Фото: Горан Анастасовски

Шарен свет

Верувале или не, не постои само прекрасната мала, но брза и силна птица колибри, по која и нашиот прилог за деца го доби името пред 65 години. Тука е и пеперугата со исто име – колибри, која во народот се среќава и како обична голупка, чие латинско име е Macroglossa Stellatarum.
Бидејќи таа се храни со цветниот нектар и произведува сличен звук како и колибрито, многумина навистина овој инсект го сметаат за негов „роднина“.

Има уште една голема сличност, пеперугата колибри има моќ да распознава бои, а научниците утврдиле дека најмногу ги сака сините, виолетовите и жолтите цветови.
Сличноста со птицата со исто име научниците ја нарекуваат конвергентна еволуција. Слично како и птицата колибри, пеперугата го впива нектарот со помош на својот долг јазик. Утврдено е дека овие инсекти можат да посетат и до 1.500 цвета дневно и просечно консумираат количество шеќер што одговара меѓу 20 и 50 проценти од нивната вкупна тежина. Просечно трошат по 0,6 грама нектар на час за време на летањето. Најтешките примероци тежат 6 грама и имаат потреба од 6 милиграми шеќер за секоја минута, а тоа би било еквивалентно на случајот кога човек со тежина до 57 килограми би јадел 57 грама шеќер секоја минута. За да се одржат во воздухот, пеперугите колибри мавтаат со крилјата од 70 до 90 пати во секунда.

Овие пеперуга може да помине и до 3.000 километри за помалку од 14 дена, со брзина од 70 до 80 километри на час, со што нивното летање е енергетски најнапорната локомоторна активност во светот на животните. Наедно, тоа ја вбројува меѓу најиздржливите пеперуги на светот.

Младите пеперуги колибри мигрираат при промената на годишните времиња. Во лето може да се сретнат во Европа, а секако ги има и кај нас. Во зима тие одат на потопли краишта, па можат да се најдат во Индија, Виетнам и во Гамбија. Во Централна Европа пеперугите колибри ги има најчесто во јуни, јули, август и во септември, и тоа најчесто во парковите, цветните градини, во градовите и селата, поточно секаде каде што има убаво, шарено и мирисливо цвеќе, полно со нектар.

М.Т.