Неочекуван дипломатски потег на американскиот претседател поврзан со преговорите со Иран
Претседателот на САД, Доналд Трамп, побарал од Саудиска Арабија, Катар, Пакистан, Турција, Египет и од Јордан да им се приклучат на Аврамовите договори за нормализирање на односите со Израел, додека тој се обидува да преговара за спогодба за прекин на војната со Иран, објавува „Ројтерс“. Трамп додаде дека во саботата разговарал со лидерите на тие земји, како и со Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин, кои веќе ги потпишаа Аврамовите договори.
– Задолжително барам сите земји веднаш да ги потпишат Аврамовите договори и дека, доколку Иран го потпише својот договор со мене, како претседател на САД, би било чест и тие да бидат дел од оваа неспоредлива светска коалиција – напиша Трамп на неговата социјална мрежа, истакнувајќи ја „сета работа што ја направиле САД во обидот за составување на оваа многу сложена сложувалка“.
Што се тоа „Аврамови договори“?
Аврамовите договори се серија договори за нормализација на односите меѓу Израел и неколку арапски и муслимански држави, постигнати во 2020 година со посредство на администрацијата на Доналд Трамп. Името го добиле по библискиот/аврамскиот патријарх Аврам (Абрахам), кој е заедничка фигура во јудаизмот, христијанството и исламот. Симболиката е дека договорите треба да претставуваат мост меѓу народи што имаат заедничко духовно потекло. Првите земји што ги потпишаа беа Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, а подоцна им се приклучија и Мароко и Судан. Договорите беа формално потпишани во септември 2020 година во Белата куќа. Главната цел на овие договори беше воспоставување дипломатски односи со Израел, отворање амбасади, економска и безбедносна соработка, трговија, туризам и технолошка размена и намалување на регионалните тензии.
Дотогаш, многу арапски држави одбиваа официјални односи со Израел сè додека не се реши палестинското прашање. Аврамовите договори беа пресврт затоа што дел од арапскиот свет реши да ги оддели односите со Израел од палестинскиот конфликт.
Зошто сега Аврамовите договори повторно се актуелни?
Според извештајот на „Ројтерс“, администрацијата на Трамп гледа на можноста за проширување на Аврамовите договори како дел од поширока блискоисточна стратегија за создавање регионален блок близок до САД, за ограничување на влијанието на Иран, заради стабилизација на регионот и потенцијално олеснување на преговорите околу конфликтите во Газа и пошироко. Особено е значајна можноста Саудиска Арабија да им се приклучи на договорите, бидејќи таа земја има огромно политичко и верско влијание во арапскиот и муслиманскиот свет. Но тоа е чувствително прашање поради војната во Газа и ставот на Ријад дека е потребен напредок кон палестинска држава. Поддржувачите на Аврамовите договори велат дека тие донеле реална економска и безбедносна соработка во регионот. Критичарите, пак, тврдат дека договорите го турнале палестинското прашање во втор план и не ги решиле основните причини за блискоисточниот конфликт.
Аврамовите договори неприфатливи за Пакистан, а другите земји сѐ уште не се изјаснуваат
Пакистан го отфрли предлогот, додека ниту една од другите земји досега не се изјасни за барањето на Трамп, па се смета дека позитивниот одговор е малку веројатен кога јавната недоверба кон Израел во овие муслимански земји останува висока по израелската воена офанзива во Газа.
Изјавата на Трамп се толкува како обид да се искористи мировната дипломатија поврзана со Иран за поширок поттик за Аврамовите договори, според пакистански извор запознаен со ова прашање, кој додава дека двете прашања „не се меѓусебно поврзани и не можат да се направат такви“.
Трамп рече дека една или две од земјите со кои разговарал можеби имаат причина да не им се приклучат на договорите, но оти повеќето треба да бидат подготвени на таков чекор. За Саудиска Арабија, признавањето на Израел би било повеќе од дипломатска пресвртница, бидејќи е длабоко чувствително прашање за националната безбедност поврзано со решавање на еден од најстарите и најкомплексни конфликти во регионот. Египет, Јордан и Турција веќе имаат дипломатски односи со Израел, дури и кога тие врски се затегнати од почетокот на војната во Газа. Р.С.
Што е вклучено во разговорите за завршување на војната во Иран?
Сѐ уште истата дистанца и до мирот и до нов воен судир
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во вторникот изјави дека преговорите за договор со Иран би можеле да „потраат неколку дена“, намалувајќи ги надежите за непосреден крај на конфликтот откако САД спроведоа, како што ги нарекоа, одбранбени напади во јужен Иран. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека се постигнати заклучоци за многу теми дискутирани во потенцијален меморандум за разбирање од 14 точки, но тоа не значи дека наскоро ќе се постигне договор за завршување на војната.
По прекинот на огнот на почетокот на април, двете страни останаа во несогласувања за тешки прашања, вклучувајќи ги нуклеарните амбиции на Иран, војната на Израел во Либан со милицијата Хезболах, поддржана од Иран, и барањата на Техеран за укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите средства. По неколку недели претежно индиректни разговори, двете страни велат дека постигнале напредок во меморандумот за разбирање што би ја запрел војната и би им дал на преговарачите 60 дена да постигнат конечен договор. Рамковниот договор е фокусиран на крај на војната и поморска блокада од страна на САД, во замена за преземање чекори од страна на Техеран за обезбедување безбеден транзит во Ормускиот Теснец, според портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи.
Доколку Врховниот совет за национална безбедност на Иран го одобри меморандумот за разбирање, тој потоа ќе биде испратен до врховниот лидер на земјата за конечно одобрување.
САД разбраа дека врховниот лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, го одобрил широкиот образец на договорот. Доколку првата фаза од договорот напредува, нуклеарното прашање би можело да се разгледа и преговара во текот на 60-дневниот период. Последниот договор за нуклеарната програма, склучен во 2015 година, беше раскинат од американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година.
Клучни прашања при мировните преговори
1. Ормускиот теснец и блокадата во Персискиот Залив: Ормускиот Залив претставува главна точна на влијание за двете страни – за Техеран преку контрола врз Ормуз, а за Вашингтон преку блокада на иранските пристаништа. Трамп во објава на социјалните мрежи изминатиот викенд порача дека критичниот воден пат, Ормускиот Теснец, ќе биде повторно отворен според меморандумот за разбирање. Но повеќе ирански медиуми потоа објавија дека теснецот ќе остане под ирански надзор. Во период од 30 дена, Иран би дозволил превозот да се врати на нивоата од пред војната. Техеран во меѓувреме во извесна мера го промени својот став за наплата на патарини од бродовите што минуваат низ теснецот.
2. Иранска нуклеарна програма: САД веруваат дека Иран сака да конструира нуклеарна бомба. Иран отсекогаш го негирал ова, велејќи дека неговата атомска програма е само за мирни цели. Фокусот е на збогатувањето ураниум, кој генерира гориво за нуклеарна енергија, но може да направи и материјал за боева глава. Се смета дека е можен договор, вклучително со долг мораториум.
3. Балистички ракети: Главното барање на САД пред војната беше Иран да го ограничи дострелот на своите балистички ракети за да не можат да стигнат до Израел. Иран отсекогаш одбивал да разговара за своите балистички ракети, велејќи дека неговото право на конвенционално оружје не може да биде на маса и дека сè уште има голем арсенал.
4. Санкции и замрзнати средства: Иранската економија е погодена од санкциите со години, што придонесе за националните немири во јануари. Техеран има потреба тие да бидат укинати и да бидат ослободени десетици милијарди долари ирански приходи од нафта замрзнати во странски банки и, исто така, сака репарации за претрпена воената штета.
5. Либан: Исто така, не е јасно како или дали тлеечкиот конфликт меѓу Израел и Хезболах (поддржан од Иран) во Либан ќе биде разгледан во кој било меморандум меѓу Техеран и Вашингтон. „Тасним“ во неделата објави дека формулацијата на меморандумот се однесува за „прогласување крај на војната на сите фронтови, вклучително и Либан“. Р.С.
Иран: Новите американски напади го прекршуваат примирјето
Иран во вторникот соопшти дека САД го прекршиле примирјето со напаѓање цели во близината на Ормускиот Теснец, што потенцијално ги комплицира напорите за завршување на војната.
Дополнително затегнувајќи ги мировните напори, Израел го нападна Либан со повеќе од 120 воздушни удари во вторникот, соопштија либански безбедносни извори. Иран побара прекин на израелските напади во Либан како дел од каков било договор. Иранската револуционерна гарда во вторникот соопшти дека го задржува правото да возврати на нападите. Р.С.

































