- Да ги запознаеме нашата историја и уметност преку игра и забава
Националната галерија ги известува сите основни училишта, љубителите на ликовната уметност и пошироката јавност дека до крајот на месецот се одвива третата наградна едукативна игра „Лавиринт на уметноста 3“ (под мотото „Каменот на знаењето“) во дворот на објектот „Даутпашин амам“. Станува збор за единствен и оригинален начин на музејска едукација на нашите простори што ги следи модерните светски формати на воннаставни активности и образование, преку решавање загатки, истражување и игра, за реализација на ликовна едукација на нашите најмлади поколенија. Пропозициите и начинот на игра се испратени до сите училишта. По завршувањето на проектот ќе бидат доделени пригодни награди за најуспешните учесници, на една голема заедничка забава.
– Нашата историја и уметност се нашето најголемо богатство! Да ги запознаеме преку игра и забава! Ве покануваме да се вклучите во новата авантура наречена „Лавиринт на уметноста 3“! Што треба да направите вие? Одберете максимум 30 ученика од матичното училиште или 10 екипи со по три ученика. (Може да биде еден клас или комбинација од неколку класа одбрани од ликовниот педагог што треба да биде селектор на екипите.) Децата по можност да располагаат со вештини како снаодливост, физичка брзина, аналитичност, логично расудување, културна надградба, желба за решавање загатки и сл. – информираат од Националната галерија.
Задачата на Националната галерија е да ги пречека учениците и да организира активности, да обезбеди бесплатен флаер за учество, предавање на водич за објектот, рамноправен третман на сите учесници, пригодни награди за најуспешните и завршна забава со концерт на млади таленти.
– Истражувањето се случува надвор од објектот „Даутпашин амам“, во самиот двор. Учесниците треба да го заобиколат објектот барајќи пет точки и да откријат пет поими т.е. букви. Редоследот на буквите го дава одговорот. Флаерот со одговорот се става во кутија. Важно! Се мери времето на активноста и победник е оној што има најкратко време при решавањето на загатката. Што треба да направиме сите? Да научиме нешто за нашата историја и култура. Да се дружиме и забавуваме. Да бидеме најбрзи, најитри и најумни. Да се собереме на крајот од мај на истото место на голема забава и прогласување на победниците – информираат од Дидактичко-едукативенo одделение на Националната галерија.
Носител на проектот е Александар Таневски, едукатор.

































