Фото: ЕПА

КОШАРКА – НА 73. НБА ОЛСТАР- ВИКЕНД ВО ИНДИЈАНАПОЛИС

Индијанаполис првпат по 39 години беше домаќин на традиционалниот 73. олстар-викенд во кошаркарската НБА-лига, кој секогаш предизвикува голем интерес, особено натпреварите во забивање и во шутирање тројки.
Кошаркарот на Милвоки, Дамиен Лилард ја одбрани титулата во шутирање тројки, нешто што последен пат му успеа на Џејсон Капано во 2008 година. Во конкуренција на Донован Мичел, Малик Бизли, Лаури Маркенен, Џејлен Брансон, Тре Јанг, Карл Ентони Таунс и Тајрис Халибуртон, едвај влезе во големото финале, но потоа во директниот дуел беше подобар од Јанг и од Таунс уфрлувајќи 26 коша.
Во натпреварувањето, кое првпат беше воведено годинава, на најдобрите шутери на денешницата во машка и во женска конкуренција, Стеф Кари беше подобар од Сабрина Јонеску, ѕвездата на женската ВНБА-лига и клубот Њујорк либерти, која на ланскиот олстар-викенд победи во натпреварувањето за три поени постигнувајќи 37 од можните 40 поени.
Мек Мекланг, кој настапува во развојната лига за Орландо, ја одбрани титулата на натпреварот во забивање, а тоа му успеа откако ја заби топката во кошот преку легендата на американската кошарка Шекил О’Нил. Мекланг во последната рунда се натпреваруваше со Џејлен Браун од Бостон.

Викендот го отворија младите таленти на турнирот „Ѕвезда во подем“. Признанието за најкорисен кошаркар (МВП) го освои Канаѓанецот Бенедикт Матурин, член на Индијана. Играчите беа поделени во четири екипи, чии тренери беа поранешните кошаркари Џејлен Роуз, Детлеф Шремпф, Пау Гасол и Тамика Кечингс. Тимот на Пау Гасол, за кој настапи најголемиот фаворит за епитетот дебитант на годината, Французинот Виктор Вембањама, загуби во полуфиналето од тимот на Шремпф (36-41). Во второто полуфинале, тимот на Роуз го совлада тимот на Тамика (40-35), а потоа го крена и славеничкиот трофеј. Во ова натпреварување, полуфиналните дуели се играа до 40 поени, финалниот до 25, а временски тие траеја по околу дваесетина минути.
Главниот настан, дуелот помеѓу олстар-тимовите на Истокот и на Западот и нивните ѕвезди, беше предвидено да се одржи рано утринава. Г.И.