Првите два меча во новата сезоната се Бостон – Филаделфија и Голден стејт – Лос Анџелес лејкерс. Леброн Џејмс ја почнува 20-та сезона во НБА, нешто што постигнале само осум играчи во историјата на лигата, а тоа е и почетокот на одбројувањето на стремежот на Џејмс да го постигне рекордот на Карим Абдул-Џабар како најдобар стрелец на сите времиња во НБА

КОШАРКА

Поминаа четири месеци откако Голден стејт вориорс ја освои титулата во кошаркарската НБА-лига, оттогаш ја видовме парадата на шампионатот, нова генерација играчи влегоа во лигата преку т.н. драфт, некои клучни потписи за слободните играчи, трио олстар-разменети во нови тимови, млади таленти што се покажуваа во Летната лига, некои драми надвор од теренот, тренинг-кампови и претсезонска акција, пишува НБА на својата интернет-страница во најавата на новата сезона, која почнува в среда рано наутро.
Сезоната број 77 почнува со два меча, Бостон – Филаделфија и Голден стејт – Лос Анџелес лејкерс. Во првиот натпревар од сезоната 2022/2023 игра актуелниот стрелец шампион Џоел Ембид што ја води Филаделфија во Бостон за да се соочи со бранителот на трофејот во Источната конференција. Првиот обид на Бостон за титула бр. 18 запре со две победи против Голден стејт во јуни.
Селтикси ја почнуваат својата потрага да се вратат во финалето на НБА со нов тренер (Џо Мазула) и нов бек (Малколм Брогдон). На оваа средба, исто така, ќе му биде дадена почит од Селтикси на покојниот Бил Расел, кој е првиот играч чиј број е повлечен од употреба во НБА, бидејќи неговиот број 6 нема да биде доделен повторно од ниту еден НБА-тим на ниту еден играч, а кошаркарите што моментно го носат бројот 6 ќе бидат последната група играчи што некогаш ќе го носат тој број на НБА-натпревар.
Таа листа ја предводи Леброн Џејмс, кој ќе биде вклучен во вториот натпревар на првиот ден од новата сезона, а на таа листа се уште 14 играчи. Стивен Кари и Голден стејт се домаќини на ЛА лејкерс, а Голден стејт ќе ја слави својата четврта шампионска титула во осум сезони, пред да ја почне одбраната на титулата против Леброн Џејмс, Ентони Дејвис и Лос Анџелес лејкерс.

Ова ќе биде првпат Голден стејт да ги добие своите шампионски прстени и да го крене новиот шампионски транспарент во центарот „Чејс “, кој беше отворен во септември 2019 година. Првите три титули од оваа серија на Голден стејт беа прославени во поранешната домашна арена на Голден стејт, „Оракл арената“ во Оукленд.
Овој натпревар го означува и почетокот на 20-та сезона на Џејмс во НБА, нешто што постигнале само осум играчи во историјата на лигата: Винс Картер (22 сезони); Роберт Периш, Кевин Вилис, Кевин Гарнет, Дирк Новицки (по 21 сезона), Коби Брајант, Карим Абдул-Џабар и Џамал Крафорд (по 20 сезони).
Тоа го означува и почетокот на одбројувањето на обидот на Џејмс да го постигне рекордот на Карим Абдул-Џабар како најдобар стрелец на сите времиња во НБА-лигата. Џејмс влегува во сезоната со 1.326 поени помалку од рекордот. Врз основа на неговиот просек од 27,1 поени по натпревар во кариерата, на Џејмс ќе му требаат 49 натпревари за да го собори рекордот, пишува НБА.