Фото: Твитер

Данската тениска сензација Холгер Руне (18) ја извојува својата најголема победа во кариерата и се закити со првиот Мастерс трофеј. Руне во неверојатно финале во Париз по три сета го надигра големиот шампион Новак Ѓоковиќ, иако имаше негатива од 1-0.

И покрај исцрпувачкиот полуфинален дуел со Циципас, српскиот ас сочува сили за големото финале и моќно го отвори дуелот со данскиот противник. Уште во четвртиот гем Ѓоковиќ се избори за брејк предност, кој што во продолжение искусно го сочува и со 6-3 поведе со 1-0 во сетови.

Но, осумнаесеттиот тенисер на АТП листата успеа да се соземе по лошиот прв сет и во вториот заигра далеку подобро. Високиот ритам кој го наметна Данецот му направи многу проблеми на фаворизираниот противник, кој загуби гем на свој сервис и откако не најде решение за нов брејк, финалето влезе во трет, решавачки сет (6-3).

Во истиот се водеше голема битка, двајцата тенисери не ги даваа гемовите на свои сервиси, но така сè до десеттиот гем во кој на изненадување на сите Руне направи брејк и потоа одигра неверојатен гем – спаси шест брејк топки на Ѓоковиќ, ја искористи втората меч топка и забележа огромна победа за трофеј во „градот на светлината“ (7-5).