Проблеми со возилото може да се случат насекаде, но затоа треба веднаш да се постави сигурносниот триаголник, за да се избегнат несакани ситуации со другите учесници во собраќајот / Фото: „Нова Македонија“

Безбедносната опрема во возилата треба да биде на дофат при запирање на возилото во случај на дефект или други непредвидливи ситуации што се случуваат често во текот на летото. Рефлектирачките елеци мора да бидат во доволен број за сите патници во возилото, а сигурносниот триаголник и првата помош исто така мораат да бидат при рака, наместо да бидат спакувани со багажот на тешко пристапни места. Добро е да се обезбеди и противпожарен апарат во автомобилот. Овој пат, во серијата написи за безбедносната опрема, ќе направиме осврт за т.н. сигурносен триаголник.
За жал, од теренското истражување што го направи нашата екипа може да се заклучи дека не само што голем дел од возачите воопшто не го користат сигурносниот триаголник туку и голем дел од нив воопшто не го ни носат во своите возила. Дополнително, многу малку од возачите знаат како да го отворат и да го постават на улица

НОВИНАРСКО ИСТРАЖУВАЊЕ: ПРАВИЛНА УПОТРЕБА НА БЕЗБЕДНОСНАТА ОПРЕМА ВО ВОЗИЛАТА

Кога сте возач не очекувате додека возите да има некаков ненадеен застој во сообраќајот на улицата по која се движите. Но доколку се случи сепак да има застој, добро е за тоа да бидете навремено предупредени за навремено да реагирате и да избегнете инцидент или несреќа од поголеми размери. Токму затоа, во возилото што го управувате, од исклучителна важност е да го имате познатиот триаголник, меѓу народот повеќе познат како „трокут“, чија намена е токму таа: да предупреди и да извести дека нешто невообичаено се случило на патот.

ТЕРЕНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

За жал, од она теренско истражување што го направи нашата екипа може да се заклучи дека не само што голем дел од возачите воопшто не го користат триаголникот туку и голем дел од нив воопшто не го ни носат во своите возила. Дополнително, многу малку од возачите знаат како да го отворат и да постават на улица.
Триаголникот не се користи само во случаи на сообраќајни незгоди, иако нивната примена е најголема таму, туку и при ненадеен дефект на возилото, поради кој е невозможно извесен временски период да се дислоцира возилото од улицата, а со неговото присуство се нарушува нормалниот тек на сообраќајот.
Значи, кај возачите воопшто не е развиена навиката да им сигнализираат на другите возачи дека нешто се случува на улицата, а токму поради тоа и според светската статистика во најголем број случаи се случуваат сообраќајни незгоди „карамбол“.
Дури 47 возачи со кои се консултира „Нова Македонија“ на бензинските станици на излезот од Скопје, а кои беа од градови низ државата, во своите автомобили немаа триаголник.
Дури 38 ни рекоа дека воопшто не ни знаат за што служи триаголникот, а од тие 38, 23 рекоа дека го имаат, но не знаат како да го постават на улица, односно, воопшто не знаеја на која далечина од возилото тие треба да се постават, каде се поставуваат и воопшто како да се отворат.
– Не сум се сетил да го поставам иако знам дека е многу важно тој да се постави, првенствено поради моја безбедност. Имам учествувано во сообраќајна незгода, во која другиот учесник постави триаголник. Јас не го ни имав во возилото – вели Благоја М.
За жал, поразувачки се бројките колку луѓе точно знаеја за што се користи триаголникот, како се поставува и кои се законските обврски за овој сигнализирачки предмет.
Само 15 возачи во своето возило не само што имаа триаголник туку точно знаеја како да го отворат, на која далечина се поставува и која му е намената.
За жал, возраста на овие лица беше од 40 години па нагоре, додека младите возачи, односно, оние на возраст до 30 години, беа со речиси никакво знаење за триаголникот.
Поразувачки се и податоците за жените учесници во сообраќајот. Од оние дваесетина што ние ги прашавме, ниту една не знаеше како да го отвори триаголникот.
– Јас знам само да возам. Друго ништо. И да ми се дупне гума, јас не знам како да ја сменам. Ниту знам дека треба да го имам во багажникот, ниту знаев дека сум го имала цело ова време. Тоа некако е работа на мојот сопруг, јас само седнувам и возам – вели Љубица Дојчинова.

ТРИАГОЛНИЦИ НА ПРОДАЖБА ИМА, НО СЕ СО НИЗОК КВАЛИТЕТ

Она што, за жал, е поразувачки податок е и тоа што триаголниците што ги има во продажба се во ужасно лоша состојба, со исклучително лош квалитет, со минимална тежина, која е невозможно да ги одржи стабилни на улица каде што сообраќаат возила.
Вакви замерки имаа и возачите, кои додека за нашата анкета ги отвораа и ни објаснуваа како се поставуваат нагласија дека оние што денес се продаваат се со катастрофален квалитет.
– Денес сѐ што се продава е третокласно и неквалитетно. Јас имам триаголник уште од времето на СФРЈ, кога татко ми бил возач. Меѓутоа поради тоа што имаме две возила, морав да купам уште еден за другото возило. Квалитетот воопшто и не може да се спореди. Ова новото е со минимална тежина, човек да го дувне, триаголникот ќе летне. Дополнително, многу брзо се уништуваат, да не речам се распаѓаат. Денес нема никаков квалитет – вели Мики Горгиевски, возач од Скопје.

КОГА ТРЕБА ДА СЕ КОРИСТИ ТРИАГОЛНИК ВО СООБРАЌАЈОТ СПОРЕД ЗАКОНОТ?

Според Законот за безбедност на патниот сообраќај, членот 67:
(1) Возачот, односно сопственикот на возилото е должен моторно возило, трицикл, лесен четирицикл, четирицикл, трактор, приклучно возило и запрежно возило што е запрено на коловоз да го обележи со посебен знак со кој се означува запрено возило на коловозот во случај:
– кога бил принуден своето возило да го запре на местото или на делот од патот во согласност со членот 65 од овој закон;
– кога возилото е запрено на коловоз на такво место што возачите на возилата што наидуваат од истата насока не можат или тешко можат навремено да го забележат; и
– на автопат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, како и на дел од патот што не е доволно прегледен.
(2) Знакот од ставот (1) на овој член се поставува на коловозот зад запреното возило, во вертикална положба и на доволна оддалеченост, која на пат надвор од населено место не може да биде помала од 50 м, а во населено место не може да биде помала од 15 м. Знакот од ставот (1) на овој член на ист начин се поставува и кога на патот е запрена колона од моторни возила, при што во тој случај на коловозот, наместо еден, се поставуваат два знака, и тоа еден покрај друг.
(3) Ако во моторното возило е вграден уред за истовремено вклучување на сите покажувачи на правецот, во случајот од ставот (1) на овој член, тој уред треба да биде вклучен.


Внимание: Има и казни за некористење сигурносен триаголник

Законот вели дека мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон на возачот, односно сопственикот на возилото што постапува спротивно на одредбите од законот. Исклучок од тоа е доколку сопственикот на возилото не поседува возачка дозвола. Во тој случај нему ќе му се издаде прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, во согласност со одредбите на овој закон.