Наташа Гелева-Лени, фотографка
- Сакав монографијата да биде сведоштво каде што еднакво место ќе имаат и главните протагонисти на сцената, но и сите оние што беа во заднина и ја поддржуваат, бидејќи само така може да се прикаже вистинскиот мозаик на нашето колективно живеење, вели Лени
Фотографката Наташа Гелева-Лени неодамна ја постави изложбата „20 години архива на независната културна сцена“ во Културно-информативниот центар. Наедно ја промовираше и монографијата „20 години архива на независната културна сцена“ во издание на „Илика“.
Како што подвлекува кураторот Владимир Јанчевски, фотографиите на Гелева дејствуваат како места на отпор: го забавуваат времето и создаваат еден многу природен континуитет. Тие сугерираат дека културната мемориjа не е изградена од големи наративи, туку од мали упорни чинови на гледање и паметење. Документираjќи jа често занемарената сцена со внимание, во контекстот во коj се создава, таа повторно jа бара фотографиjата не како спектакл, туку како разговор – меѓу луѓето, меѓу минатото и иднината, меѓу она што се гледа и она што треба да се доживее и да се преживее.
Изложбата и монографијата „20 години архива на независната културна сцена“ на Наташа Гелева-Лени се создадени од тим што ги вклучува самата уметница, уредниците на „Илика“, кураторот Владимир Јанчевски, дизајнерите Ема Велковска, Марија Смилевска и Оливер Илиевски.
Кога зборуваме за 20 години архива на независната сцена, каква сцена всушност гледаме низ твоите фотографии? Како би ја опишала независната сцена низ сè што си документирала низ годините? И, еве, можеби омилен сегмент од сето она што поминало низ твојот објектив?
Кога ќе ја погледнам оваа дваесетгодишна архива како целина, независната културна сцена во Скопје би ја опишала едноставно како жилава, пркосна и водена од чист и незапирлив внатрешен нагон. Таа отсекогаш била маргинализирана од доминантните мејнстрим-структури, но успева да опстане и покрај целосната општествена запоставеност. И покрај тоа што финансиите во културата постојано се намалуваат, луѓето не престануваат да се занимаваат со уметност. Сцената не е голема, но нејзиниот континуитет е очигледен, додека едни си заминуваат или се откажуваат, доаѓаат нови млади луѓе што сакаат да остават свој белег во неа.
Мојот омилен сегмент низ сиве овие години се човечките лица и нивните експресии. Ме привлекуваат оние искрени моменти кога луѓето воопшто не се свесни за камерата, но и оние кадри во кои тие свесно и директно комуницираат со мене преку објективот.
Зошто се одлучивте да направите едно дело посветено токму на независната сцена? Каков документ или трага би сакале да оставите со монографијата?
Се одлучив за независната сцена едноставно затоа што и самата сум дел од неа и со години документирав настани што естетски или идеолошки се блиски до мојот личен вкус. Со оваа книга би сакала да оставам еден искрен, емотивен и многу личен документ за времето во кое живеевме и творевме. Голем дел од луѓето и просторите што ја сочинуваа оваа приказна веќе ги нема или полека исчезнуваат, па затоа мојот главен стремеж беше да оставам трајно сведоштво и трага за нивното постоење и за нивниот труд за идните генерации. Но покрај зачувувањето на меморијата, со монографијата би сакала да испратам и една многу важна порака до заедницата, дека мора искрено да го почитуваме делото на другите околу нас и гласно да ги поддржуваме и да ги вреднуваме уметниците и културните работници додека се тука и додека се живи.
Тешко ли беше да се направи селекцијата? Како ги избиравте фотографиите…?
Селекцијата беше дефинитивно најтешкиот дел од работата на монографијата, процес на кој интензивно работев две години. Кога пред себе имате толку обемен материјал, многу е тешко да се постави објективна дистанца. Претселекцијата ја правев сама, а потоа изборот на фотографии за книгата го правевме заедно со уредничката Катерина Шекутковска од издавачката куќа „Илика“, додека за изложбата со кураторот Владимир Јанчевски, кој наедно го напиша воведниот текст за монографијата.
Нормално е дека има фотографии што имаат огромно лично значење за мене, бидејќи се поврзани со мои блиски пријатели и соработници, но клучно ни беше како тие функционираат заедно како целина, на една страница во книгата или на изложбениот ѕид. Исто така сакавме да обезбедиме правична и рамномерна застапеност на различните места, настани и луѓе. Сакав монографијата да биде сведоштво каде што еднакво место ќе имаат и главните протагонисти на сцената, но и сите оние што беа во заднина и ја поддржуваат, бидејќи само така може да се прикаже вистинскиот мозаик на нашето колективно живеење.

Од импресивното ваше искуство, што ја прави една сцена независна… и колку независната сцена кај нас е независна?
Една сцена ја прават независна пред сè слободата на изразување, нејзиниот естетски пркос и одлуката да се твори надвор од наметнатите партиски калапи или комерцијални пазари. Но прашањето колку независната сцена кај нас е навистина финансиски независна е сосема поинаква реалност. Иако културните настани од независната сцена често се формално поддржани од Министерството за култура или од други странски фондови, од лично искуство на работење на фестивал многу добро знам колку тие средства се во суштина недоволни. Тие не го покриваат огромниот личен труд вложен од страна на организаторите и исцрпувачката придружна административна работа. На крајот на денот, никој досега не се збогатил работејќи на независната сцена.
Дури и оние изложби и проекти што се организирани од самите државни институции не добиваат доволно средства. Самите институции се во толку незавидна и руинирана состојба, што во нив се раѓа еден вид внатрешна „независна сцена“. Тоа значи дека и таму многу зависи од ентузијазмот, тврдоглавоста и од добрата волја на поединци што работат во тие куќи. Затоа, кај нас независноста не се мери со пари, бидејќи парите се секогаш премалку, туку се мери со истрајноста на индивидуалецот да ја зачува својата автентичност и да не се откаже и покрај тоа што условите се такви какви што се.
Какви настани и моменти од независната сцена успеа да забележиш низ објективот? Со какви сведоштва е преполнета вашата фотоархива…?
Во оваа монографија и изложба успеав да соберам еден навистина шарен и автентичен мозаик од места, ликови, фестивали, алтернативни кафе-барови, концерти, самостојни изложби, театарски претстави, радикални перформанси, улични протести, ноќни журки, дрег-шоуа, независни иницијативи во Скопје и во неколку други града низ Македонија, па дури и неколку автопортрети. Има моменти што се фатени со специфична доза хумор и иронија, но има и кадри што во себе носат носталгија, затоа што некои од тие луѓе или култни места веќе физички ги нема, но преку овие фотографии остануваат засекогаш зачувани од заборавот.
Какво е чувството да се биде 20 години набљудувач и следбеник на независната сцена? Какви разлики бележите низ годините, каква трансформација има на независната сцена?
Овие дваесет години не сум само набљудувач на сцената туку и нејзин активен учесник, инсајдер, па затоа чувството е како да поминав низ едно долго, интензивно и емотивно патување. Денес чувствувам огромно задоволство и исполнетост, бидејќи со оваа монографија успеавме да спасиме од сигурен заборав едно значајно парче од вистинската нецензурирана историја на градот.
Што се однесува до разликите и трансформацијата, најголемата промена ја гледам во начинот на кој сцената денес функционира во физичкиот простор. Некогаш алтернативниот живот во Скопје имаше многу повеќе слободни точки на мапата каде што можеше природно да се случува култура. Денес, сведоци сме на сурово стеснување – јавните и културните простори кај нас масовно се комерцијализираат или едноставно исчезнуваат, што остава сериозни празнини во урбаното живеење. Но, од друга страна, иако финансиите во културата се сè помали, а просторите поретки, новата генерација и новите младински колективи покажуваат неверојатна тврдоглавост и истрајност. Формата и местата неминовно се менуваат, но чистиот внатрешен нагон и пркосот на луѓето остануваат целосно исти како и пред дваесет години.
































