Сметам дека во оваа ситуација што владее, клубовите, сепак, го даваат максимумот и дека првенството ќе се одвива и понатаму без прекин, вели генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски

КОШАРКА

Големата пауза поради пандемијата на коронавирусот, секако, се одрази негативно врз квалитетот на кошарката, а го измести и постојниот календар. Во многу клубови имаше позитивни на ковид-19, имаше и има одложување на некои првенствени натпревари и сето тоа сигурно дека се одразува врз квалитетот на кошарката. А знаеме што значи за еден кошаркар да биде отсутен 14 дена од теренот и какви последици сето тоа носи за него и за неговата игра. Во овој момент најважно е да се извади максимумот, првенството да тече, да нема прекини, да нема заразени кошаркари. Сметам дека во оваа ситуација што владее, клубовите, сепак, го даваат максимумот и дека првенството ќе се одвива и понатаму без прекин, вели генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Владимир Георгиевски.
Во февруарскиот квалификациски прозорец во Перм (Русија) в година, за пласман на Европското првенство во 2022 година, репрезентацијата на Македонија ја очекуваат решавачките натпревари за пласман на континенталното првенство.

– Во Перм веќе игравме, а домаќинот се покажа и како добар организатор. За нас во тој февруарски квалификациски прозорец, кој нѐ очекува, најважно е да отпатуваме во најдобриот состав, да нема позитивни на ковид-19, како што ни се случи во Талин, каде што и не бевме во најдобриот состав и, секако, да го дадеме максимумот, оти нѐ очекуваат четири средби во пет дена, што, сепак, е напорно. Ќе играме повторно во Перм и во таков згуснат период бидејќи така испланирала ФИБА и ние мора да го почитуваме тоа. Жалби или некакви приговори нема да помогнат, оти има и други земји во други групи што не се задоволни, но мора да ги играат натпреварите – вели Георгиевски.
Георгиевски најави дека МКФ годинава нема да прогласува најуспешни во годината.
– Годинава ќе направиме исклучок и нема да ги прогласиме најдобрите во македонската кошарка, поединец, клуб, интернационалец… Едноставно, во овој момент не е благодарно да се направи ваков избор во година, во која првенството беше тргни-застани, па не го завршивме, па следуваше голема пауза поради ковид-19, а и почетокот на новата сезона беше одложуван неколкупати – вели Георгиевски.