Фото: Маја Јаневска - Илиева

Во Нови Сад денеска беше одбележан јубилејот – 80 години од населувањето на Македонците во Војводина, на свечена академија на која се обратија македонскиот премиер Христијан Мицкоски, српскиот премиер Ѓуро Мацут и други високи претставници, пренесе МИА.

Во своето обраќање, Мицкоски порача дека народот кој ги чува своите корени, јазик и култура никогаш не се губи и секогаш има иднина.

-Да испратиме порака дека човечката блискост е посилна од поделбите, дека културата е посилна од заборавот и дека идентитетот не се чува само со зборови, туку со живот, љубов и достоинствено пренесување на вредностите од генерација на генерација – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонците, без разлика каде живеат – во Македонија, Србија или каде било во светот – остануваат дел од едно големо духовно, историско и културно семејство.

Обраќајќи им се на младите Македонци во Србија, Мицкоски ги повика да не го забораваат мајчиниот јазик, традицијата и културното наследство.

-Бидете современи, успешни и образовани, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор, која песна ви ја пееле вашите родители и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци – истакна премиерот.

Тој го цитираше и Блаже Конески, потсетувајќи дека „во јазикот е нашата судбина“, нагласувајќи дека јазикот е повеќе од средство за комуникација – тој е култура, паметење и духовен дом.

Мицкоски оцени дека Војводина претставува пример за соживот и почитување на различностите, додавајќи дека Македонците имаат значајно и заслужено место во нејзиниот општествен и културен живот.

Во говорот тој се осврна и на односите меѓу Македонија и Србија, истакнувајќи дека двата народа ги поврзуваат заеднички вредности, духовност, почит кон семејството и чувството за слобода.

-Ако нешто претставува жив мост меѓу нашите народи, тогаш тоа сте токму вие – Македонците во Србија – порача Мицкоски.

Српскиот премиер Ѓуро Мацут оцени дека јубилејот е повод за гордост и доказ за успешен соживот во различностите.

-Убеден сум дека секој Македонец во Србија се чувствува како дома, бидејќи таа куќа ја градиме заедно. Нашите врски се многу посилни од политичките и соседските односи – тие се семејни – рече Мацут.

Тој нагласи дека Србија ќе продолжи да ја поддржува македонската заедница во зачувувањето на нејзиниот идентитет, јазик и култура.

Претседателката на Владата на Војводина, Маја Гојковиќ, истакна дека Македонците во изминатите осум децении станале нераскинлив дел од општествениот, културниот и економскиот живот на покраината.

Претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија, Зорица Митровиќ, потсети дека македонските семејства кои по Втората светска војна се населиле во Војводина успеале да го зачуваат својот идентитет и истовремено да станат важен дел од мултикултурното општество.

Таа најави иницијатива во Нови Сад да биде поставено спомен-обележје „Мајка Македонија“, кое ќе биде симбол на присуството и придонесот на македонската заедница во Србија.

На свечената академија присуствуваа претставници на владите на Македонија и Србија, локални власти, како и бројни припадници на македонската заедница во Војводина. Во културно-уметничката програма настапија ансамблот „Танец“, Андријана Јаневска и детски хор.