Како и ти, и јас знам како е да сакаш да го носиш истиот дрес секој ден. Честитки за историскиот рекорд, Лионел. Но, пред сѐ, честитки за убавата кариера во Барселона. Приказните како нашата, толку долго да го сакаме истиот клуб, за жал, ќе бидат сѐ поретки во фудбалот, напиша Пеле на Инстаграм, пренесува АП, откако Меси го постигна 643-от гол за Барселона и се израмни со Пеле, кој за Сантос постигна исто толку погодоци од 1956 до 1974 година

ПОРАКА ОД ПЕЛЕ ДО МЕСИ ПО ИЗРАМНУВАЊЕТО НА РЕКОРДОТ

Аргентинецот Лионел Меси (Барселона) на мечот против Валенсија (2-2) во шпанското фудбалско првенство го изедначи рекордот на бразилската легенда Пеле, од 643 постигнати погодоци за еден клуб. Пеле за бразилскиот Сантос постигна 643 погодоци во 19 сезони, помеѓу 1956 и 1974 година, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Меси, кој првиот гол за Барселона го постигна на 1 мај 2005 година против Албасете (2-0), е најдобриот стрелец на сите времиња на Барселона и на шпанската Ла лига, со 450 првенствени погодоци, на 498 натпревари.
Во јануари 2018 година, тој стана најефикасниот фудбалер во петте најдобри европски лиги (Англија, Шпанија, Германија, Италија, Франција) со постигнатите 366 гола, надминувајќи го Германецот Герд Милер, кој за Баерн во Бундес-лигата постигна 365 гола. Меси го надмина Милер и според бројот на погодоци, 86, во една календарска година, во 2012-та.

Головите, 643, Меси ги постигна на 748 натпревари, во просек по еден на 1,16 натпревар. На Пеле му беа потребни 757 натпревари или еден гол на 1,17 натпревар.
– Како и ти, и јас знам како е да сакаш да го носиш истиот дрес секој ден. Честитки за историскиот рекорд, Лионел. Но, пред сѐ, честитки за убавата кариера во Барселона. Приказните како нашата, толку долго да го сакаме истиот клуб, за жал, ќе бидат сѐ поретки во фудбалот – напиша Пеле на Инстаграм, пренесува АП.
На 1 јули на мечот против Атлетико (2-2), Меси со „Паненка-пенал“ го постигна 700-от гол во професионалната кариера, на клупски и на репрезентативен план. Вкупно, на 801 натпревар за Барселона, тој постигна 680 гола. Шесткратниот освојувач на „златната топка“ за најдобар фудбалер на светот во една година освои и најмногу титули со каталонскиот клуб, 34, вклучувајќи и четири во Лигата на шампионите.