Фото: Игор Бансколиев

Утре на програмата се мечевите за медали, а најефикасното финале досега се одиграло на СП 2005 (Шпанија – Хрватска 40-34), а убедливо најмалку голови (17) биле постигнати на СП 1961 (Романија – Чехословачка 9-8, и тоа дури по две продолженија)

РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

По полуфиналните пресметки синоќа, утре со натпреварите за бронзениот и за златниот медал завршува 28-то Светско првенство (СП) во ракомет за мажи во Полска и во Шведска, на кое од 32 селекции ќе се одиграат вкупно 112 натпревари. Финалните и дуелите за третото место на сите досега одржани мундијали, освен на две-три средби, секогаш биле неизвесни. Најефикасното финале досега се одиграло на СП 2005, кога Шпанија ја победила Хрватска со 40-34 (вкупно 74 гола), а потоа се тие на СП 2017, кога Франција славела над Данска, по продолжението, со 37-35 (72) и на СП 2003, кога Хрватска ја победи Германија со 34-31 (65). На преостанатите финалиња се постигнувани 60 или помалку погодоци. Убедливо најмалку голови (17) биле постигнати на СП 1961, кога Романија славела против Чехословачка со 9-8, и тоа дури по две продолженија. Според податоците, досега на СП 2023 се постигнати во просек по 58 гола по меч, ефикасност рамна на досега рекордната, на СП 2007.
Најефикасен натпревар за бронзениот медал се одиграл на СП пред две години, кога Шпанија ја победи Франција со 35-29 (вкупно 64 гола), а второто место го делат два натпревара со по 61 реализиран гол, на СП 2007 (Данска – Франција 34-27) и на СП 2017 (Словенија – Хрватска 31-30). Најмалку голови во дуелите за бронзата биле видени на СП 1958 (Германија – Данска 16-13).
На претходните десет СП повеќе ракометари оставиле забележителна трага според бројот на постигнати голови. Така, досега најмногу голови, 18, на еден натпревар постигнал десниот бек на Чиле, Родриго Салина, на СП 2013. До него се седуммина со по 15 гола, Драган Гајиќ, Едуард Кокшаров, Кирил Лазаров, Гудјон Сигурсон, Снори Гудјонсон, Ангутимарик Крутзман… На СП 2023 до полуфиналните дуели најмногу голови на меч постигна левото крило на Црна Гора, Милош Вујовиќ, 12, а најмногу голови, 78, се видени на мечот помеѓу Бразил и Исланд (37-41). Г.И.