Фондот за здравствено осигурување изразува изненадување од јавно изнесените тврдења на претседателот на Здружението на приватни гинеколози и акушери д-р Георги Костадинов со кои се создава погрешна слика за комуникацијата и подготвеноста на Фондот за дијалог, вели Министерството за здравство.
– Фактите се јасни. На 28 октомври 2026 година д-р Костадинов, заедно со претставници на приватните гинеколози, оствари работна средба со генералниот директор на Фондот и претставници на стручните служби. На средбата беа разгледани отворените прашања и беше договорено продолжување на разговорите- се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека на денешната средба, организирана токму за разгледување на предложените договорни решенија, наместо аргументирана дискусија, претседателот на Здружението не понуди конкретни образложенија за своите ставови и ја напушти средбата.
– Фондот смета дека ваквиот пристап не придонесува за решавање на отворените прашања. Преговорите се водат на маса, со аргументи и конкретни предлози, а не преку создавање погрешна претстава во јавноста – се вели во соопштението.
Од ФЗО потенцираат дека во однос на барањето во договорите да бидат наведени видот, обемот и фреквенцијата на гинеколошките прегледи опфатени со капитацијата, Фондот појаснува дека овие прашања се уредуваат со соодветната законска и подзаконска регулатива и медицинските стандарди, а не со поединечните договори со избраните лекари. Договорите ги уредуваат меѓусебните права и обврски, како и условите и начинот на финансирање.
– Сепак, Фондот е подготвен да формира заедничка работна група со претставници на Здружението, која ќе ги анализира доставените предлози и, доколку постои основана потреба, ќе иницира соодветни измени на релевантните подзаконски акти. Фондот ги почитува приватните матични гинеколози како значаен дел од здравствениот систем и останува отворен за професионална соработка – наведуваат од ФЗО.
Од ФЗО велат дека интересите на осигурениците, достапноста на здравствените услуги и почитувањето на прописите остануваат највисок приоритет за нив.
– Фондот нема да дозволи јавните полемики да го заменат суштинскиот дијалог, бидејќи нашата заедничка обврска е да обезбедиме подобра, поквалитетна и подостапна здравствена заштита за граѓаните – наведуваат во соопштението, кое го пренесува МИА.

































