Џезстетика

(кон истоимената книга црно-бели фотографии на Татјана Ранташа, „АвантПрес“, Скопје, 2021)

Кога се заразив со фотографијата, моите полудеа. Бев на втора година електротехника, ги влечев испитите и постојано фотографирав.
Во бањата направив фотолабораторија, таму, во темница, ги развивав и сушев црно-белите фотки. Почнаа да ме викаат на изложби – македонски, југословенски, па меѓународни…
Дома настана паника: – Што мислиш ти да правиш со себе, да бидеш угурсуз, потрчко, да те пикаат во секакви папазјании кога ќе им текне, тоа ли е работа за еден интелектуалец?!
Само баба ми молчеше. Подоцна, кога целиот изнервиран отрчав во мојата соба, таа влезе и ми кажа, необично спокојно: – Ти треба самиот да решиш, сине. Ти, а не татко ти, ни мајка ти.
Заменете го фотоапаратот со гитара, и ова ќе е вистинска џез-приказна.

* * *

Почувствува јадеж во прстите. Веќе четири, не, веќе пет дена го нема допрено инструментот. Вознемирен го побара. И го здогледа, блескаво податлив.
Не ја гледаше публиката, но сеќаваше дека е многубројна, дека го исчекува. Многу добро ја познаваше таа атмосфера.
Уште пред да седне, пред меко да ги спои прстот и типката во првиот тон, знаеше дека добро ќе го свири тоа проклето џез-парче, кое дотогаш сѐ уште не успеваше да го дофати, па изнемоштен бегаше надвор, во безимените троми улици, надвор од жената, од инструментот.
Но веќе со првите звуци, ја сети топлината. Ги затвори очите. Го одбра коњот. Бел ждребец со црна ѕвезда на челото. Минуваше од лесен трк во галоп. Музиката потреперуваше низ движењата на неговите елегантни, долгнавести мускули.

* * *

Гитаристот импровизира. Онака бавно и лежерно. Другите од бендот престануваат да свират. Го слушаат, додека импровизацијата не приврши.
На жиците од гитарата се останати само „ми“ и „сол“. Наскоро, одлетаа и тие…

* * *

Чекорите ги усогласувам со ритамот на Долгопрстиот. Типките на пијаното просто се лепат за неговите долги прсти на неостварен хирург и нивното одолжено довикување ме доведува до центарот.
Таму здогледувам неколкумина генерациски другари, кои ме очекуваат поради групниот портрет.
Се местам меѓу нив, како некогаш на училишните приредби.
Чекаме само „клик“ на фотоапаратот.