ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА
Нови два гола на Роналдо

Јувентус ја совлада Парма на гости со 4-0, а Кристијано Роналдо постигна два гола, вкупно 12 сезонава, плус една асистенција на деветте натпревари во новото првенство во фудбалската Серија А. Јувентус, шампионот во минатите девет години, со седумте победи и шесте ремија, и лидерот Милан (вчера играше со Сасуоло), со осумте победи и четирите ремија, се единствените два тима во петте најдобри лиги во Европа што не се поразени сезонава.
Роналдо (35) стигна до бројката од 63 гола на 73-те настапи за Јувентус во Серија А. На мечот против својот поранешен клуб Парма бранеше Џанлуиџи Буфон (42).
– Секое враќање во Парма буди носталгија кај мене. Тука поминав десет прекрасни години и тукашните луѓе многу ми значат – изјави Буфон. Л.Д.


ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Баерн се врати на врвот по победата во дербито со Баер

Роберт Левандовски, кој во четвртокот беше прогласен за најдобар фудбалер на светот во 2020 година во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), ги постигна двата гола за Баерн на дерби-мечот на гости против Баер (2-1) во Бундес-лигата, по кој Баерн е одново на врвот на табелата. Левандовски сезонава постигна 17 гола, или вкупно 253 во Бундес-лигата. Тој годинава на 44 натпревари постигна 47 гола, од кои 32 во Бундес-лигата.
– Очигледно, сакам да постигнувам голови. Може да се забележи мал замор кај нас, ни недостигаше свежина. Но кога сте уморни, тогаш треба да го покажете квалитетот. Можеби затоа Баер во почетокот имаше повеќе контрола на играта. Но подготвени сме да се справиме со играње многу натпревари – изјави Левандовски. Л.Д.


ФУДБАЛ
Улсан е првак на Азија и ќе игра на клупското СП

Улсан од Јужна Кореја е победник на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) на Азија за 2020 година, откако победи во финалето во Катар, на мечот со Персеполис од Иран, со 2-1. За Улсан ова е втора континентална титула, откако претходно беше првак на Азија во 2012 година. Улсан ќе ја претставува Азија на клупското Светско првенство (СП) на Светската фудбалска федерација (ФИФА), кое треба да се игра во Катар, од 1 до 11 февруари в година.
Учесници на клупското СП се и Баерн од Германија (првак на Европа), Ал Ахли од Египет (првак на Африка), Окланд од Нов Зеланд (првак на Океанија) и Ал-Духаил од Катар (претставник на домаќинот на клупското СП), а наскоро се очекуваат прваците на Северна Америка (утре е финалето, ќе играат Лос Анџелес од САД и Тигрес УАНЛ од Мексико) и на Јужна Америка (финалето е предвидено да се игра на 30 јануари).


Двоен брзински триумф на Килде во Вал Гардена

Норвежанецот Александар Амот Килде се израмни со сонародникот Аксел Лунд Свиндал како единствени што во иста година победиле во супервелеслалом и во спуст во Светскиот куп (СК) во алпско скијање за мажи во Вал Гардена (Италија), пишува Интернационалната скијачка федерација на својата интернет-страница. Килде победи во супервелеслаломот во петокот и во спустот во саботата, а тој славеше во спустот во Вал Гардена и во 2018 година.
– Неверојатно е да се постигне двојна победа во Вал Гардена, како што направи Аксел. Тој секогаш беше идол за мене и одлично е да му се придружам со ова специјално достигнување – изјави Килде.
Второто место на подиумот му припадна на Рајан Кохран-Сигле од САД, само со 22 стотинки зад Норвежанецот. Тоа е првиот подиум во трка за СК за Американецот. Беат Фојц (Швајцарија) го освои третото место, со 54 стотинки зад Норвежанецот. Килде води во генералниот пласман на СК, со 335 бода, пред Марко Одермат од Швајцарија, со 290.


СВЕТСКИ КУП ВО СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
До сезонава ниту еден подиум, сега четири победи по ред на Гранеруд

Халвор Егнер Гранеруд останува во фокусот меѓу најдобрите светски скијачи скокачи, откако 24-годишниот Норвежанец во саботата во Енгелберг (Швајцарија) ја забележа четвртата победа по ред во Светскиот куп. Гранеруд пред овие триумфи никогаш не бил на подиумот на индивидуален натпревар во Светскиот куп во скијачки скокови, пишува Интернационалната скијачка федерација на својата интернет-страница.
На тој натпревар, зад Гранеруд се пласираа Камил Стох од Полска, Анже Ланишек од Словенија и Маркус Ајзенбихлер од Германија. По шест натпревари сезонава, Гранаруд води со 500 бода, пред Ајзенбихлер, кој победи на првите два натпревара сезонава, со 383, а трет е Норвежанецот Роберт Јохансон, со 220 бода.
Синоќа требаше да се одржи вториот натпревар во Енгелберг, а потоа, од 29 декември, почнува традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“, со натпреварот во Оберсдорф (потоа на 1 јануари во Гармиш-Партенкирхен, на 3 јануари во Инсбрук и на 6 јануари во Бишофсхофен).