Фото: ЕПА

Италијанскиот тенисер Јаник Синер го запре Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија опен, победувајќи го, по три часа и 22 минути, со 3-1 во сетови (6-1, 6-2, 6-7 (6-8) и 6-3).

Синер не му дозволи на „светскиот рекер број 1“ ниту една брејк топка и го спречи да се пласира во финалето и да ја освои 11-та титула во Мелбурн.

Ѓоковиќ првпат во кариерата беше елиминиран во полуфиналето на Австралија опен, а беше поразен по 33 последователни победи на првиот Грен слем турнир во сезоната.

Со победата, италијанскиот тенисер првпат во кариерата стигна до финалето на Грен слем турнирите, и го намали меѓусебниот резултат против Ѓоковиќ на 3-4, истакнувајќи дека победил на три од последните четири меча.

Синер за титулата ќе игра со победникот од второто полуфинале меѓу Русинот Данило Медведев и Германецот Александар Зверев.

Честитајќи му ја победата на Синер, Ѓоковиќ по поразот призна дека италијанскиот тенисер „целосно го надиграл“ и „во секој сегмент бил подобар“.

– Шокиран сум од мојата игра. Тоа беше еден од најлошите натпревари на кои можам да се сетам – изјави Ѓоковиќ, на прес-конференцијата по мечот.

– Моето ниво на игра беше сè освен одлично. Се обидував да се вратам, но ништо. Целиот турнир го одиграв полошо од вообичаено, но бев изненаден и од тоа колку лошо одиграв денес – додаде Ѓоковиќ.

– Низата на победи мора да се прекине во одреден момент. Ова и понатаму мојот најдобар турнир и се надевам дека ќе имам шанса да се вратам. Утре ќе можам подобро да го гледам натпреварот, и сигурен сум дека и покрај поразот ќе можам да бидам горд – истакна Ѓоковиќ.

Тој додаде дека не бил навикнат на ваков почеток на сезоната, но истакна дека сега ќе се фокусира на следните Грен слем турнири, како и Олимписките игри.

– Не мора да значи дека ваквиот почеток е крај –  изјави Ѓоковиќ.