар на Владата на Република С. Македонија и

-министерот без ресор задолжен за странски инвестиции,

додека повремени членови на Комисијата се:

-министри од областа во којашто се спроведува стратешкиот инвестиционен проект,

-градоначалници на општините во кои се спроведува стратешкиот инвестиционен проект и

-претставник од надлежно регулаторно тело.

2.Согласно тоа Владата има донесено Одлука за формирање на Комисија за стратешки инвестициони проекти објавена во Службен Весник број 231 од 25 септември 2020, и во истиот службен весник донесено е и Решението за именување постојаните членови на Комисија за стратешки инвестициони проекти со кое за постојани членови на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, се именуваат:

-Зоран Заев, претседател на Владата на Република С. Македонија,

-Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања координација со економските ресори и инвестиции,

-Фатмир Бесими, министер за финансии,

-Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање,

-Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,

-Крешник Бектеши, министер за економија,

-Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и

-д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република С. Македонија.

3.Дополнително членот 15 став 7 од Законот за стратешки инвестиции предвидува дека „Владата ја донесува одлуката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект во рок од седум дена од денот на добивање на предлог од Комисијата.“

4.Водејќи се од овие законски одредби и од дописите на Владата до Претседателот на Собранието на Република С. Македонија со кои дописи се поднесени Предлозите на закони и Договорите за реализација на четирите стратешките инвестициони проекти, произлегува дека Владата овие предлози ги има добиено од комисијата во рокови не подолги од седум дена, односно, не порано од 09.01.2024 и 15.01.2024 година. (според датумите на одржаните седници на Владата кога овие проекти се утврдени за стратешки – 16.01.2024 и 22.01.2024 година)

5.До денот на усвојувањето на предлозите на Комисијата од страна на Владата, во Службен весник не е објавено ново Решение за именување постојаните членови на Комисија за стратешки инвестициони проекти со кое ќе се поништи Решението донесено на седницата на Владата на Република С. Македонија на 22 септември 2020 година, од каде произлегува дека Комисијата која одлучувала со мнозинство гласови од вкупниот број на постојани и повремени членови согласно членот 9 став 3 од Законот за стратешки инвестиции, одлучувала во состав кој е спротивен на Законот и Одлуката на Владата од 22 септември 2020 година, односно постојани членови на Комисијата не можеле да бидат:

-Зоран Заев, претседател на Владата на Република С. Македонија,

-Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање,

-Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и

-д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република С. Македонија,

туку Владата морала претходно со Решение да ги определи за постојани членови:

-Димитар Ковачевски како претседател на Владата на Република С. Македонија,

-Каја Шукова како министер за животна средина и просторно планирање,

-Љупчо Николовски како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и

-Методија Димовски како генерален секретар на Владата на Република С. Македонија.

Оттука произлегува дека Предлог законите и Договорите за четирите стратешки инвестиции се донесени со невалидна Владина одлука и со таква Одлука истите се доставени до пратениците во Собранието.