Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонските градежни компании во одредени периоди градеа низ целиот свет и добиваа признанија за својата работа, а сега политичарите сѐ почесто излегуваат со констатации дека станува збор за комплексни проекти и дека домашните компании не можат да одговорат на предизвикот, дека немаат капацитет, иако реалноста е сосем поинаква. Прашањето е како некој го проценил капацитетот на домашните компании ако цело време бизнисите им ги дава на странци

Македонските градежници бараат да не бидат потценувани

Повеќегодишното отсуство на домашните компании во реализацијата на инфраструктурни проекти во земјава говори дека државата не им дава доверба на домашните градежни компании, па ангажира странски компании, кои работат неколкукратно поскапо и кои само го собираат финансискиот кајмак, додека работите на терен повторно ги изведуваат македонски компании, но како подизведувачи.
Ваквиот начин на работа носи само огромни задолжувања на граѓаните, кои со години ќе треба да ги плаќаат огромните кредити што ги подига државата за разни инфраструктурни проекти што на тендерите ги добиле странски компании, а во исто време домашните градежни компании мака мачат како да опстанат во такви нерамноправни услови.
Антикорупционерите од претходниот состав предупредија дека токму ваквите договори со странските градежни компании отвораат простор за коруптивни активности од страна на оние што ги склучуваат, а сомнежот станува уште поголем со тоа што јавноста е лишена од содржината на склучените договори поврзани со изградбата на голем број инфраструктурни проекти.
– Во одредени периоди градевме на четири-пет континенти, а сега не можеме да градиме дома. Сѐ почесто слушаме од нашите политичари дека не нѐ бива, дека немаме капацитет. Но, како може да имаме капацитет ако сите работи ги работат странци? Како ќе го развиеме градежништвото ако сите капитални работи им ги давате на компании што не се одовде? Зошто се елиминираат нашите компании, не само градежните, за да се донесат други, кои по квалитет не се подобри? Тие ги користат нашите работници. Ниту една градежна фирма што дошла во земјава не донела свои инженери и работници, туку ги зема нашите, тие во кои ние вложуваме. Потоа, со малку поголема плата, странските фирми ни ги земаат работниците. Што ни недостасува за да имаме сопствена економија? Патриотизам, знаење, љубов спрема сопствената држава? Дали ќе сфатиме дека оваа држава можеме да ја направиме ние и дека ако не постојат домашни фирми, не може да има развој? Ако 90 отсто од инвестициите тука ги градат странци, каде ќе одат нашите фирми – отворено прашува Страшо Милковски, претседател на управниот одбор на „Гранит“.
Според него, клучниот проблем е што власта нема слух за капацитетите на македонските компании.

Каде е сега градежништвото што беше ударна сила во развојот на македонското стопанство?! Оваа држава ја направија македонските фирми, а не странските. И браните исто така. Нема доволно слух од ниту една влада досега. Го зедоа тоа што им требаше, тоа што ним им користеше во моментот, но никојпат не нѐ сфатија сериозно, сметаат од фелата на градежниот бизнис

– Проблемот е што нема слух кај власта, не ги слушаат нашите мислења, повеќе се респектира тоа што е дефинирано како политика. Оваа држава ја направија македонските фирми, а не странските. И браните исто така. Немавме доволно слух од ниту една влада досега. Го зедоа тоа што им требаше, тоа што ним им користеше во моментот, но никојпат сериозно не нѐ сфатија. Често бараа мислење за одлуки што веќе ги донеле – нагласи Милковски, потсетувајќи дека порано градежништвото беше ударна сила во развојот на македонското стопанство.
Негово мислење е дека ако сега се проектирал автопатот Кичево-Охрид, ќе изгледал многу помодерно и по него побрзо ќе се стигнувало во Охрид.
За него е чудно како земјава сега не може да ја направи „Чебрен“ ако во 1942-1943 година, кога имала само четири-пет инженери, ги направила, како што нагласи, сите хидроцентрали.
Милковски заклучи дека на раководни функции се поставуваат луѓе што немаат доволно искуство за големи проекти и порача дека мора да има тесна поврзаност меѓу науката, производството и политиката.
Бизнис-секторот уште еднаш потсети дека и домашните компании имаат капацитет, знаење и долгогодишно работно искуство, но им недостига поголема поддршка. Економијата не може да се развива ако сите капитални проекти ги работат странски фирми, затоа е потребно да се води повеќе сметка за ангажманот на домашните компании. Тие апелираат дека е крајно време некој да го препознае нивниот напор, Македонија да стане земја препознатлива по вредните и квалификувани работници, кои произведуваат работи со додадена вредност. С.Т.