Дмитро Кулеба/Фото: Влада на Украина

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека разговорите за решавање на конфликтот со Русија не можат едноставно да почнат само со прекин на огнот, пренесуваат британските медиуми.

– Ако некој мисли дека може да го замрзне конфликтот и потоа да види како ќе го реши, тогаш не го разбира проблемот – изјави Кулеба на онлајн-брифинг за африкански новинари по турнејата низ африканските земји.

Кулеба потенцираше дека над 100 круга консултации и обиди за примирје со Русија, од анексијата на Крим во 2014 година, во 2022 година доведоа до целосна руска инвазија врз Украина.

-Во следните неколку дена делегација на африкански шефови на држави планира да ги посети Украина и Русија со надеж дека ќе ги убеди двете земји да ја прекинат војната – изјави портпаролот на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса.

Портпаролот рече дека датумот на посетата сè уште не е фиксиран.

Таквиот предлог би значел дека руските сили ќе останат на украинска територија кога ќе почнат преговорите.

Украина претходно изјави дека руските сили мора да се повлечат пред да почнат разговорите, а Москва сака Киев, како предуслов за разговорите, да го признае рускиот суверенитет врз Крим.

Британските медиуми пренесуваат дека иницијативата ја предводи претседателот на Сенегал, Меки Сал, кој минатата година беше претседавач со Африканската унија. Неговата земја не присуствуваше на последното гласање во ОН со кое се осудуваат постапките на Русија.

Во делегацијата во која се и претседателите на Египет, Замбија, Демократска Република Конго, Уганда и Јужна Африка неодамна беше вклучен и актуелниот претседавач на Африканската унија – претседателот на Коморските Острови, Отман Газали.

Кулеба беше на турнеја низ Африка за да собере поддршка, потсетија британските меидуми, истакнувајќи дека 30 од 54 африкански земји-членки на ОН гласаа за резолуцијата на ОН за осуда на руската инвазија.

Украинскиот министер за надворешни работи изјави дека во моментов има „ренесанса“ на односите меѓу Украина и Африка.