БРИСЕЛ ПОДГОТВЕН ДА ГИ РЕДЕФИНИРА УСЛОВИТЕ ЗА ПОВТОРНО ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
- Европската Унија е подготвена да покаже значителна флексибилност доколку Лондон побара повторно членство, вклучително и можноста Велика Британија повторно да добие изземања од воведувањето на еврото и од шенгенската зона. Според информации на „Политико“, повикувајќи се на европски функционери запознаени со пристапот на Унијата, Брисел не ја исклучува можноста за посебен модел на пристапување, приспособен на британските политички и институционални околности. Новиот британски премиер Енди Бернам веќе најавува поинаков пристап кон европската интеграција и не ја исклучува можноста за враќање во Унијата во текот на својот животен век
Брисел е подготвен да покаже значителна политичка и институционална флексибилност доколку Лондон официјално се одлучи за повторно приклучување на Велика Британија кон Европската Унија. Тоа е суштината на најновата дипломатска порака од европските институции, која ја објави реномираниот медиум „Политико“, повикувајќи се на двајца високи функционери на ЕУ запознаени со пристапот на европскиот блок. Според овие информации, на Обединетото Кралство би можело да му биде дозволено повторно да стане членка на Унијата без обврска да ја воведе заедничката европска валута – еврото, како и без приклучување кон шенгенската зона, односно под услови што во значителна мера би потсетувале на специјалниот статус што го имаше пред брегзит.
– Во теорија постои стандарден пристап, но во практиката гледате дека тој е пофлексибилен. Постојат различни модели – изјавил еден од европските функционери за „Политико“. Оваа порака има особено политичко значење, бидејќи доаѓа во момент кога односите меѓу Брисел и Лондон влегуваат во нова фаза на приближување, а британското политичко раководство сè поотворено зборува за последиците од напуштањето на Унијата. Станува збор за можен пресврт во европската политика кон Велика Британија. Наместо досегашниот став дека евентуалното повторно членство би морало да се одвива според целосно новите правила за земјите кандидати, Брисел испраќа сигнал дека е подготвен да разгледува и посебни решенија. Тоа, секако, не значи дека повторното членство е договорено или дека Лондон веќе започнал формална постапка за пристапување. Но политичката порака е дека ЕУ не сака вратата за Британија да остане затворена, особено во услови на пошироко геополитичко и економско преструктурирање на европскиот простор.
Еврото и шенген – најголемата преговарачка отстапка за Лондон
Најзначајниот елемент во новата бриселска позиција е подготвеноста да се разгледа можноста Велика Британија да се врати во Унијата без обврска за воведување на еврото и без приклучување кон шенгенската зона. Ова се две прашања што отсекогаш имаа посебна политичка тежина во британското општество и беа дел од специфичниот статус што Лондон го имаше за време на децениското членство во ЕУ. Сепак, евентуалното повторно пристапување не би било едноставно враќање на часовникот во периодот пред брегзит. Велика Британија би морала да преговара за нови услови, а нејзините претходни изземања не се автоматски гарантирани со самото поднесување барање за членство. Токму затоа новата подготвеност на Брисел да покаже флексибилност има толкаво значење. Таа сугерира дека европските институции се подготвени да ги разгледуваат специфичните политички околности на Лондон наместо однапред да инсистираат на универзален модел. Од друга страна, во британската политичка јавност и понатаму постојат силни евроскептични позиции. Дел од противниците на повторното членство сметаат дека враќањето во ЕУ би значело прифаќање нови обврски, губење дел од националната самостојност во одлучувањето и повторно отворање на прашањата што ја поделија земјата во периодот пред референдумот во 2016 година. Анкетата на „ЈуГов“ покажува дека расположението во британската јавност значително се менува зависно од условите за евентуално враќање. Начелно, 55 проценти од Британците го поддржуваат повторното членство, наспроти 34 проценти, кои се против. Но доколку услов за пристапување станат и еврото и шенгенската зона, поддршката паѓа на 35 проценти, додека противењето се зголемува на 43 проценти. Овие бројки ја покажуваат суштината на британската дилема: значителен дел од граѓаните сакаат повторно приближување кон Европа, но не по цена на целосно напуштање на политичките и институционалните изземања што Велика Британија ги имаше пред брегзит. Тука се наоѓа и една од најважните преговарачки точки за Брисел. Доколку сака повторно да ја привлече Британија, Унијата ќе мора да најде рамнотежа меѓу принципот на еднакви обврски за членките и реалните политички ограничувања со кои се соочува британската влада.
Бернам ја менува британската политичка матрица за Европа
Новата динамика во односите меѓу Лондон и Брисел е тесно поврзана и со политичкиот пресврт во Велика Британија, каде што премиерот Енди Бернам сè поотворено ја доведува во прашање успешноста на брегзит. Бернам оцени дека напуштањето на Европската Унија не ги исполни очекувањата со кои беше оправдувано и најави дека сака да отвори поширока политичка дебата за идните односи на земјата со европскиот блок. Неговиот став претставува значително отстапување од политичката воздржаност на претходниот премиер Кир Стармер, кој не ја поддржуваше идејата за повторно членство во текот на својот политички мандат. Бернам, пак, отиде чекор понатаму, изјавувајќи дека би сакал да ја види Велика Британија повторно во Европската Унија во текот на својот животен век. Тој дури ја отвори и можноста прашањето за повторното пристапување да стане дел од идната изборна платформа на лабуристите. Сепак, британскиот премиер не најавува непосредна промена на државната политика. Напротив, нагласува дека евентуалните чекори ќе зависат од расположението на јавноста и дека нема да дејствува спротивно на изборниот мандат што го добил. Особено чувствителни остануваат прашањата за еврото, шенгенската зона и слободното движење на луѓето. Бернам досега испраќаше сигнали дека не би препорачал решение што би подразбирало автоматско прифаќање на овие обврски, што дополнително ја објаснува важноста на новата флексибилност што ја најавува Брисел. Според британскиот политички календар, следните општи избори треба да се одржат најдоцна до јули 2029 година. Оттука, секоја посериозна промена на односите со Унијата би можела да бара нов политички мандат и поширока јавна поддршка.
Лондон и Брисел подготвуваат нов пакет за стратешко приближување
Паралелно со дебатата за евентуалното повторно членство, Лондон и Брисел веќе работат на конкретни механизми за продлабочување на меѓусебната соработка. На 20 ноември, премиерот Бернам треба да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Брисел, на средба на која се очекува да биде потврден нов пакет мерки за олеснување на односите по брегзит. Преговорите за овие мерки започнаа во времето на претходната британска влада, а нивната суштина е отстранување на дел од административните, трговските и регулаторните бариери што се појавија по напуштањето на единствениот европски пазар. Пакетот опфаќа олеснување на трговијата со прехранбени производи, воспоставување нов режим за мобилност на младите луѓе, како и поврзување на системите за тргување со емисии на јаглерод диоксид. Но политичкото значење на средбата може да биде многу поголемо од конкретните договори. Се очекува британскиот премиер да ги отвори и можностите за поширока ревизија на односите со Унијата, вклучително и евентуално приклучување кон единствениот пазар или царинската унија, како и долгорочната перспектива за целосно повторно членство. Токму оваа постепеност може да биде клучна за политичкиот успех на новиот пристап. Наместо веднаш да се отвори најчувствителното прашање – повторното членство – двете страни најнапред би можеле да воспостават поцврста економска, регулаторна и институционална поврзаност. За Брисел, тоа би значело враќање на еден од најважните европски економски и безбедносни партнери во орбитата на европската интеграција. За Лондон, пак, би претставувало можност да ги намали економските и политичките последици од брегзит, без веднаш да се соочи со најтешките домашни политички прашања. Сепак, европските институции засега немаат формален став за конкретните услови за повторно пристапување, бидејќи Велика Британија сè уште нема поднесено официјално барање за членство. Затоа, изјавите за можните отстапки треба да се разберат како политички сигнал и индикација за пристапот што Брисел би можел да го заземе во евентуални идни преговори, а не како веќе договорена понуда. Во секој случај, отворањето на можноста Британија повторно да се врати во европскиот блок под услови што би ги зеле предвид нејзините специфични околности претставува сериозен политички сигнал. Тоа е и признание дека последиците од брегзит создадоа нови реалности и во самата Британија и во Европската Унија. Ако првиот сигнал беше испратен преку идејата за нов привилегиран статус на Канада, сега вториот доаѓа преку подготвеноста за флексибилност кон Велика Британија. Двете иницијативи, иако различни по својата институционална и политичка природа, отвораат слично прашање: дали Европската Унија почнува да размислува за поширок модел на интеграција, во кој стратешките партнери би можеле да добијат посебно место во европската политичко-економска архитектура? Брисел очигледно сака да ја задржи таа можност отворена. А доколку Лондон навистина се одлучи на патот кон повторно членство, брегзит би можел да остане не само најголемиот политички експеримент на современа Британија туку и процес чии последици на крајот ќе ја натераат земјата повторно да се сврти кон Европа.
Договорено олеснување на извозот, се преговара за заедничка набавка на оружје
Велика Британија и ЕУ претходно постигнаа договор за олеснување на извозот на храна и земјоделски производи. „Би-би-си“ дознава дека нацрт-текстот од 200 страници за овој договор е дистрибуиран до земјите од ЕУ за разгледување на денешен состанок во Брисел. Како резултат на договорот, британската владата тврди дека економијата на Велика Британија на крајот ќе види годишни придобивки во вредност од 5,1 милијарди фунти. Државјаните на Европската Унија ќе плаќаат исти универзитетски такси како и британските студенти како дел од поширок договор за зајакнување на врските меѓу двете страни. На британските државјани ќе им бидат понудени исти тарифи како и на локалното население во земјите од ЕУ, според извори запознаени со ова прашање. Велика Британија ќе почне преговори со европските сојузници за нејзината заедничка шема за набавки на оружје. Сојузниците се заинтересирани да продолжат со преговорите за шемата на Мултилатералниот одбранбен механизам предводена од Велика Британија за заедничко набавување, складирање и синџири на снабдување со оружје, изјавија за „Политико“ четворица функционери што беа информирани за дискусиите и добија анонимност за да разговараат за чувствителни дипломатски и безбедносни прашања. Шемата МДМ првпат беше објавена од владата на претходниот британски премиер Кир Стармер во март, заедно со Холандија и Финска, додека Полска се приклучи во јули. Таа е поддржана од 400 милиони фунти финансирање од Британскиот план за инвестиции во одбраната, а сојузниците сега бараат начин да постават пат до свои финансиски придонеси. Р.С.
































