Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Македонија енормното загадување на воздухот веќе неколку години е најголемиот непријател на здравјето на граѓаните, како и коронавирусот сега. Сепак, листата на сојузниците на ковид-19 не завршува само со загадениот воздух. Потенцијални жаришта за ширење на заразата има уште многу, што сите нас како граѓани и како држава скапо нѐ чини

Додека од науката и медицината се очекуваат поволни вести, кои на некој начин ќе навестат крај на пандемијата на коронавирусот, заразата и понатаму продолжува да се шири со несмален интензитет и да зема сѐ повеќе жртви. Со почетокот на зимата, доаѓањето на студот и маглата, а сето тоа во комбинација со загадениот воздух, се чини дека вирусот придобива и нови сојузници, што уште повеќе ја зголемува опасноста по здравјето на граѓаните. Во Македонија енормното загадување на воздухот веќе неколку години е најголемиот непријател на здравјето на граѓаните, како и коронавирусот сега. Она што уште повеќе загрижува се научните сознанија за опасните ефекти од здруженото дејствување на коронавирусот и ПМ-честичките во воздухот. Во загадените реони вирусот е многу поопасен и посмртоносен отколку во местата каде што воздухот е чист. Научниците и лекарите се едногласни во констатацијата дека коронавирусот здружен заедно со ПМ-честичките и загадениот воздух дефинитивно многу полесно ќе го наруши нашето здравје.
Изминатите денови и недели во некои македонски градови беше регистрирано дури за четири пати поголемо загадување од дозволеното ниво. Енормно високо присуство на штетни честички ПМ 10 во воздухот е регистрирано во некои скопски општини, во Велес, Кавадарци, Битола и во Гостивар, многу над дозволените граници. Загадениот воздух и понатаму е рак-рана за сите градови во земјава, како и за Скопје, кое се има најдено на врвот на листата на најзагадени градови во светот.

Сепак, листата на сојузниците на ковид-19 не завршува само со загадениот воздух.
Потенцијални жаришта за ширење на заразата има уште доста, без разлика дали причина за тоа се неодговорното однесување и неносењето маски, непридржувањето на пропишаните протоколи во јавниот превоз, недржењето дистанца, неупотребата или злоупотребата на средствата за дезинфекција итн.
Примери има многу, а за некои од нив секојдневно алармираат и здравствените власти. Потенцијални нови жаришта и кластери допрва ќе се создаваат и доколку граѓаните се групираат на слави во домовите, во викендички и во изнајмено куќи за новогодишните и божиќните празници.Токму деновиве може да се забележат големи метежи и групирања на сообраќајните терминали во пресрет на празниците. Сета оваа засилена претпразнична фреквенција и раздвиженост е потенцијален ризик за ширење на заразата доколку строго не се почитуваат мерките.
Во меѓувреме, секојдневни се сликите како несовесни граѓани влегуваат без маски во продавници и во автобуси. Постојано се забележува како влегуваат купувачи без маски во некои од маркетите, а што ќе биде кога вистински ќе почнат новогодишните метежи, иако уште сега се чувствува поголема раздвиженост низ трговските центри.
– Не може да постапуваме правилно само со казни. Попусто ќе биде угостителите да работат само до 16 часот ако граѓаните се групираат по куќи и викендички. Мора да проработи совеста. Ако некој маркет дозволува да влегуваат потрошувачи без маски, ќе биде казнет, како и некој угостителски објект во кој се правела свадба. Но што се случува, ќе ја плати казната и утре пак ќе отвори зашто свадбата му се исплати. Па, видете, ве молам, упорно се прават свадби и упорно на погреби одат многу луѓе, иако е дозволено само петмина да го закопаат покојниот.

Немаме ниту доволно инспектори за да контролираат на терен. Треба десет пати да се зголеми бројот на сообраќајци за да ги контролираат автобусите, иако претпријатијата си имаат и внатрешна контрола. Кај нас е тоа тешко изводливо, ако не проработи совеста дека оваа зараза е опасна – смета епидемиологот д-р Александар Стојанов.
Од Државниот пазарен инспекторат тврдат дека постојано се на терен, но не можат да стигнат секаде. Додаваат дека во ситуација кога возилото на Пазарната инспекција се паркира пред некој од маркетите, тогаш редарот веднаш станува и реагира, а тие не смеат да влезат како купувачи.
– По протоколите, треба секое правно лице да си обезбеди редар, кој ќе го контролира влегувањето на граѓаните дали е исклучиво со маски. Ние како пазарен инспекторат секојдневно сме на терен според утврден план, но мора да затекнеме ситуација на самото место за да казниме. Невозможно е да стигнеме во сите маркети. Највисоката казна во врска со непочитувањето на овие протоколи е две илјади евра – објаснуваат од Државниот пазарен инспекторат.
Нема да стивне ширењето на заразата сѐ додека сите не разберат дека спас се носењето маска и дистанцата. За жал, многумина не го сфаќаат тоа, па затоа и несовесно се постапува и во јавниот превоз, каде што може да се забележат патници што не носат маски. Казната на самото место е 20 евра, но очигледното метежите што секојдневно ги гледаме, особено во јавниот градски превоз, покажуваат дека граѓаните се недисциплинирани. Тоа е така или затоа што ретко се казнува или, пак, немаат страв од казнување. Ако на почетокот имаше налепници на кое седиште може, а на кое не може да се седи, односно дека двајца еден до друг не може да седат во јавниот градски превоз во Скопје, сега тоа не е така.

Особено е ризично во приватните автобуси, каде што и хигиената е на многу полошо ниво. Автобусите се преполни со патници, како речиси сите да заборавија на држењето дистанца.
– Состојбата во возилата ја контролираат лица задолжени за таа намена. Има 100 контролори/редари што имаат обврска да го регулираат влезот/излезот на патници, односно да го одржуваат дозволениот број на патници во согласност со владината препорака за дозволено 50 отсто исполнетост од вкупниот капацитет на возилото. ЈСП – Скопје нема надлежност да ги казнува граѓаните што при користење на јавниот превоз не носат заштитна опрема. За да се избегнат ситуации при кои патници се возат без заштитна маска, во поголемиот дел од возилата има службени лица (редари) што ги опоменуваат несовесните патници. Во случајов, МВР има надлежност/обврска за казнување за неносење маска при користење јавен превоз – велат од ЈСП Скопје.
Во однос на загадениот воздух, сѐ уште нема решение. Со години се правеа платформи на хартија, за кроеја планови, се најавуваа стратегии, но загадувањето и понатаму остана нерешлив проблем, особено во зимските месеци и во екот на грејната сезона. Екологистите исто така алармираат за опасноста од загадувањето во екот на пандемијата.

– Загадениот воздух е проблем за граѓаните што живеат во загадените градови, бидејќи тие се поранливи на белите дробови и во ваквите градови има поголем процент на смртност. Кај нас нешто мрднаа работите во правец на намалувањето на загадувањето, се изврши замена на нееколошкото греење во некои од училиштата и градинките, а тоа е само дел од тој план што го донесе Владата. Треба уште многу да се направи. Не е доволно да се преземаат чекори само кога ќе почне зимата. Во континуитет треба да се работи за да имаме почист воздух. Потребна ни е зелена економија, да се постават нови енергетски системи, да се електрифицира транспортот, да се напушти јагленот, како и да се воведе интегрирано управување со отпадот, секако почнувајќи и со селекција на отпадот во домовите. Индустријата ја сметаме за најголем загадувач, примарен извор на загадување и затоа се потребни уште повисоки казни и повеќе експерти во Инспекторатот за животна средина и поголем број инспектори на терен. И она што исто така е важно е поголема координација на локалните власти со централната власт – вели Антонио Јовановски, претседател на НВО „Гоу грин“.
И додека светот ја произведе и веќе ги очекува ефектите од вакцината против ковид-19, во Македонија за жал сѐ уште не се најде ефикасна вакцина против загадувањето, несовесноста, неодговорноста… на ниво на поединци или институции, сеедно. Зашто последиците, сепак, ги трпиме сите заедно.