Долговековните историски спорови и ривалства меѓу поголемите, повеќебројни и посилни држави на Балканот, од кои некои сега се членки на ЕУ, се ставаат под тепих. Во преден план е промовирање на нивната меѓусоседска соработка, а сѐ во интерес на развојот и остварувањето други стратегиски долгорочни бенефиции. Но има нешто што нашите соговорници, професори, историчари и политички аналитичари, го препознаваат како многу карактеристичен елемент – рецидив од минатото кај нашите соседи, особено кај Бугарија и Грција. А тоа е унапредување на меѓусебните меѓудржавни односи на економски план, при што во истиот пакет ја имаат тенденцијата нашата Македонија да биде тргана настрана и игнорирана токму за тие стратегиски проекти. Зошто?!

Линиската инфраструктура во регионот ја заобиколува Македонија: тенденциозно и со умисла од соседите или, пак, немарност на нашите власти?

Последните години соседните земји на Македонија интензивно работат на заедничко реализирање проекти од енергетиката и сообраќајот, со кои ќе ги подобрат заемните економски врски. Македонија, иако природно припаѓа на коридорите исток – запад, како и север-југ, и се наоѓа небаре во центарот на регионот, неприродно ја нема во тие линиски инфраструктурни, сообраќајни и енергетски мегапроекти на соседите.
Исклучително се интензивни примерите на билатерална соработка помеѓу нашиот источен и јужен сосед, Бугарија и Грција, а нашата земја наместо да фати трилатерален приклучок, ја нема… Можеби во овој случај не по своја директна вина, нашата држава е ексклудирана, и тоа со умисла на Софија и Атина…
Понатаму, соработката за сообраќајната линиска инфраструктура помеѓу соседите Косово и Албанија експандира. Таа билатерална соработка е уште во нагорна линија, а Македонија, намерно или не, сепак е исклучена. Исто така, соработката на линиска гасна, а и патна инфраструктура меѓу нашиот северен сосед Србија и Бугарија исто така е актуелна. И повторно, наместо да фатиме ефективен трилатерален приклучок, Македонија апстинира од активно вклучување…

Дали Софија и Атина тенденциозно го исклучуваат Скопје од регионалното
поврзување?

Долговековните историски спорови и ривалства меѓу поголемите, повеќебројни и посилни држави на Балканот, од кои некои сега се членки на ЕУ, се ставаат под тепих. Во преден план е промовирање на нивната меѓусоседска соработка, а сѐ во интерес на развојот и остварувањето други стратегиски долгорочни бенефиции. Но има нешто што нашите соговорници, професори, историчари и политички аналитичари, го препознаваат како многу карактеристичен елемент – рецидив од минатото кај нашите соседи, особено кај Бугарија и Грција. А тоа е унапредување на меѓусебните меѓудржавни односи на економски план, при што во истиот пакет ја имаат тенденцијата нашата Македонија да биде тргана настрана и игнорирана токму за тие стратегиски проекти. Соговорниците токму во ваквите индикатори ги препознаваат вековните стремежи за суптилна изолација и потчинување на Македонија, најнапред економски, а потоа и во секој друг поглед.
Да потсетиме, затоплувањето на меѓусебните релации е видливo во повеќе области, и тоа на повеќе „билатерални“ релации: Бугарија со Грција, Грција со Турција, Албанија со Косово, Турција со Србија итн. Во овој своевиден балкански круг на „регионална“ соработка, Македонија се наоѓа токму во географскиот центар, а таа се заобиколува. А токму поголемото учество на Македонија во ваквата регионална инвестициска офанзива е од извонредно големо значење, но со оглед на политиката на соседите, особено од Атина и Софија, суверенитетот на нашата држава е загрозен: енергетскиот, а и линиско-инфраструктурниот суверенитет, поради тенденциите за дисконекција!
Се добива впечаток дека нашите соседи се поумешни и поуспешни во нивното билатерално поврзување, но тоа е само на прв поглед, за помалку внимателниот набљудувач. Нашите соговорници со целосна убеденост аргументираат дека „рецидивите од некогашните хегемонистички политики спроведувани над Македонија, многу суптилно се спроведуваат од источните и јужните центри на долгорочно планирање со тоа што, овој пат изолацијата на Македонија се спроведува инфраструктурно, со невклучување на македонските сообраќајници и пругите кон главните коридори, како и загрозување на македонската енергетска стабилност со нејзино заобиколување на доводите на евтини енергетски ресурси. Загрижува фактот дека нашата земја е само индиректно поврзана на главните енергетско-гасоводни системи, што ја прави нашата економска иднина понеизвесна. Едноставно, како што предупредуваат повеќето експерти во енергетиката и во сообраќајот, нашата земја е доведена во опасност да се најде во подредена позиција, односно сообраќајно да биде заобиколена, а енергетски да биде изолирана!

ЕУ замижува?!

Вториот непобитен факт е што реализацијата на овие капитални инфраструктурни зафати кај соседните земји е покриена и со значителна финансиска помош од Европската Унија и други финансиски институции, како дел од осовременувањето на европската сообраќајна и енергетска мрежа. Меѓу позначајните билатерални проекти што беа остварени е изградбата на автопатска делница, која ќе ги поврзе директно Србија и Бугарија. Минатата година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и неговиот бугарски колега Румен Радев, со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре, заеднички го притиснаа стартерот за пуштање во работа на гасната интерконекција Србија – Бугарија. Финансирањето на гасоводниот коридор Ниш – Димитровград – Бугарија беше финансиран делумно и со неповратна помош на ЕУ, во висина од 49,6 милиони евра и со поволни кредити од ЕИБ. Со овој гасен интерконектор се зголемува диверзификацијата на изворот на енергија од различни системи на гасна мрежа, особено од Азербејџан и идниот терминал за ЛНГ во Александрополис во Грција, кој може да прима гас од целиот свет!
Слични билатерални инвестициски зафати од бугарската влада се иницираат и со постигнување комплексен договор со Грција, кој ќе биде од заеднички економски интерес. Проектите вклучуваат изградба на транспортен коридор 8 помеѓу албанското пристаниште Драч и Варна, најголемиот бугарски град на Црно Море. Другиот голем проект е изградба на автопат меѓу најголемото романско пристаниште Констанца и Солун, кое минува низ бугарските пристаништа Варна и Бургас. Бугарската влада не ја отфрли можноста дел од парите за транспортните врски да бидат обезбедени од ЕУ или од НАТО. Во исто време, се реализираа и директно автопатско поврзување меѓу Косово и Албанија, што ќе овозможи побрз пристап до пристаништето во Драч.


И самите сме виновни што доцниме во инфраструктурниот развој

Нашата најголема слабост е што досега не ги изградивме нашите капитални
проекти во енергетиката

Ставот на македонските експерти од енергетиката е дека имаме релативна поврзаност со електричните мрежи од соседните земји, но останува проблемот со енергетската стабилност, во смисла на недоволно производство на електрична енергија од домашни извори.
– Ајде да речеме дека во делот на поврзувањето со електричните мрежи сегашните интерконекции со Србија, Бугарија и со Грција ги задоволуваат нашите потреби за пренос на електрична енергија. Имаме послаб напон во поврзувањето со мрежата на албанскиот енергетски систем, но може да се подобри со идни инвестиции. Состојбата е непроменета при поврзувањето кон регионалните гасоводни линии. Засега останува приклучокот што беше направен со рускиот гасовод, пред дваесетина години со влезот кај Крива Паланка. Има најави за скоро приклучување и на гасоводот ТАП (TAP), но тоа зависи од спроведувањето на тендерските постапки. Очекувањата се дека за две години ќе добиваме гас и преку ТАП. Исто така не се остварија нашите енергетски предвидувања за поврзување на интерконекторот на Александрополис во Грција. Нашата најголема слабост е што досега не ги изградивме нашите капитални проекти во енергетиката и настојувањето тоа да се прави преку јавно-приватно партнерство наместо да се градат со домашни средства, за да можеме потоа да им ја продаваме нашата струја на соседите по берзански цени – ни изјави Константин Димитров.
Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека е можно земјава да биде прва во регионот по инвестиции во батериски системи за складирање електрична енергија. Ваквите инвестиции, како што рече на панелот во рамките на конференцијата „Година на европски можности“, се предвидени со Законот за обновливи извори на енергија, кој веќе е на ЕНЕР.


Рехабилитација и изградба на сообраќајници

Ќе смогнеме ли сили и памет внатре самите да се реконструираме, а потоа да се интерконектираме?

Во последните пет години за модернизација на патната мрежа низ државата преку изградба и реконструкција на патишта се имплементирани повеќе покрупни инфраструктурни проекти. Но започнатите сообраќајни автопатски делници меѓу Кичево и Охрид, како и кон границата со Косово, кои треба да овозможат и подобра билатерална и регионална поврзаност на нашата земја, се далеку од конечна реализација. Мала светла сообраќајна точка претставува пуштањето на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир како најголем завршен проект во овие години во овој регион! Во државниот пат А2 Крива Паланка – ГП Деве Баир се инвестирани 12,2 милиони евра, грант-средства обезбедени од 2,4 милиони неповратни средства и заем од Европската банка за обнова и развој. Патот е во должина од 13 километри, при што се извршени реконструкција, санација на пропустите на патот, но и проширување со трета лента.
Од македонските превозници во товарниот и во патнички превоз посочуваат на брзината и големите промени што се случуваат во другите земји во регионот, кога станува збор за изградба на современа сообраќајна инфраструктура, а особено во Србија, каде што се вложуваат огромни средства во нови автопатишта и во брза железница, со кои ќе си овозможат подобра конекција со соседните земји.
– Според сознанијата од нашите колеги, сите земји работат на подобрување на нивната сообраќајна инфраструктура. Објективно, во Македонија сѐ уште не е реализиран најголемиот сообраќаен проект на автопатот од Кичево – Охрид до граничниот премин Ќафасан. Но и покрај подобрувањето на регионалните сообраќајни врски во товарниот транспорт во регионот, остануваат истите проблеми од порано. Тоа се предолгите задржувања на граничните премини. Овој проблем особено е изразен на границата со Европската Унија, поконкретно на граничните премини меѓу Србија и Хрватска и Србија и Унгарија. Постои ограничување за премин на товарните возила на помалите гранични премини, со што се намалува и протокот на возила, а со тоа се зголемува времето на чекање. Ова значи дека има изгубени работни денови и повисоки трошоци за превозниците, со што нашите транспортни компании ја губат конкурентноста во однос на оние од Европската Унија, особено во период кога има намален обем на работа за транспортерите, поради војната во Украина – ни изјави Билјана Муратовска од здружението „Макамтранс“.
Покрај побрзото и подобро поврзување во регионалната и европската сообраќајна мрежа на Македонија ѝ недостига и подобро планирање на „просторната економија“, посочува Муратовска. Ова значи дека е неопходно подобрување и осовременување на сообраќајната инфраструктура во земјата, до секое населено место, а секоја општина ќе може и подобро да го планира својот иден економски развој. Ова значи автопатско поврзување на сите поголеми градски центри во земјата, со подобрување на магистралните и регионалните патни правци, од причина што товарниот превоз на стоки е пофлексибилен во однос на другите видови сообраќај, авионскиот, водниот и железничкиот сообраќај. Како приоритет се наметнува и подобрување на железничката инфраструктура во Македонија, но и со отворање и нови траси кон индустриските региони во земјата.
Од Групацијата за сообраќај при Стопанската комора на Македонија ни изјавија дека за политиките за изградба на нови патишта и за подобрување на сообраќајното поврзување со регионот, како и за искористување на повеќе средства од меѓународните финансиски фондови, надлежни се Владата и ресорните министерства. Тоа за што постојано се залагаат во комората е македонските компании да можат да бидат главните изведувачи на работите при реализација на сообраќајните инфраструктурни проекти, а не да им бидат „подизведувачи“ на странски компании.
Реализацијата на патните правци што се дел од коридорот 8 и коридорот 10-д е од особено значење за Македонија, затоа што ќе ја врати на централното место во регионалната патна инфраструктура. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при сумирање на резултатите за 2023 година во ресорот патишта рече дека минатата година е рекордна во реализацијата на капиталните инвестиции во Македонија, во висина од 540 милиони евра. Главниот инвестициски фокус е ставен на двата европски коридора 8 и 10, како и кракот на 10-д. Во однос на западниот дел на коридорот 8, започнати се автопатските делници: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Букојчани – Кичево, Требениште – Струга – граница со Албанија, а во тек е реконструкција на автопатската делница Скопје – Тетово. Во делот на коридорот 10, активно се работи на подобрување на капацитетите и безбедноста преку реконструкција на дел од оштетените делници, од Неготино до Демир Капија, како и на потегот од Катланово до Петровец.

Подготвил: Митко Јовановски