Македонскиот селектор Александар Јончевски првиот собир на репрезентацијата ќе го има утре, а до заминувањето во вторник во Левице, на дуелот со Словачка, предвидени се два тренинга

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Словачка, Хрватот Арамис Наглиќ, ги соопшти имињата на 14-те играчи за последните два меча од групата Д, против Македонија и Данска, а во рамките на третиот и последен циклус од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) 2025, во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. На списокот има минимални промени во однос на ноемвриските натпревари, во кои Словачка ги победи Данска (74-70) и Норвешка (68-56), со што остана во игра за пласман во главните квалификациски натпревари за ЕП 2025. На табелата во групата Д, Словачка е на третата позиција, со биланс од две победи и два пораза, колку што има и Норвешка, но во меѓусебните натпревари Норвежаните имаат подобра кош-разлика.
Давид Новак и Виктор Јуричек би можеле да ги одиграат премиерните минути во овој претквалификациски циклус, шанса може да добие и Марек Долежај, кој неодамна најде нов клуб, додека Мартин Даниелич од Комарно за првпат е на списокот од 14 играчи. Секако, главната ударна сила на Словаците се Владимир Бродзијански, Шимон Крајчович, Мајкл Фусек и Јакуб Мокран. Во споредба со ноемвриските натпревари, поради долготрајна повреда од составот отпаднаа Марио Ихринг и Рихард Корнер, кои моментно се и надвор од терените, информираат од таборот на Словаците.
Македонскиот селектор Александар Јончевски, пак, кој верува дека успешно ќе бидат завршени овие претквалификации, првиот собир на репрезентацијата ќе го има утре, односно еден ден по завршувањето на финалниот натпревар во купот на Македонија „Благоја Георгиевски Буштур“, кој се игра денеска. По соопштувањето на списокот од 14 играчи, до заминувањето во вторник во Левице на дуелот со Словачка, кој се игра в четврток, репрезентативците ќе имаат на располагање ден и половина, а предвидено е да се одработат два тренинга. Три дена подоцна црвено-жолтите ќе го одиграат последниот натпревар против Норвешка во Осло.
По четири одиграни кола, Македонија има исто толку победи и е на чело во групата Д, со осум бода, Норвешка и Словачка имаат по шест, а Данска е последна, со четири бода и без шанси за пласман. Само првиот од групата оди во главните квалификации. Г.И.


Список на кошаркари на Словачка

Шимон Крајчович (Бремерхавен, Германија), Самуел Воларик, Мартин Даниелич (двајцата од Комарно), Далибор Хливак, Михаел Фусек, Виктор Јуричек (сите од Ритиери), Мартин Бахан, Давид Абрхам (двајцата од Патриоти, Левице), Јакуб Мокран (Опава, Чешка), Марек Долежај (Минстер, Германија), Матеј Мајерчак (Острава), Давид Новак (Нумбурк, Чешка), Владимир Бродзијански (Хувентуд, Шпанија), Тимотеј Маловец (ОКК Белград, Србија).