Фото: ЕПА

Денес светот се соочува со три итни предизвици: постојано високи трошоци за живот, планета што „гори“ (прегреана планета) и нагло растечки цени на храната. На болниот му е потребно лекување, а истото тоа важи и за земјите во светот. Сепак, некои одбиваат да признаат дека постои болест, други ги лекуваат само симптомите, а не причините, додека трети – обвинувајќи ги сите освен себеси – пропишуваат лекови што треба да ги пие некој друг.
Кина, од друга страна, доследно се справува со проблемите што произлегуваат од развојот, применувајќи практични и ефикасни решенија. Зајакнувајќи ги темелите на сопствениот развој, таа истовремено, тивко и со конкретни дела, придонесува и за меѓународната заедница.

Ублажување на кризата со високите трошоци за живот

Геополитичките конфликти, трговските бариери и другите нарушувања поттикнаа пораст на цените. Во комбинација со намалувањето на приходите и социјалните надоместоци, тоа го засили незадоволството од јавноста, па дури предизвика и немири во Европа. Во услови на силна глобална инфлација, производствениот сектор на Кина – со своите целосно развиени индустриски синџири и стабилниот капацитет за снабдување од големи обеми, помогна да се ублажи нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката и да се намалат ценовните осцилации, со што се намалија и трошоците за потрошувачите низ светот.
Во развиените земји, достапните и висококвалитетни кинески производи ги задоволуваат разновидните потреби на потрошувачите – од ситни производи, како кабли за пренос на податоци и преносни полначи, до мебел, апарати за домаќинство и паметни возила. Во 2025 година, додека се закануваа царински војни, „Њујорк тајмс“ објави карикатура што прикажуваше како би изгледало едно обично американско домаќинство без производите направени во Кина. И Европската централна банка јавно призна дека зголемениот увоз на производи за секојдневна потрошувачка од Кина придонел за пад на цените, ублажувајќи го притисокот од трошоците за живот врз домаќинствата.
Трендот наречен „чајна хол“ („China Haul“), односно масовно купување при посета на Кина, стана вирален во странство. Странските посетители пристигнуваат во Кина со празни куфери, а заминуваат со куфери полни со високотехнолошки уреди, облека, козметика и популарни колекционерски предмети. Дури и кога ќе се пресметаат трошоците за повратните авионски билети, многумина велат дека заштедата од купувањето ги покрива трошоците за патувањето.
Во земјите во развој, кинеската опрема помага да се направи исчекор кон индустријализацијата. Соларните панели, ветерните турбини, системите за складирање енергија, железничките транспортни системи и телекомуникациската опрема постепено се претворија од луксуз во производи по пристапни цени, достапни за широка употреба. „Фајненшл тајмс“ објави дека пакистанските компании што купуваат кинески соларни модули можат да ги намалат трошоците за електрична енергија до 70 проценти. „Оксфорд економикс“ истакна дека речиси половина од кинескиот извоз го сочинуваат полупроизводи и меѓупроизводи, кои претставуваат основа за развој на индустријата во земјите од глобалниот југ.
Постојаната глобална инфлација е тесно поврзана со протекционистичките политики. Кина, пак, ја држи својата врата отворена и продолжува со отворање кон светот според високи стандарди. Преку платформи како Кинескиот меѓународен саем за увоз, Кинескиот меѓународен саем за трговија со услуги, Кинескиот меѓународен саем за производи за широка потрошувачка и Кинескиот меѓународен саем за синџири на снабдување, Кина го прошири пристапот до својот пазар и отвори нови канали за трговија со стоки и услуги, како и за соработка во рамките на синџирите на снабдување.

Одговор на климатската криза

Од почетокот на оваа година, глобалното затоплување, дополнително засилено од климатскиот феномен Ел нињо, предизвика екстремни временски услови и природни катастрофи во многу делови од светот. Според Светската метеоролошка организација, климатската нерамнотежа достигна највисоко ниво досега забележано.
Како одговор на тоа, Кина придонесе со практични алатки и технологии за подобра подготвеност за катастрофи низ светот. Податоците од кинеските сателити „Фенгјун“ бесплатно се споделуваат со повеќе од 130 земји и региони, а на повеќе од 20 африкански земји им се донирани приемни станици и системи за анализа. „Мазу“, паметен систем за метеоролошко рано предупредување именуван по кинеската божица на морето, помогна во обуката на повеќе од 1.000 метеоролошки техничари од над 100 земји во развој.
Намалувањето на јаглеродните емисии е еден од клучните начини за справување со климатските проблеми. Кина е на прво место во светот според производството и продажбата на возила на нова енергија, вкупниот инсталиран капацитет на ветерни и соларни електроцентрали, како и производството на водород за енергетски потреби. Уште позначајно е тоа што Кина обезбедува околу 70 проценти од опремата за искористување на ветерната енергија и над 80 проценти од соларните модули на глобално ниво. Само во текот на изминатите пет години, извозот на оваа опрема им помогна на другите земји да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за 4,1 милијарди тони – количество еднакво на она што сите шуми во светот го апсорбираат за четири месеци.
Кинеското производство, исто така, игра конструктивна улога и во справувањето со глобалното затоплување. Преносните сплит-клима уреди произведени во Кина, кои списанието „Тајм“ ги вброи меѓу најдобрите пронајдоци за 2025 година, станаа мошне барани во Европа, каде што температурите во многу земји ова лето ги соборија историските рекорди.

Решавање на кризата со храната

Обезбедувањето сигурни резерви на храна е од особена важност, особено во бурни времиња. Сепак, конфликтите и катастрофите го пренасочија глобалното производство на храна од постојан раст кон опаѓање. Според извештајот „Состојбата на безбедноста на храната и исхраната во светот за 2026 година“, приближно 650 милиони луѓе низ светот се соочиле со глад во 2025 година.
Производството на жито во Кина во 2025 година достигна 715 милиони тони, при што стапката на самодоволност на основните житни култури надмина 100 проценти, а достапноста на жито по жител надмина 500 кг – што е значително над меѓународно признаениот праг за безбедност на храната. Да се прехрани речиси една петтина од човештвото на само 9 проценти од обработливото земјиште во светот, само по себе претставува најголемиот придонес што една земја може да му го даде на светот.
Кина ги користи и своите резерви на жито за итни случаи за да им помогне на земјите што се на работ на недостиг од храна. Во периодот од 2021 до 2024 година, Кина обезбеди итна помош во храна во вредност од речиси 700 милиони јуани за повеќе од 30 земји во Азија, Африка и во Латинска Америка, како и дополнителна помош во износ од една милијарда јуани за Африка, во рамките на Форумот за соработка меѓу Кина и Африка.
Јакнењето на капацитетите е суштинско за долгорочно сигурно снабдување со храна. Убедена дека е подобро некого да научиш да лови риба отколку да му дадеш риба, Кина го постави сигурното снабдување со храна како приоритет на Иницијативата за глобален развој, споделувајќи со десетици земји техники за создавање хибридни сорти, сузбивање штетници и управување со почвата. Денес хибридниот ориз се одгледува на седум-осум милиони хектари годишно во 70 земји од глобалниот југ – доволно за да се прехранат 40–50 милиони луѓе. Не е ни чудо што Мадагаскар прикажа хибриден ориз на своите банкноти, а африкански земјоделци патуваа илјадници километри до Кина за да му оддадат последна почит на Јуан Лонгпинг, кинескиот агроном што прв ги создаде хибридните сорти ориз во светот.
Кинескиот рецепт за наведените предизвици не е сложен. Неговите основни состојки се мирен соживот, заемна корист, инклузивност и практично дејствување. Тој не бара брзи решенија или привремено олеснување, туку постепен напредок во зајакнувањето на темелите за одржлив развој. Времето на крајот ќе ја потврди неговата вредност.

Авторот е коментатор за меѓународни прашања што редовно пишува за „Синхуа њуз“, „Глобал тајмс“, „Чајна дејли“, „Си-џи-ти-ен“ итн.

Автор: Шао Сја