Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој неодамна
прослави сто години од своето формирање, соопшти дека одржа расправа по нацрт-концепцијата за основно образование (со акцент на предметите суштествени за дејноста на Институтот за филозофија и на Филозофскиот факултет). Во продолжение ви ги пренесуваме ставовите од соопштението.

На оваа расправа беа земени предвид различните реакции на поодделни институти од
Филозофскиот факултет во однос на предложената Нацрт концепција за основно
образование, реакциите на поодделни професори од нашиот институт и на нашиот
факултет и, секако, тргнувајќи од парцијалната и прелиминарна анализа на оваа Нацрт
концепција, се изградија и сопствените ставови, кои едногласно беа усвоени од сите
членови на Институтот за филозофија, ставови кои можат да се сумираат во следниве
согледувања:

1. Со оглед на комплексноста на предложените решенија од оваа Нацрт концепција,
и со оглед на далекусежните консеквенци што усвојувањето на оваа концепција ќе
ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, а
потем, следствено и на средното и на високото образование), и со оглед на краткиот
временски рок што се дава за примена на новите решенија, сметаме дека е
неоходно, во духот на инклузивноста и на критичкото мислење, предлагачот да ги
земе предвид и да ги имплементира и другите стручни мислења на претставниците на
институтите за историја, историја на уметноста и археологија, социологија,
класична филологија и филозофија чии предмети, исто така, со нацрт концепцијата
се доведуваат под прашање или се редефинираат.

2. Оттаму сметаме дека е потребно повеќе време за да се согледаат сите можни
импликации од брзото усвојување и примена на новиот концепт за основно
образование. Затоа, со оглед на стварноста поврзана со ковид кризата и потребите
здравствениот систем но и севкупниот образовен систем успешно да се справат со овие
состојби, потоа, со оглед на конкретните политички случувања поврзани со
негирањето на македонската историја и на македонскиот јазик, сметаме дека
брзањето со примената на предложените решенија и не земањето предвид на
сериозните стручни забелешки искажани досега во однос на оваа Нацрт
концепција, можат да доведат до дополнителна поларизација на веќе и така (од
политиката и од партиите) поделеното национално ткиво на државата. Затоа сметаме дека иако реформи во образованието се потребни и нужни, тие треба да се
спроведуваат на еден вклучувачки (инклузивен) и сеопфатен начин.

3. Сметаме, исто така, дека е потребна посериозна и попродлабочена
мултидисциплинарна научна анализа на предложената Нацрт концепција која би
вклучила и специјалисти не само од областа на педагогијата и психологијата, кои,
секако, се битни, туку и од областите на социологијата (социологијата на
образованието), филозофијата (филозофијата на образованието, етиката), историјата
(како една од клучните дисциплини од образованието) но и на другите хуманистички
дисциплини. Врз основа на оваа анализа и врз основа на предлозите за
подобрување на Нацрт концепцијата кои би се инкорпорирале во неа, би можело
со нејзината реализација да се започне дури после повеќе години и откако ќе заврши
ковид кризата.