Ист ли е патот на македонската опстојба со оној до влезот во ЕУ?

По речиси дведецениски кандидатски статус, безбројни вета во Советот на ЕУ од соседите и некои други членки, капитални национални жртви со менување на името на државата, доведување во прашање на македонскиот национален идентитет, какви-такви, но континуирани реформски процеси за усогласување со критериумите и стандардите на ЕУ…, сега со „мотивирачки заплашувања“ се настојува да се направи психолошки пресврт во македонската евроинтегративна приказна и Македонија да се претвори во единствен виновник за својата „неевропска судбина“. Од жртва на европските каприци да се премести на клупата за обвинети, зашто не покажува подготвеност за целосно национално себенегирање во интерес на „големата геополитичка слика“

Можеби новинарското онлајн работење влијае на впечатокот со каков интензитет и интерес јавноста ги восприема актуелните настани и случувања, но се чини дека атмосферата пред лидерската средба на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја немаше онаа аура на неизвесност и очекување на некаков пресврт како некои поранешни лидерски средби. Иако е лична процената на „степенот на јавна возбуда“, едно од објаснувањата е дека лидерските средби веќе не се толку специјален настан во македонскиот политички амбиент. Секако многу поверојатно е што лидерите веќе најавија дека на средбата доаѓаат со свои цврсти позиции, иако дијаметрално спротивни, каде што благо беше навестен обидот на премиерот да го убеди лидерот на опозицијата да ги прифати неговите аргументи, но без видлива намера за отстапки пред аргументите на собеседникот. Според официјалното соопштение од Владата, темите за кои се сретнаа да разговараат лидерите се однесуваат „пред сѐ за одлуките што треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување добрососедски односи со сите наши соседи“. Позициите од кои настапија двајцата се: Ковачевски повикува опозициската партија да поддржи уставни измени, додека ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови го повтори ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има. Во меѓувреме, лидерот на партијата Мицкоски се сретна со пратеничката група и коалицијата, кои потоа излегоа со соопштение, реафирмирајќи го ставот дека не поддржуваат уставни измени под овие услови.

Привидно, оваа лидерска средба ја немаше драматиката на оние што му претходеа, на пример, на Пржинскиот договор. Ниту меѓународниот фактор (надворешен и „домашен“, т.е. амбасадори), дури ниту претставници од други политички субјекти во земјава не беа директно дел од средбата, иако сите имаат испратено пораки и поуки за „невиноста и неизбежноста“ на уставните измени што треба да ги спроведе Македонија за да ѝ се отвори (можеби овој пат) европскиот пат. Најчесто, тоа „можеби“ се изговара со шепот, на крајот од мотивирачките пораки, или е оставено да се препознае меѓу редовите и зборовите на досегашните неисполнети ветувања на ЕУ и меѓународната заедница. Но затоа, гласно и авторитативно се упатуваат (засега) преупредувачки, па и заканувачки пораки за меѓународна и ЕУ-самоизолација на Македонија, ако не ги исполни условите за самонегирање на постоењето на македонскиот народ, кои ќе се активираат со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Она што се премолчува од меѓународните и ЕУ-претставници (кои своите барања и очекувања од Македонија ги аргументираат со „големата слика“ и дека „проширувањето на ЕУ веќе станало безбедносно прашање“, па да не се случи Украина и Молдавија да влезат пред нас во Унијата (?!)) е дека со запишувањето на Бугарите во македонскиот устав не завршуваат ниту барањата и уцените на Бугарија во текот на преговарачкиот процес, ниту пак веднаш започнува процесот на отворање поглавја. Навистина, Европејците се обидуваат преку дискретно сигнализирање, со прст на уста да ја замолчат и Бугарија да не зборува толку гласно дека уставните измени не се сѐ што (ќе) бараат од Македонија, но во Софија се прават дека не ги гледаат овие европски „ишарети“. Дури и најевропски ориентираните Бугари (кои едвај успеаја да состават влада таму), отворено им порачуваат, и на Македонија и на ЕУ, дека нивните внатрешни прашања и проблеми не влијаат врз ставовите за македонските евроинтеграции, и очекуваат до буква и запирка Македонија да ги почитува Договорот за добрососедство и меѓувладините протоколи за негово спроведување, кои се практично анекс во францускиот предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија. Со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав практично се активираат овие протоколи, со кои се бараат резултати од работата на историската комисија, т.е. прифаќање од македонска страна на бугарското гледање на македонското постоење, имплементација на таквите гледишта во македонските учебници, ретуширање на бугарската улога во Втората светска војна на македонските споменици, достапност на македонските безбедносни архиви за Бугарија… Секако сите овие процеси да бидат под надзор на официјална Софија, што практично значи преговорите и отворањето на поглавјата од преговарачката рамка со ЕУ да бидат во паралелен отчетен процес на Македонија пред Бугарија.

Барањето, всушност повеќе наметнувањето на „разбирање од Македонија за големата слика на геополитичките приоритети“ на ЕУ и НАТО, пред нејзините национални приоритети (пред сѐ реафирмација на државотворноста на македонскиот народ), сѐ повеќе се поткрепува со изолационистичкиот наратив и заплашувања дека другите соседи од регионот побрзо ќе напредуваат во преговарачкиот процес и пред нас ќе влезат во ЕУ. По речиси дведецениски кандидатски статус, безбројни вета во Советот на ЕУ од соседите и некои други членки, капитални национални жртви со менување на името на државата, доведување во прашање на македонскиот национален идентитет, какви-такви, но континуирани реформски процеси за усогласување со критериумите и стандардите на ЕУ…, сега со „мотивирачки заплашувања“ се настојува да се направи психолошки пресврт во македонската евроинтегративна приказна и Македонија да се претвори во единствен виновник за својата „неевропска судбина“. Од жртва на европските каприци да се премести на клупата за обвинети, зашто не покажува подготвеност за целосно национално себенегирање во интерес на „големата геополитичка слика“. Притоа, повторно не се споменуваат оние искуства на земјите од регионот што преговараат повеќе од една деценија со ЕУ, без значителен напредок во процесот. Колку повеќе пак се селектираат аргументите во европските наративи, толку почесто и појасно се артикулира онаа позиција дека кога (и ако) би влегле во ЕУ земјите од Западен Балкан, тоа би се случило во пакет со политичка одлука, а не како поединечни влезови, без оглед на постигнатите статуси во преговарачкиот процес. Во прилог на оваа артикулација одат и изјавите на повеќе европски лидери, во кои може да се препознае дека иако не се расположени за проширување на ЕУ, сепак и тие се под притисок на „големата геополитичка слика“, во која проширувањето на Унијата е безбедносно прашање.

Во таков контекст, со сите претходни искуства на изневерени ветувања од меѓународниот фактор за македонските национални жртви, легитимна е дилемата во македонската јавност: ист ли е патот на македонското опстојување со оној до ЕУ? Во теорија, патот е ист! Но овој пат ЕУ е таа што треба да се врати на патот што го трасираше: почитување на правото на самоопределување, рамноправност и еднаквост на народите во нејзината заедница, демократски принципи и вредности пред кои често замижува поради анахроните каприци на своите земји-членки.