Дали Стариот Континент е на чекор до намалување на увозот на клучни минерали?

Минералите од ретки руди се неопходни за многу високотехнолошки производствени процеси и се користат во електричните возила, ветерните турбини, преносливата електроника, микрофоните и звучниците. Извршниот директор на шведското државно рударско претпријатие ЛКАБ, Јан Мостром, неодамна порача дека станува збор за добра вест не само за ЛКАБ, регионот и шведскиот народ, туку и за Европа и климата. Според Мостром, тоа би можело да стане значајна основа за критични суровини што се апсолутно неопходни за да се овозможи зелената транзиција.

Капацитет на новото шведско наоѓалиште

Новопронајденото наоѓалиште, наречено „Пер Гејер“, е во непосредна близина на рудникот за железо на ЛКАБ во Кируна, кој е најголем во светот. ЛКАБ веќе почна да подготвува пробни ископини во должина од неколку километри и на длабочина од приближно 700 метри во постојниот рудник во Кируна кон новото наоѓалиште, за да може длабински и детално да се истражи. Ретките елементи во „Пер Гејер“ се јавуваат заедно со фосфорот во минералот апатит, во она што главно се смета за наоѓалиште на железна руда и кое може да се произведе како нуспроизводи. Исто така, со наоѓалиштето се создаваат сосема различни можности за можно конкурентно рударство.
ЛКАБ планира кружен индустриски парк во северниот шведски град Лулео, со нова технологија за екстракција и преработка на фосфор, ретки минерали и флуор врз основа на денешното постојно рударско производство. Леиф Бостром, виш потпретседател на деловниот сектор за посебни производи во ЛКАБ, вели дека таму наместо да се депонира материјалот, тој може да се искористи за создавање нови, одржливи производи. Така, се планира производството да започне во 2027 година.

Европа не сака да зависи од увозот на ретките минерали

Ретките минерали моментално не се ископуваат во Европа, поради што регионот останува да зависи од увозот од друго место, додека побарувачката се очекува да се зголеми во наредните години поради зголемувањето на производството на електричните возила и обновливите извори на енергија. Шведската министерка за енергија, бизнис и индустрија, Еба Буш, порача дека електрификацијата, самодоволноста и независноста на Европската Унија од Русија и од Кина ќе започнат токму од рудникот.
Шведска моментално претседава со Европскиот совет и е земја што се смета за клучен дел од стратегијата на Европската Унија (ЕУ) за самодоволност во сферата на клучните минерали. Европската комисија смета дека ретките минерали се меѓу најкритичните ресурси за регионот. Инаку, огромен дел од ретките минерали моментално се ископува во Кина.

Бавен процес за добивање концесија

Сепак, патот до развивањето на рударството во новото наоѓалиште во Шведска е долг. ЛКАБ соопшти дека планира да поднесе барање за концесија за ископување оваа година, но додаде дека ќе поминат најмалку 10-15 години пред да може да започне со ископување во наоѓалиштето и испорака на пазарот. Процесот за одобрување на нови рудници е долг и напорен процес во скандинавската земја, бидејќи операциите честопати го зголемуваат ризикот што влијае на водните ресурси и биодиверзитетот во областите каде што се наоѓаат.
Дополнително, Ерик Џонсон, виш геолог во Одделот за минерални ресурси при Геолошкиот институт на Шведска, рече дека на Европа моментално ѝ недостига целосен капацитет за обработка на метали од ретки руди и за производство на полуфабрикати.