Фото: Игор Бансколиев

По сите разочарувања што истата ЕУ ѝ ги приреди на Македонија изминативе три децении, би било доблесно на „нашата земја“ да ѝ се каже, да знае на што е, за да може да почне да размислува за тоа како ќе се развива во следните пет или десет години, без лажните европски илузии

Ако Европската Унија реши самата да не ги почитува сопствените критериуми и застанува во одбрана на неразумните барања на својата земја-членка, Бугарија, тогаш Македонија по сите жртви што ги направи во име на сопствениот европски пат заслужува барем чесен одговор од Брисел, дали Европа воопшто има намера да се проширува во следниве 10 години.
По сите разочарувања што истата ЕУ ѝ ги приреди на Македонија изминативе три децении, би било доблесно земјава да знае на што е, за да може да почне да размислува за тоа како ќе се развива во следните пет или десет години, без лажните европски илузии. Досегашното експресно отфрлање на секаква алтернатива на ЕУ од страна на македонските власти се покажа како контрапродуктивно, бидејќи не само што земјава не напредува во евроинтеграциите туку одново и одново се соочува со дополнителни уцени и омаловажувања од Грција и од Бугарија, кои ја продолжуваат анахроната политика на негирање на сè што е македонско.
Од друга страна, треба да се отфрли мислењето што се наметнува од страна на дел од јавноста во земјава дека барањето алтернативи значи свртување кон Русија и Кина, туку напротив, алтернативите да се сфатат како можност за просперитет, економски развој и напредок на македонското општество, првенствено преку подигање на соработката со САД, со Турција, па и со Бразил, Кина, Русија и други земји, но врз база на рамноправни односи и меѓусебно почитување, без понизен и сервилен однос кон никого, а најмалку кон ЕУ.
За такво нешто е потребен и чесен, но истовремено и агресивен и пркосен настап од страна на македонските политичари, без пардон кон никого, ако сакаат државата да биде почитувана и од меѓународните партнери.

– Она што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки. Мене ми е ставот на Бугарија потполно јасен, но она што мене ме интересира е како на ова гледаат преостанатите членки на ЕУ… Мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик. И тоа не случајно. Тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо, и дедото на мојот дедо – ќе порача поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски, во обраќањето на Форумот за Западен Балкан во Сараево.

Доста е од постојано себепреиспитување дали ќе им згрешиме на ЕУ, на Бугарија, на Грција или на некој друг…

Несомнено ова е јазикот со кој Македонија треба да разговара и со Бугарија, но и со ЕУ, јазик на пркос и непокор пред она што значи уцена и искривување на вистината заради остварување на вековните соништа за некакви големи држави на Балканот.
Ваквиот развој на настаните наметнува сериозен пристап од македонска страна, поточно преземање чекори што се од национален интерес, без постојаното себепреиспитување дали ќе им згрешиме на ЕУ, на Бугарија, на Грција или на некој друг. Основната водилка треба да биде само Македонија.
Тоа во практика подразбира итно барање за реципроцитет кон сите оние што ја уценуваат земјата, особено кон Бугарија и Грција, па и кон самата ЕУ.
– Време е да се соочиме со фактот дека ЕУ не нè сака. Ги примија Бугарија и Романија (кои ни денес не си ни блиску до она што го има Македонија) со изговор – руска опасност. Почнаа преговори со Србија, која ни од далеку не е на нивото на Македонија (од само ним познати причини). Едноставно – не нè сакаат. Ајде да седнеме и да размислиме што и како понатаму, имајќи ја предвид оваа ситуација – порачува универзитетската професорка Мирјана Најчевска.
Според неа, за секоја точка со барања од страна на Бугарија треба да има реципрочно барање од страна на Македонија.
– Реципроцитетот мора да се примени во билатералното договарање. Во спротивно не е веќе договарање туку облик на ултиматум – смета Најчевска, појаснувајќи дека македонските реципрочни барања треба да бидат признавање посебен регион на своја територија под името Пиринска Македонија, признавање и заштита на македонското национално малцинство на нејзина територија, рехабилитација на жртвите на сите досегашни режими што се репресирани на бугарска територија заради нивната македонска самосвест, препознавање и признавање на македонскиот јазик и негово изучување во тамошните училишта. Потоа таа уште како реципрочни мерки што Македонија треба да ги побара од Бугарија ги наведува и преиспитување на содржините во нивните учебници во кои се негира постоењето на Македонците и на крајот таа да ѝ се извини на Македонија поради окупацијата за време на Втората светска војна.

Реципроцитет за враќање во поранешната состојба, како порадикална опција

Реципроцитет земјава треба да примени и кон ЕУ, поточно ако Европа не го исполни ветеното за почеток на пристапни преговори, тогаш земјава да ја врати состојбата пред потпишувањето на Преспанскиот договор, односно повторно воспоставување на името Република Македонија и информирање на ОН за новата фактичка состојба.
– Моите заложби се и за еднострано раскинување на штетниот и нелегален Преспански договор, по пат на дипломатска нота до другата страна – Грција, врз основа на членот 53 од Виенската конвенција за правото на договори од 1969 година, во врска со раскинување повикувајќи се на правото јус когенс. Со ова писмо нота се изразува државната волја за раскинување на Преспанскиот договор поради кршење на основните императивни норми од меѓународното право. По испраќањето на оваа нота до Грција (за раскинување на договорот), се праќа и дипломатската нота известување до ООН за овој правен и политички чекор (т.е. за раскинот), имајќи предвид дека сведокот во договорот е претставникот на ООН – појаснува професорот Игор Јанев, универзитетски професор по меѓународно право, научен советник на Институтот за политички науки во Белград.
На линијата дека ЕУ не нè сака е и универзитетската професорка Билјана Ванковска, која смета дека Македонија треба да се посвети на подобрување на состојбите дома.
– ЕУ е не само македонофобна/србофобна/синофобна/русофобна итн., таа е исламофобна! Она што се случуваше со Турција (и со мигрантите) не е случајно – и тоа е дел на нивната лицемерна политика на проширување, ама само кон тие што се сметаат за подобни по верска, етничка и културна основа. Што побргу го сфатиме ова, повеќе ќе се посветиме на својот двор и на плевелот што никнува насекаде, па ќе се фатиме за работа да ја упристоиме државичкава – и нема да чекаме од бога росица и од ЕУ – почит и прифаќање – е ставот на Ванковска.

Очигледно пораките што ги испраќа ЕУ ги сфаќаат сите, само не политичарите од власта, кои и натаму продолжуваат да ја туркаат наводната европска идеја, која кај обичните граѓани станува сè помалку европска, а сè повеќе понижувачка и уценувачка. Она за што сега сите треба да се подготвиме е отворање поширока општествена дебата, во која ќе се вклучат сите релевантни фактори во државата, кои треба да разработат сценарија и стратегии за тоа како земјава да продолжи да се развива и без европската перспектива, која повеќе од извесно е дека нема да ја имаме во следните најмалку 15 години. Тоа воопшто не е краток рок да се седи со скрстени раце и во меѓувреме да се распродаваат националните интереси за нешто што можеби никогаш нема да се случи. Да не се лажеме, Европа не вреди за цената што ја плативме.