Фото: Принтскрин

Пробивањето на голема брана во јужна Украина ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини, предупреди Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Како што јави „Би-би-Си“, Ерик Толефсен, шеф на Единицата за контаминација со оружје на МКЦК, предупреди дека мините исфрлени во поплавата предизвикаа голема загриженост не само за жителите на Херсон, туку и за оние кои доаѓаат да помогнат.

– Знаевме каде се опасностите. Сега не знаеме. Сè што знаеме е дека тие се некаде низводно – изјави тој.

Наталија Хумениук, портпаролка на јужната воена команда на Украина, изјави дека „многу противпешадиски мини (во областите заземени од Русите) сега станаа пловечки мини“.

– Тие претставуваат голема опасност – рече таа, објаснувајќи дека најверојатно ќе експлодираат доколку се судрат или удрат во нешто.

– Страните во конфликтот не го објавија бројот на мини што ги поставија. Само знаеме дека бројот е огромен – предупреди Толефсен.

Илјадници луѓе веќе се евакуирани од делови на регионот Херсон, бидејќи водата продолжува да навлегува низ реката Дњепар, која ги дели териториите контролирани од Русија и Украина.

Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за уривање на браната Каховка која го снабдувала со вода Крим, кој беш анектиран од Русија во 2014 година и е во област што украинските сили сакаат да ја ослободат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е „шокиран“ од неуспехот на Обединетите нации и Црвениот крст да помогнат по уништувањето на огромната брана Каховка, додека неговиот премиер повика на итна помош од меѓународните хуманитарни организации.

– Иако катастрофата се случи пред неколку часа, тие не се тука – изјави Зеленски за германските весници Билд и Ди Велт, како и за Политико.

– Не добивме одговор. Шокиран сум – додаде тој.

Премиерот Денис Шмихал ги повика меѓународните хуманитарни организации да обезбедат итна помош.

– Руските окупатори не се ни обидуваат да им помогнат на тие луѓе, тие ги оставија да умрат. Ве повикуваме да преземете одговорност за евакуација на луѓето од областа на Херсонската област под руска окупација. Мораме да ги спасиме животите на луѓето кои беа осудени на смрт од окупаторите – рече Шмихал на англиски во видеото објавено на Телеграм.

Зеленски во интервјуто рече дека руските војници пукале од далечина додека биле во тек спасувачките напори.

– Штом нашите луѓе се обидат да ги спасат, пукаат врз нив – рече украинскиот претседател.