Во српските архиви постојат повеќе документи што посочуваат дека неколку истакнати Македонци, како што е Даме Груев, во одредени моменти во својот живот јавно ја прифатиле српската или бугарската национална идеја. Но тоа само по себе не е потврда дека имале српско или бугарско потекло. За оваа проблематика, историчарите и универзитетските професори велат дека Македонците под влијание на пропагандите се изјаснувале за Срби, Бугари, Грци и Романци, но нивното изјаснување треба да се гледа како променлива категорија во зависност од околностите и персоналната флексибилност да одговорат на тие околности и предизвици, да избегнат одредени закани и опасности, за да не ги загрозат главната идеја и македонската кауза. Многу анализи потврдуваат дека нивното декларирање (како Срби, Бугари или Грци) не треба да се смета за вистинско чувство, а уште помалку за докажување на нивните бугарски, српски или други корени

Злоупотреби на интернет-мрежата за пропаганда и манипулација

Една од главните особености на семрежјето (интернетот) се лесната достапност и споделувањето на информациите и податоците, но честопати интернетот се злоупотребува за манипулација на јавното мислење во полза на одредени политички цели. Во таа конотација може да се посочат и неколку мрежни станици (веб-страници), кои повеќе од една деценија шират пропаганда преку селективен избор и манипулација на историски извори и документи.
Основаната цел на овие мрежни места е убедувањето на пошироката јавност дека Македонците имаат бугарски корени, со што на директен и индиректен начин се негираат македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи и др. При објавувањето на содржините, споменатите веб-страници, кои се финансирани и поддржани од сомнителни структури, ја злоупотребуваат веќе постојната и достапна архивска граѓа.
Одредени документи или извори сами по себе не претставуваат историски факти, бидејќи проучувањето на историјата е сложен процес, процес што се состои од анализа на достапните информации од минатото од различни извори, како и изведување заклучок врз основа на истите тие извори или документи.
Како конкретен пример за манипулација со јавното мислење може да се одвои т.н. онлајн библиотека „Струмски“, каде што можат да се пронајдат повеќе книги и материјали од македонската историја, меѓутоа честопати со селективна природа.
Дека всушност станува збор за пропагандна активност потврдува и еден документ што потекнува од српските архиви, кој е познат како „Адреса на поранешните ученици на друштвото ’Св. Сава’, родум од Македонија – Српското народно собрание“ од 1 февруари 1890 година. Споменатиот документ бил подготвен и потпишан од повеќемина македонски ученици што се школувале во Белград, а меѓу потписниците е и Даме Груев.
Конкретно во „Адресата“ може да се прочита: „Секому му е познато дека тоа е земја (Македонија б.н.) населена од мнозинство Словени, и тоа — Бугари. Меѓутоа, од пред некое време српското јавно мнение толку се зазело со пишување за да ги посрби Македонците, така што тоа заземање постана вистинска страст, како за сите српски новинари, така и за државниците, книжевниците, па и за поедини приватни луѓе. Не слушајќи ги толку авторитетите на образовниот свет, тие сакаат насила да го уверат целиот свет дека во Македонија живеат чисти, овејани Срби!“

„Адресата“ е скенирана од повеќетомниот зборник на документи, поточно од „Граѓа за историја на македонскиот народ од Архивот на Србија“ (том петти, книга прва), зборник објавен во 1988 година. На прв поглед без дополнителна анализа и предзнаења, од „Адресата“ испратена до српското собрание може да се заклучи дека македонските ученици, вклучувајќи го и Даме Груев, нагласуваат дека Македонија е населена со Бугари.
Но ова самото по себе не е историски факт, во контекст дека македонскиот народ има бугарски корени. Самата „Адреса“ до српското собрание има своја заднина или предисторија, а дека станува збор за селективност и обиди за манипулација со јавното мислење е и фактот што во веќе спомената граѓа за македонската историја постојат исто така документи од кои може да се изведе и спротивен заклучок. Имено, во „Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија“, том четири, книга три (1880 – 1889), објавена во 1987 година и приредена од д-р Климент Џамбазовски, може да се сретне и обраќањето на повеќе македонски ученици, меѓу нив и Даме Груев, до Владан Ѓорѓевиќ, тогашен српски министер за просвета и црковни работи од 21 септември 1888 година, односно две години пред „Адресата“ на поранешните ученици на друштвото „Св. Сава“ до српското собрание.
Во споменатото обраќање, македонскиот ученици побарале и финансиска помош и школување во Србија, а за возврат ветиле: „Ние со својата сила ќе поработиме што порано да стекнеме знаења, како би ѝ биле од корист на нашата околина, а со тоа и за целото српство, па нас да не нè мачат Бугарите и преостанатите туѓинци“.
Напишаното е токму во спротивност со спомената адреса до српското собрание, бидејќи во ова обраќање македонските ученици се декларираат како Срби.

Мора да се напомене дека во српските архиви постојат повеќе документи што посочуваат дека неколку истакнати Македонци, како што е Даме Груев, во одредени моменти во својот живот јавно ја прифатиле српската или бугарската национална идеја, но тоа само по себе не е потврда дека имале српско или бугарско потекло. Обраќањето до српскиот министер за образование и „Адресата“ до српското собрание имаат своја предисторија, односно станува збор за македонски ученици што биле избркани од Солунската гимназија и барале начини и средства за да го продолжат своето школување.
За оваа проблематика, историчарот и универзитетски професор Ванчо Ѓорѓиев вели дека Македонците под влијание на пропагандите се изјаснувале за Срби, Бугари, Грци и Романци, но нивното изјаснување треба да се гледа како променлива категорија во зависност од нивните интереси.
– Нивното декларирање како Бугари не треба да се смета за вистинско чувство, а уште помалку за докажување на нивните бугарски корени – нагласува Ѓорѓиев.
Дека станува збор за селективност и обиди за манипулација со изворите и документите потврдува и фактот дека некои од потписниците на „Адресата“ до српското собрание, кои подоцна заминале за Софија, побарале да се вратат во Србија.
Нивното образложение било: „Ние сега гледаме колку сме сродни со Бугарите, подобро да бидеме уште толку години под Турците, отколку под Татари“. Овој документ беше објавен од академикот Блаже Ристовски во зборникот „Прилози за Даме Груев“ во 1983 година.