ШАХ

Учеството на ова Светско екипно првенство е нов мотив и предизвик, како и желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и вкупната спортска јавност повторно и натаму ќе се гордеат

Шаховската федерација на Македонија направи одличен потег со аплицирање и со добивање на организацијата на Светското екипно првенство за ветерани за 2023 година, за шахисти и шахистки (над 50 и над 65-годишна возраст). Ова врвно шаховско натпреварување, во заедничка организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), ќе се одржи од 18 до 29 септември во Струга.

Во согласност со турнирските правила, на Светското екипно првенство имаат право да учествуваат и репрезентации и шаховски клубови, но предуслов е сите играчи од една екипа да бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја.

Најуспешниот македонски клуб, шаховскиот клуб Алкалоид, го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори, долгогодишни членови на клубот и државни (сегашни и поранешни) репрезентативци.

Сите тие се шахисти дале исклучителен придонес во развојот и во резултатите на македонскиот шах, а во составот на репрезентацијата несебично и посветено ги бранеле боите на нашата држава на многу шаховски олимпијади и европски екипни првенства. Истовремено, како долгогодишни членови на ШК Алкалоид, заедно ги создаваат сите успеси, вкупно 24 шампионски титули за клубот на екипните првенства на Македонија, од кои последните 10 се во континуитет. Дел од играчите беа во составот на ШК Алкалоид во 2016 година, кога клубот стана европски клупски првак, како и во 2017 година кога клубот ја освои вицешампионската титула.

Учеството на ова светско екипно првенство е нов мотив и предизвик, како и желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и вкупната спортска јавност повторно и натаму ќе се гордеат, информираат од најтрофејниот македонски шаховски клуб, Алкалоид од Скопје.


Состав на екипата

ВМ Трајко Недев, трикратен државен шампион и освојувач на сребрен медал за поединечен резултат на Европско екипно првенство во 2003 година.
ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, двократен државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на Шаховската олимпијада во 2000 година.
ВМ Звонко Станојоски, шесткратен државен шампион и актуелен државен шампион за 2023 година
ВМ Влатко Богдановски, седумкратен државен шампион.
ВМ Кирил Георгиев, нов член на екипата, поранешен светски јуниорски првак.
ВМ Роландо Кутиров, капитен на екипата, двократен државен шампион.

Г.И.