Вложените напори да се продолжи триумфалната низа, која му дава за право на ШК Алкалоид да се нарече еден од најуспешните спортски колективи во Македонија, беа целосно реализирани преку освојувањето нови трофеи во 2023 година

ШАХ

Претставниците на ШК Алкалоид со своите постигнувања на спортски план овозможија годинава да биде запишана како година во која се постигнати резултати вредни за почит, кои ќе бидат репер за иднината. Вложените напори да се продолжи триумфалната низа, која му дава за право на ШК Алкалоид да се нарече еден од најуспешните спортски колективи во Македонија, беа целосно реализирани преку освојувањето нови трофеи во 2023 година.
На поединечните државни првенства во април беа освоени двете титули, и во машка и во женска конкуренција. Велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски го презеде шампионскиот пехар од својот клупски колега интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски, кој, пак, беше шампион во 2022 година, односно триумфира на Отвореното првенство на Македонија со 7,5 поени од девет кола. Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Стојковска го одбрани насловот државна првенка кај дамите со седум поени од девет кола. На ова првенство Никола Бошковски од младинскиот тим Алкалоид беше прогласен за најдобар шахист до 18 години, а Христијан Цакончев ја освои наградата за најдобар во категоријата до 1.800 рејтинг-поени. Екипно, Алкалоид, исто така, ја освои двојната круна триумфирајќи со максимален ефект на двата турнира во Охрид. За машката екипа на Алкалоид тоа беше 11-та титула во низа и вкупно 25-та од вкупно одржани 31 екипен сениорски шампионат, резултат тешко достижен во кој било спорт, информираат од ШК Алкалоид.


На меѓународен план, шахистите на Алкалоид настапија и на екипното Светско првенство (СП) за сениори (ВМ Трајко Недев, ВМ Влатко Богдановски, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, Станојоски и ВМ Кирил Георгиев). Во категоријата над 50 години, Алкалоид го освои петтото место меѓу 22 тима, притоа ремизирајќи со првиот и со вториот носител, селекциите на САД и на Англија. Вонсериски успех направи Недев освојувајќи сребро на втората табла, а ќе остане запишана неговата маестрална победа над ВМ Јан Елвест, некогашен учесник на турнирот за предизвикувач на светскиот шампион.
На екипното ЕП во Црна Гора за македонската репрезентација настапија и членовите на Алкалоид, ИМ Филип Панчевски (трета табла) и ИМ Тони Лазов (четврта табла). Токму настапот на Лазов му ја донесе и првата норма за ВМ со освоени 6,5 поени од девет кола, без пораз. На државните поединечни првенства во младинска конкуренција со злато во своите категории се закитија Кирил Николовски (до 14 години), Ивана Велкоска (до 14 год.) и Илијана Велева (до 10 год.). На Екипното првенство за младинци, Алкалоид освои медал во секоја категорија во којашто настапи, а до 18 години (Теодор Јовановски, Стојан Велкоски, Дино Табаковски, Матеј Бојковски, Иван Велкоски) го освои првото место, пишува клубот. Дел од јуниорите што освоија медали со поддршка на клубот учествуваа на поединечното ЕП за младинци во Романија и на СП во Италија. За обележување е настапот на Велева на ЕП (до 10 год.), каде што беше 24-та од 71 шахистка. Младата шахистка од Свети Николе, годинава го освои и 14-то место (до 11 год.) на Европското училишно првенство во Драч. Алкалоид ја продолжи традицијата и со организација на турнирот „Алкалоид опен“ во забрзан шах, на кој учествуваа 227 играчи од седум држави, а овој турнир е во планот на активности и во 2024 година, велат од ШК Алкалоид. Г.И.