ФУДБАЛ – ЏАНИ ИНФАНТИНО, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИФА

Завршницата на СП ќе се одвива во свет што е многу поразличен од оној пред четири години кога Франција го крена трофејот во Москва. Знаеме дека најголемата фудбалска сцена ќе понуди надеж и инспирација за луѓето низ светот што преживеале тешки времиња во пандемијата. СП 2022 ќе биде навистина уникатна можност за повторно обединување на светот во прослава на фудбалот и на социјалната вклученост. Тоа на сите ни треба, вели Инфантино

Во пригодното новогодишно обраќање на интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), претседателот Џани Инфантино повикува на солидарност за да се заштити иднината на фудбалот.

„Драги пријатели на фудбалот, каде и да сте во светот и каков и да е вашиот однос со нашата прекрасна игра, би сакал вам и на вашите најблиски да ви посакам среќна Нова година и остварување на сите ваши надежи и соништа во 2022-та, година на Светското првенство (СП). Глобалното внимание ќе биде насочено кон Катар, во ноември и во декември, каде што 22-то СП првпат ќе се одржи на Блискиот Исток. Завршницата ќе се одвива во свет што е многу поразличен од оној пред четири години кога Франција го крена трофејот во Москва. Знаеме дека најголемата фудбалска сцена ќе понуди надеж и инспирација за луѓето низ светот што преживеале тешки времиња во пандемијата. СП 2022 ќе биде навистина уникатна можност за повторно обединување на светот во прослава на фудбалот и на социјалната вклученост. Тоа на сите ни треба!

Без разлика дали во Обединетите Арапски Емирати за клупското Светско првенство, во Костарика за СП за жени до 20 години, во Индија за СП до 17 години за фудбалерки или во Катар, турнирите на ФИФА ќе продолжат да функционираат имајќи предвид дека „Здравјето е на прво место“. Во исто време, продолжуваме да ветуваме солидарност со целата фудбалска заедница во нашите секојдневни активности, како што правиме со нашиот „План за помош од ковид-19“, кој беше од клучно значење за опстанокот на фудбалот во многу наши земји-членки. Фудбалот има многу различни нивоа, но во својата магична суштина тој е иста игра, играта на луѓето. За секого. На секој континент, во секој регион, во секоја земја. ФИФА е единственото раководно тело што се грижи за целиот свет. Ќе продолжиме да работиме напорно за да ја исполниме мисијата да не ги заборавиме оние на кои им е најпотребна и кои немаат глас, истовремено штитејќи го здравиот раст на сите други и глобалното фудбалско движење. Продолжуваме да се стремиме да го направиме фудбалот вистински глобален преку фудбалот и корпоративното управување, преку натпревари и настани и преку развојот на нашиот спорт, проширувајќи го неговото влијание врз младите и поширокото општество. За жени и мажи, за девојчиња и момчиња.

Годината 2022 ќе биде за дејствување, но ќе биде и година на дијалог. Новата ФИФА е демократско тело и заедно со сите засегнати страни, ќе го дизајнираме патот за фудбалската иднина, правејќи ја играта погодна за модерната ера и осигурувајќи дека можеме да ја зајакнеме глобалната конкурентност. За да го направиме тоа, сметаме на колективното единство и сила меѓу фудбалската заедница со цел да се осигуриме дека иднината на нашиот спорт е глобално одржлива. Сметаме на огромното мнозинство, кое со нетрпение очекува нови возбудливи можности да сонува, да ја развива играта, да се чувствува вистински дел од глобалната фудбалска заедница. И, исто така, сметаме на оние од врвот да покажат солидарност, без што, дури ни фудбалот, оној најелитниот, не би постоел. Им благодариме за нивниот вреден придонес за популарноста на играта и сметаме на нивната поддршка, почит и стратегиска визија додека се стремиме успешно да ги завршиме дискусиите околу реформата на меѓународниот календар на натпревари. Ќе работиме заедно за единство и корист за сите. Годината 2022 ќе биде посебна и незаборавна и ви посакам сѐ најдобро“, вели Инфантино.