ОДБОЈКА

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) ја прекина соработката со селекторот на машката репрезентација, Никола Матијашевиќ, и на негово место го назначи довчерашниот негов помошник, Душко Николиќ. Ваквата одлука за промена на селекторот дојде по анализата на настапите и на резултатите на Македонија во Европската сребрена лига годинава, во која не беше освоен планираниот златен медал (пораз во финалето од Данска), иако финалниот турнир се играше на домашен терен, во Струмица.
Извршниот одбор (ИО) на ОФМ го констатира придонесот на Матијашевиќ во остварувањето на досегашните цели (пласман на две европски првенства, во 2019 и во 2021 година – н.з.), но ја истакна и потребата од промена пред настапот на ЕП 2021, во септември во Тампере, Финска. Назначувањето на Николиќ ќе значи постојаност во работата на репрезентацијата, но и нов пристап во подготовките за второто учество на ЕП.
Собирот на репрезентативците за претстојното ЕП е закажан за 11 јули во Маврово каде што ќе се реализира првиот дел од подготовките. Промена има и кај јуниорките, кои се подготвуваат за ЕП до 19 години, што треба да се одржи в година во Македонија. ОФМ го разреши Ненад Михајловиќ, кој го почна процесот на формирање на репрезентацијата. Наследникот на Михајловиќ ќе биде познат наскоро.