Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: Вчерашното сериско сквернавење на македонскиот јазик на дигиталните медиуми

Највидливата перцепција за статусот и почитувањето на официјалниот јазик во една држава е преку неговата примена во медиумите. Всушност, јазикот како изразно средство е основната алатка за функционирање на медиумите, а на некој начин и смислата за нивното постоење.
Почитувањето и доследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик во македонските медиуми се покажува како постојан предизвик во практиката. Во современото дигитално медиумско дејствување, тој предизвик е честа појава, илустративно забележлива на агрегаторите на вести, кога различни медиуми пренесуваат иста вест, па евентуална јазична или граматичка грешка се повторува сериски од сите медиуми. Таквата појава, за жал, е често забележлива, што укажува како на професионална површност, но и на незаинтересираност за базична јазична писменост, според која се ценат професионалните и културните стандарди на медиумите, а преку нив и на севкупното општествено живеење.
Најсвеж пример за таквиот (не)професионален однос на медиумите е вчерашната информација, во која беа презентирани делови од интервјуто на министерот за внатрешни работи. По игра на случајот во основниот текст, кај медиумот што прв ја објави информацијата на самиот почеток погрешно беше напишан зборот „хибридно“ како „хибрдно“. Не, не обрнуваме внимание на обична печатна грешка, која се случува… Туку на нешто сосема посуштинско.
Имено, најголемиот број од медиумите што ја пренесоа веста, воопшто не интервенирале, туку со најобичен „копипејст“ потег ја презеле веста и воопшто не ја ни погледнале, за да видат дали евентуално нешто треба да се интервенира.
За жал, овој пример само ја отсликува состојбата со почитување на јазичните стандарди речиси во сите динамични медиуми, иако забележлива е разликата во однос на почитување на македонскиот јазик и спроведување на законските одредби за негова употреба во печатените медиуми. Во класичните медиуми, како печатените весници, доследно и постојано се работи според стандардите за јазична и стилска коректност и сите текстови се подложени на лекторска обработка. Состојбата во однос на јазичната коректност во електронските медиуми, како телевизиите и радијата, е делумно контролирана, во зависност од програмата и медиумската политика, додека најалармантна е ситуацијата во дигиталните медиуми (порталите), каде што почитувањето на јазичните стандарди е повеќе израз на стихијност, случајност, или исклучок отколку на професионална доследност. Сериозен предизвик и за новиот закон за употреба на македонскиот јазик и инспекторатот што се предвидува е регулацијата на ова прашање во медиумската сфера.