Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ждрепката за составот на групите е закажана за 18 април во Виена

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 ЗА РАКОМЕТАРКИ

Женската ракометна репрезентација на Македонија со победа го заврши квалификацискиот циклус за пласман на 16. Европско првенство (ЕП) и ќе биде дел од шампионатот, кој од 28 ноември до 15 декември годинава треба да се одржи во Швајцарија, Австрија и во Унгарија. Ждрепката за составот на групите за ЕП 2024 е закажана за 18 април во Виена.
Во шестиот натпревар од групата пет, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје македонската селекција ја совлада Литванија со 34-24 (Македонките славеа и во првиот меч на гости со Литванија, со 31-28) и со осум бода го освои второто место во својата квалификациска група, во која беа и првопласираната Шпанија, со максимални шест победи, и Азербејџан, кој има една победа, колку што оствари и Литванија.
Во вториот меч од оваа група, Шпанија го победи Азербејџан со 42-16. Избраничките на македонскиот селектор Кристијан Грчевски, како што и се очекуваше, немаа тешка задача да ја совладаат Литванија во Скопје, постојано беа во водство. Најефикасни кај Македонија беа левиот бек Андреа Седлоска и левото крило Емилијана Ризоска, со по шест погодоци, а кај Литванките левиот бек Аушра Арцишевскаја, со 10.
Македонија седми пат ќе учествува на ЕП (најдобар пласман е седмото место во 2008 година во Македонија). Во овој циклус квалификации за пласман на 16. Европско првенство (ЕП) за ракометарки, шест македонски репрезентативки постигнаа двоцифрен број голови.
Најефикасна е десното крило Сара Ристовска, која на пет меча (не настапи на последниот) постигна вкупно 26 гола или во просек 5,2 по натпревар. Потоа на листата се левото крило Јована Саздовска со 24 гола, левиот бек Андреа Седлоска со 23, десниот бек Ива Младеновска со 12, левиот бек Ангела Јанкуловска со 11 и левиот бек Симона Маџовска со 10…
Во квалификациите олимпискиот и светски првак Франција постигна најмногу голови (270) и најмалку прими (88), Французинките имаат и најдобра гол-разлика (плус 182)… Македонките постигнаа 181, а примија 146 гола. Селекциите на Романија, Германија, Холандија, Франција, Шпанија, Црна Гора, Шведска и Данска славеа во сите дуели… Г.И.


На годинашното ЕП ќе играат сите селекции што настапија на ЕП 2022

На 16. Европско првенство (ЕП) за ракометарки годинава, на кое првпат ќе настапат 24 селекции (досега по 16), ќе играат сите 16 репрезентации што учествуваа на минатото ЕП, во 2022 година, кое се одржа во Македонија, Црна Гора и во Словенија.
На годинашниот шампионат директно се пласираа домаќините Швајцарија, Австрија и Унгарија и актуелниот европски првак, Норвешка, а преку квалификациите Романија, Хрватска (од групата 1), Германија, Украина (група 2), Холандија, Чешка (група 3), Франција, Словенија (група 4), Шпанија, Македонија (група 5) Црна Гора, Србија (група 6), Шведска, Исланд (група 7), Данска и Полска (група 8). Како најдобри четири меѓу третопласираните селекции во групите, пласман обезбедија и Турција (група 6), Словачка (група 2), Португалија (група 3) и Фарски Острови (група 7).


ГРУПА 5

Македонија – Литванија 34-24
Шпанија – Азербејџан 42-16

ТАБЕЛА
Шпанија 6 6 0 0 12
Македонија 6 4 0 2 8
Литванија 6 1 0 5 2
Азербејџан 6 1 0 5 2