Бланка освои бронза во слалом на Игрите во Албервил 1992, а братот Франциско злато во слалом во Сапоро 1972 година

ПОЗНАТИ ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ СЕМЕЈСТВА

Постојат голем број значајни „зимски“ олимписки семејства, спортисти што имаат родители, браќа, сестри или други блиски роднини, кои поседуваат исто количество талент и спортски способности. На Олимписките игри (ОИ) учествуваат некои од најразновидните спортисти од целиот свет. Но верувале или не, некои од овие спортисти излегуваат од ист дом, се наведува во статијата на „Ен-би-си спорт“. Во продолжение ви ги претставуваме најзначајните олимписки семејства и за кои спортови тие се специјалисти.
ТАТКО И СИН: За време на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Солт Лејк Сити 2002 година, Венецуелецот Вернер Хегер се натпреваруваше во санкање како и неговиот син Кристофер. Тие беа единственото дуо татко – син што некогаш се натпреварувало на ист настан на ЗОИ. Друга семејна врска е помеѓу Австриецот Матијас Маер и неговиот татко Хелмут Маер, освојувачи на медали во алпско скијање. Матијас има три злата, во спуст од Сочи 2014, и две во супервелеслалом од Пјонгчанг 2018 и Пекинг 2022, плус бронза во спуст од Пекинг. Хелмут, пак, сребро во супервелеслалом во Калгари 1988 година.
ТАТКО И ЌЕРКА: Норвежанецот Од Мартинсен се закити со сребро на 30 км крос-кантри на Игрите во Гренобл 1968 година. Неговата ќерка, Бенте Скари-Мартинсен, ја освои бронзата во истото натпреварување, во Солт Лејк 2002.
МАЈКА И СИН: Американскиот алпски скијач Рајан Кокрен-Сигл го освои сребрениот медал во супервелеслалом во Пекинг. Тој е член на кланот „Кокрен скијачи“ на Вермонт. Неговата мајка, Барбара Ен Кокрен, се закити со злато во слалом на Игрите во Сапоро 1972 година.
БРАТ И СЕСТРА: На исти ЗОИ неколкупати учествувале браќа и сестри. Семејството Фернандез Очоа од Шпанија се состоеше од тројца браќа и две сестри. Нивниот татко водеше локална скијачка школа и сите пет деца учествуваа на ЗОИ, во алпско скијање. Бланка освои бронза во слалом во Албервил 1992, а братот Франциско злато во слалом во Сапоро 1972 година. Другите браќа, Хуан Мануел, Луис и сестрата Долорес, исто така се натпреваруваа на ЗОИ. Хуан Мануел во Инсбрук 1976, Луис во Сараево 1984 и во Калгари 1988, а Долорес на Игрите во 1984 година, со Луис. Италијанците Фулвио Валбуса и Сабина Валбуса, уште една олимписка двојка, браќа и сестри, настапија на пет ЗОИ во крос-кантри.
СЕСТРИ: Хана и Мариса Брант се натпреваруваа во хокеј на мраз на Игрите во Пјонгчанг 2018 година. Хана за САД, а Мариса за Кореја. Сестрите Дуфур-Лапонт се натпреваруваа во скијање слободен стил, во Сочи 2014 година. Џастин го освои златото, Клои среброто, а третата сестра Максим беше 12-та. Французинките Ен-Мари, Маргарет и Тереза Ледук се натпреваруваа во алпско скијање, во слалом, на Игрите 1960 година.
БРАЌА: Најмногу браќа се натпреварувале на Игрите во Калгари 1988 година. Тогаш четворицата браќа, Едуардо, Хорхе, Адријан и Роберто Тамес, го сочинуваа тимот на Мексико во боб. Аргентинците, браќата Маркос Луис, Мартин Томас и Матијас Хозе Херман, учествуваа на Игрите во Инсбрук 1976 година, во крос-кантри.