Распаѓањето на МАНУ во пет слики

Во филмот „Окупација во 26 слики“ на Лордан Зафрановиќ, окупацијата се случи во 26 слики. Тоа беше во далечната 1978 година. Распаѓањето на МАНУ се случи во пет слики во последните две-три години. Приказната за тоа како МАНУ од највисока научна и уметничка установа во Македонија се подведува на ниво на подреден буџетски корисник во рамките на Министерството за образование и наука (на ист ранг со основните и средните училишта, факултетите, научните институти, ученичките домови, студентските домови) е интересна и поучна. Зошто има потреба од ова? Кои се последиците? Зошто МАНУ молчи?

Прва слика: Правилник за организациска класификација

Правилникот за организациска класификација е донесен на 30 декември 2024 година („Службен весник на Република Македонија“, бр. 277 од 31 декември 2024 година), при што, според одредбата во член 4 на овој правилник: „Овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во ’Службен весник на Република Македонија‘, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2026 година“. Според овој правилник е утврдена организациската класификација на матични буџетски корисници, во чии рамки МАНУ не се вбројува, а претседателот на МАНУ воопшто не реагира на ваквото нормативно решение. Напротив, тој ги прави ирелевантни поделените мислења и иницијативите за институционална реакција и отворено ја помага неговата имплементација.
На 31 декември 2025 година е донесена измената на овој правилник („Службен весник на Република Македонија“, бр. 270 од 31 декември 2025 година), според кој, поименично се класифицирани другите буџетски корисници во рамките на матичните буџетски корисници, при што МАНУ, губејќи го постојниот статус на буџетски корисник од прва линија, со сопствен раздел во републичкиот буџет (26001), уште со донесувањето на основниот правилник, се подведува на ниво на подреден буџетски корисник (според актуелната класификација) во рамките на Министерството за образование и наука (на ист ранг со основните и средните училишта, факултетите, научните институти, ученичките домови, студентските домови), како и досегашните единки корисници во составот на министерството.

Втора слика: Зошто МОН е определен за матичен буџетски корисник на МАНУ

Во овие услови, во најмала мера би требало да се издигне прашањето зошто МОН е определен за матичен буџетски корисник на МАНУ, а не неговиот основач, Собранието на Републиката, доколку се има предвид дека Агенцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за заштита на конкуренција, Фискалниот совет, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, Регулаторната комисија за домување и Агенцијата за планирање на просторот (институции кои главно се основани со Закон што го донело Собранието на Републиката) се определени за буџетски корисници во рамките на Собранието како матичен буџетски корисник.
Имајќи предвид дека, според одредбата во член 3 од овој правилник: „Овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во ’Службен весник на Република Македонија‘, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2028 година“, МАНУ веќе е, де факто и де јуре, буџетски подреден во рамките на МОН, а одложената примена на веќе утврдениот и потврдениот (со измената на актот) статус на буџетските корисници е пропишана со цел да се спроведат подготовки од технички карактер, и посебноста на МАНУ (досега рефлектирана/изразена и преку сопствен раздел на ниво на буџетски корисник од прва линија) да не биде видлива во рамките на републичкиот буџет.

Трета слика: Закон за буџетите

Според Законот за буџетите, со организациската класификација се класифицираат буџетските корисници во хиерархиска организациска структура на поврзани и заемно координирани субјекти (матичен буџетски корисник, раздел и буџетски корисник) за да се утврдат надлежностите на субјектите за планирање и управување со јавните средства и со вработените заради постигнување на зацртаните цели.
Подведувањето/структурното подредување на МАНУ во рамките на МОН како матичен буџетски корисник има практични последици за финансиското планирање, распределбата и управувањето на средствата. Законот за буџетите предвидува дека раководителот на буџетскиот корисник е одговорен пред раководителот на матичниот буџетски корисник, а раководителот на матичниот буџетски корисник е одговорен за распределбата на максимални износи на одобрени средства – расходни лимити – на буџетските корисници во рамките на неговата надлежност. Затоа промената не претставува само формална промена на шифрата во буџетот.
Според дефиницијата во Законот за буџетите: „Матичен буџетски корисник“ е буџетски корисник кој е хиерархиски претпоставен за сите буџетски корисници и други јавни субјекти кои се во негова надлежност, освен Собранието на Република Македонија, кое е матичен буџетски корисник кој хиерархиски не е претпоставен за други буџетски корисници и други јавни субјекти. Токму оваа дефиниција ја прави потенцијалната реакција на МАНУ за законитоста и конзистентноста на буџетската класификација правно релевантна. Фактот дека претходно наведените самостојни тела се групирани во рамките на Собранието, додека МАНУ, како највисока и самостојна научна и уметничка установа во Републиката од посебно значење за неа, е оставен во рамките на МОН, бара конкретно правно образложение, а не само објаснување дека МАНУ работи во областа на науката.

Четврта слика: Воспоставена подреденост, нарушена самостојност

Понатаму, значајно е да се искристализира дилемата дека промената на организациската класификација на МАНУ не останува само во рамките на овластувањето за буџетско класифицирање туку, фактички, воведува хиерархиски однос и организациска и финансиска подреденост во сите сегменти од работењето, што, пак, е противречно на одредбата во Законот за МАНУ за самостојност и независност на институцијата. На пример (од аспект на законските акти), Законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор го потврдува токму ова тврдење – подреденоста на буџетскиот корисник на матичниот буџетски корисник (во конкретниот случај) при воспоставувањето на системот на внатрешната финансиска контрола во институцијата. Според член 9, став (2) од овој закон: „Раководителот на буџетскиот корисник е отчетен пред раководителот на матичниот буџетски корисник за развој на ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола“. Исто така, на пример (од аспект на подзаконските акти), Упатството за начинот на планирање на ликвидноста на буџетот го потврдува истото ова тврдење – подреденоста на буџетскиот корисник на матичниот буџетски корисник (во конкретниот случај) при начинот на планирањето на ликвидноста на институцијата. Според член 2, став (8) и став (9) од ова упатство: „Од страна на Министерството за финансии во соработка со матичните буџетски корисници се утврдуваат квоти на матичните буџетски корисници во текот на целата буџетска година“. „Матичниот буџетски корисник ги распределува донесените квоти на буџетските корисници под негова надлежност“.

Петта слика: Зошто МАНУ молчи?

Но МАНУ, повторуваме, е највисока научна и уметничка установа во Републиката, која задачите ги остварува самостојно според Уставот, посебниот закон и Статутот, па оттука нејзиното класифицирање во рамките на МОН, според примерите во правниот промет, нелегитимно создава однос на подреденост/надреденост што не е предвиден со посебниот закон, а не само техничко буџетско планирање. Впрочем, и Уставниот суд, во своја одлука го има потврдено посебниот и самостоен институционален статус на МАНУ. Самото овластување за донесување организациска класификација не значи дека со подзаконски акт може да се измени законски утврден институционален статус. Но, сепак, МАНУ, под раководство на акад. Живко Попов, и понатаму ги затвора очите пред нелегитимното загрозување на нејзината организациска, финансиска и севкупна независност. Се поставува прашањето: Зошто?! Ова не е единствен пример. МАНУ молчи и за тендерите, за што пишував во последниот саботен број на „Нова Македонија“.

Заклучок

„Тивка вода брег рони“, вели народната поговорка. Распаѓањето на МАНУ не се случи со гласна одлука. Се случи тивко: со два правилника објавени на последниот ден од годината, со една шифра што исчезнува од републичкиот буџет, со една одложена примена „од технички карактер“. Исто толку тивко се рони и брегот на нејзината самостојност.
Петте слики покажуваат што е сторено. Шестата сè уште не е насликана и неа може да ја наслика само МАНУ. До 1 јануари 2028 година има време. Подзаконски акт не може да го измени статусот што го утврдил закон, а Уставниот суд веќе го потврдил посебниот и самостоен статус на Академијата. Тоа може и мора да се каже: пред Владата, пред Собранието како нејзин основач и, ако треба, пред Уставниот суд.
Цицерон, гледајќи ги сенаторите како молчат, рекол: cum tacent, clamant, со самото молчење викаат. Молчењето на МАНУ денес вика. Прашањето е само како ќе се чуе. Правото одамна има одговор: qui tacet consentire videtur, кој молчи, се смета дека се согласува. Академија што не ја брани сопствената независност тешко ќе може да ја брани независноста на мислата, а токму тоа е нејзината причина да постои. Без тоа, од неа останува само кукла: послушна установа што со наведната глава ги одобрува туѓите одлуки.
На Зафрановиќ му беа потребни 26 слики. На МАНУ ѝ беа доволни пет.