Од работниот состанок на 25 менаџери на националните федерации

Дводневната работилница на сите ни даде шанса да ја препорачаме, да ја претставиме и да ја обликуваме иднината на училишниот проект на ЦЕВ. Горд сум на сите национални федерации што придонесуваат да изградиме подобра иднина за децата. Како раководно тело на европската одбојка, ние сме во привилегирана позиција и мора да го искористиме тоа за да им помогнеме на учителите и на тренерите да им го претстават на децата нашиот спорт на најдобар можен начин, вели Вук Карановиќ, раководител на Одделот за развој на ЦЕВ и поранешен македонски репрезентативец

ОДБОЈКА

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) два дена беше арена за ставови, идеи и за споделени искуства во применувањето на училишниот проект на ЦЕВ, во кој редовно учествува и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Вкупно 25 менаџери на овој проект како претставници на националните федерации беа дел од работилницата на Одделот за развој на ЦЕВ, информираат од ОФМ.
– Дводневната работилница на сите ни даде шанса да ја препорачаме, да ја претставиме и да ја обликуваме иднината на училишниот проект на ЦЕВ. Горд сум на сите национални федерации што придонесуваат да изградиме подобра иднина за децата. Како раководно тело на европската одбојка, ние сме во привилегирана позиција и мора да го искористиме тоа за да им помогнеме на учителите и на тренерите да им го претстават на децата нашиот спорт на најдобар можен начин – вели раководителот на Одделот за развој на ЦЕВ, поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец Вук Карановиќ.
Претставниците на секоја федерација го претставија проектот во својата земја и разговараа за тоа како да се надминат тешкотиите и уште поефикасно да се реализираат поставените цели. Разменувајќи ги стекнатите знаења и анализирајќи ги сопствените практики, менаџерите на проектот ги одредуваа новите чекори што ќе бидат заеднички во насока на ширење на одбојката кај младата популација.
– По одржаната работилница имав можност да го ревидирам она што е веќе изработено кај нас и да направам споредба со она што го прават другите федерации. Иако со Одделот за развој на ЦЕВ одржуваме редовни онлајн состаноци, овој начин на соработка дава поинаква перспектива и можност за подобро да се запознаеме со начинот на работа и примена на училишниот проект во држави што имаат различна култура на однесување и различно функционирање на државниот систем во споредба со нас. Сепак, целта е единствена, а тоа е развој и запознавање на децата со одбојката во рана возраст. Споделените искуства со другите учесници оставаат простор за размислување за тоа како да го подобриме нашиот начин на работа во креативна смисла, за што сум особено среќна – изјави Сања Никчевиќ, менаџерка на овој проект во Македонија. Г.И.