РЕЦЕНЗИЈА
- (Кон „Галеб“ од А.П. Чехов, во режија на Селма Спахиќ и во продукција на меѓународниот центар за игра, култура, уметност и млади „Ново Сараево“, Сараево, 2026. Главни улоги: Јосип Стапиќ, Ејла Бавчиќ Таракчија, Ермин Браво, Сенад Башиќ, Фарук Хајдаревиќ и др.)
Каков е впечатокот од претставата, кој е сличен на чувството како кога ви е роденден? Многу интригантно и контроверзно прашање што ми го донесе реминисценцијата од писмо од еден гледач, кој во 1898 година му го напишал на Чехов, а кој бил одушевен од претставата „Галеб“ во која главните улоги ги играа големите имиња на театарот на деветнаесеттиот и дваесеттиот век: Константин Станиславски (Тригорин), Всеволод Мејерхољд (Константин) и Олга Книпер (Аркадина). Не можев секако да си одговорам на ова прашање иако претпоставив дека режисерското видување на Селма Спахиќ веројатно ја извлече од витлите на театарското време екстатичноста на актерите што во таа парадигматична верзија на „Галеб“ во Московскиот уметнички театар ја имале овие тројца актерски и режисерски колоси. Оваа верзија на „Галеб“ има многу заеднички нешта со минатото, иако нуди совршено модерно прогледување низ есенцијата на односите меѓу ликовите. Од друга страна, при секоја поставка на ова дело се јавува тоа чудно чувство дека само Чехов ги знае причините за сето она што се случува на сцената – за замирањето на љубовта, нереализираниот копнеж, погрешните луѓе во животите, за сето она што ни извлекува очајни солзи и нè прави неспособни да продолжиме понатаму. Минатото на оваа компактна и органична претстава ѝ ги носи тензијата и несигурноста, кои се одлична почетна точка за да се изгради театарско дело со храброст на гледачите да им каже дека, всушност, нема иднина. Тоа ни порачува дека сите сме заглавени во нашите сеќавања во кои нема духовна храна, па затоа сме смешни, непотребни, депласирани и гневни. Потоа се прашувате: „Психолошки реализам?“ и се потсмевате самите на себе, недоволно сигурни дали ќе знаете да направите споредба со нашите страдања и дали ќе излезете попаметни од тие тогаш, од тие таму… Селма Спахиќ гради амбиентална претстава што е нешто помеѓу филм и документарна граѓа вовлечена во интермедиумот на некаква инсталација, место, простор за актерите што ги играат ликовите како да им се појавиле во сон и на многу наврати имаат право, што, без остаток, носи многу убави импресии. Гневот на Треплев, кој има облик на борба со иронијата што ја носи ова време, бласфемичноста на Аркадина, која овде, во овој концепт само си ги пресликува своите несреќи, индолентноста на Тригорин, која во себе има црта на несигурност, летаргијата на Сорин околу чиј кревет се собираат и тие што се семејство и тие што сакаат да бидат семејство, а и оние што не се семејство, незгасливиот оптимизам на Медведенко, кој не сака да ја прими апстрахираноста на Маша, несреќно и докрај вљубена во Треплев, конечно и режисерскиот ветер на Селма Спахиќ, кој ги собира овие ликови во едно и од нивните карактери прави слика на едно време што никогаш не поминало и никогаш нема да помине. Се чини дека тоа е вистинската формулација на режисерското видување што емоцијата ја претвора во одлука, а рационалноста во цинизам.
Комплексноста на ова театарско дело не се потпира само врз амбиенталните параметри, неговото театарско ткиво е големо актерско јадро што низ концептот на Селма Спахиќ станува драма за која можеби во еден момент претпоставувате дека не е класика, дека е пишувана многу скоро, но и дека е одживеана во времето што нема иднина. „Некои луѓе се толку темелно проклети што тоа е зараза, опасно е да се остане блиску до нив“, вели Тригорин во интерпретацијата на „Галеб“ на Тенеси Вилијамс под наслов „Нотесот на Тригорин“, формулација што е можеби блиска до ова видување на ова класично дело на Селма Спахиќ, во кое ликовите мораат да го покажат тешкиот напор да останат блиску еден до друг, што е еквивалент на она популарно отуѓување што ни го нуди многу блиската до нас дистопија.
Оваа претстава има актерска енергија што одушевува, која понесува и на многу места наведува на промисла за себеоткривањето, нешто што ние го одбегнуваме. Јосип Стапиќ одигрува еден Треплев што не е кај Чехов, но е многу кај нас, во конверзиите на нашата непослушност и неодлучност, во она што можеби и не е толку контроверзија колку што е контрадикторност. Овој млад талентиран актер многу умешно ја крие емоцијата тогаш кога внатрешните струења му ја нудат за показ. Тој успева докрај да ја најде својата вокална и физичка присутност од почетокот до крајот со компактен лик што би рекол дека е Треплев каков што досега не сме го гледале: со една патинирана животна радост чие сивило го одведува во смрт. Овде ќе ја споменеме и едноставната Аркадина на Ејла Бавчиќ Таракчија, актерка што се чини дека веќе нема сила да ги изнесе на видело сите нејзини каприци, па од сето тоа прави секојдневие што бледнее, актерска партија со одлична експресија, која на извонреден начин ни го доловува тој замор на жена чија кариера не била нешто многу забележана. На овие две извонредни актерски креации се придружува Медведенко на Фарук Хајдаревиќ, актер чија екстравертност импресионира, актер што овој пат одигрува лик на вечен оптимиста чија љубов е искрена и полна со благонаклоност. Фарук Хајдаревиќ го игра својот Медвенко со леснотија, со голема егзактност и тенка емотивна поставеност. Наспроти него Маша на Ања Вујковиќ е динамична девојка што се обидува да ја пронајде својата љубов во наклоноста на Треплев, но залудно. Оваа млада актерка го донесува ликот на младата несреќно вљубена Маша со тенка доза на очај, наметнувајќи ни дека точно знае дека таа љубов е залудна. Сенад Башиќ од својот Сорин прави кревко старче што, се чини дека остарело предвреме и во ова видување на „Галеб“ оваа интерпретација на Сорин одлично се вклопува, а одлично се вклопува и беневолентниот Тригорин на Ермин Браво, кој се чини дека е секогаш над сè, над сите ситуации, над сите настани, над сите судбини и тоа е можеби круцијалната иронија во претставата што се отвора како бездна во која паѓаат сите ликови, а само тој останува на работ. Младата актерка Ива Пргиќ во целата актерска констелација донесува една навидум „наивна“ Нина.
Нешто што можеби оваа одлична млада актерка ни го понудува како варијанта за младите вљубени девојки на дваесет и првиот век со густи талози на предрасуди. Споредена со треперливата животост на Треплев, Ива Пргиќ ни сервира ситна суптилна здржаност, нешто што ретко го гледаме во другите интерпретации на Нина Заречна. Секако, со голема енергија се појавуваат и Маја Изетбеговиќ како Полина Андреевна, Мехмед Порча и Младен Мароје Долиќ.
Овој „Галеб“ носи впечаток на одживеан живот, на некаква неизносена и неодгледана меморабилија што Селма Спахиќ ја облекла во денешно руво, наликува на театар што растегнувајќи го просторот станува револуционерен, можеби како и бунтовните мисли на Треплев. Просторот е извонредно решен од Адиса Ватреш Селимовиќ, чие визуелно осовременување нè потсетува на времето што си заминало, но оставило контури што ние ги загребуваме облечени во едноставни, по малку колоритни костими – елегантно решение на Емина Хоџиќ Адиловиќ и конечно, сето тоа со многу податливата, суптилна музичка илустрација на Мирза Реџепагиќ.
Кога сме веќе кај музиката, она што импресионира е лајтмотивот на песната „Suspicious Minds“ на Елвис Присли, чиј значенски амалгам всушност ни ја наметнува помислата на временскиот третман на настаните во делата на Чехов. Чехов пишувал за она што се случувало сега и овде, а иновативната претстава на Селма Спахиќ зборува за она што не би се случило сега, но сепак се случило, и не само овде.
На крајот од сè, феноменолошката структура на игра во секое дело на Чехов е само привид и тој смета на тоа, развивајќи ги дијалозите и ликовите чија судбина е крајно несреќна. „Галеб“ на Селма Спахиќ е игра на општественото лудило, кое, како што вели и самиот Чехов, е минливо. Но тој вели: „Во целата вселена ништо не останува трајно и непроменето, освен духот“. И се чини дека тука е крајната точка на претставата, која ви легнува како гледач, но и како мислител. Баш ви „легнува“ во најсимплифицираната смисла на овој збор. Чувствата остануваат, само си наоѓаат други подлоги, други причини. Затоа „Suspicious Minds“ на Елвис Присли е чекор од одењето по тенка жица во овој „Галеб“, а животот можеби и треба да се зачува од наглите и ирационални одлуки како онаа на Треплев.
Рецензија на Сашо Огненовски
Фото:
Велија Хасанбеговиќ и Ханан Делиќ
































