Спортски игри на банките по повод Светскиот ден на штедењето

Во организација на Синдикатот на работниците од финансиските организации на Македонија (СФОМ), а по повод Светскиот ден на штедењето и годинава традиционално се одржаа Спортските игри, во спортскиот центар „Мондано спорт“ во Скопје. Активно учествуваа Стопанска банка, НЛБ банка, Комерцијална банка, Халк банка, ТТК банка и Шпаркасе банка. Екипите се натпреваруваа во осум спорта, и тоа во мал фудбал, пинг-понг, одбојка, куглање, пикадо, баскет, шaх и во тенис. По завршувањето на натпреварите, на победниците им беа доделени пехари.


ФУДБАЛ
Реал Мадрид прв постигна 1.000 гола во ЛШ и КЕШ

Карим Бензема ги постигна двата гола за Реал Мадрид на мечот со Шахтар (2-1), од кои првиот беше 1.000-ти за „кралевите“, кои се првиот тим што може да се пофали со таков ефект во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), порано Куп на европските шампиони (КЕШ). Зад Реал Мадрид се Баерн со 768, Барселона со 655 гола итн. Бензема има 74 гола во ЛШ, а поефикасни од него се само Кристијано Роналдо (139), Лионел Меси (123) и Роберт Левандовски (81). Роналдо ги постигна 800-от и 900-от гол во ЛШ за Реал, а другите јубилејни голови ги постигнаа Гонзало Игуаин (700), Дејвид Бекам (600), Гути (500), Себастијан Лосада (400), Хенинг Јенсен (300), Ференц Пушкаш (200), Алфредо ди Стефано (100) и Мигел Муњоз (првиот во 1955 година). Л.Д.


Продолжува асистентската серија на Александер-Арнолд

Ливерпул релативно лесно стигна до победата во 4. коло на Лигата на шампионите (ЛШ) над Атлетико (2-0), кој од 36. минута играше со 10 фудбалери поради исклучувањето на Фелипе. Ливерпул е во осминафиналето петта сезона по ред. Сезонава, на 15 од 16-те меча во сите натпреварувања Ливерпул постигнува барем два гола. Исклучок е мечот со Челси, 1-1. Бекот Трент Александер-Арнолд првпат во кариерата забележа две асистенции на меч во ЛШ. Од почетокот на сезоната 2018/2019, само Кевин де Брујне од Манчестер сити (51) има повеќе асистенции меѓу играчите од Премиер-лигата во сите натпреварувања од Александер-Арнолд (44). За менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, ова беше 200. победа на 334-те натпревари во сите натпреварувања и е петтиот менаџер на „црвените“ со ваков ефект, по Том Вотсон, Бил Шенкли, Боб Пејсли и Кени Далглиш. Л.Д.