Стануваме ли живи ѓаволи

Европа, за која толку пекаат нашите политичари, навистина дојде и кај нас, со започнувањето на скрининг-процесот. Многу добро! Барем ако се суди според европските цени со кои секојдневно се соочуваме. Еве, на пример, храната за една година се качи за 25 проценти и со тоа се приближивме, па дури и изедначивме, со европскиот ценовен стандард за чинење на храната. Или еве уште еден пример каде што сме дури и подобри од Европа. Државната статистика официјално ни соопшти дека во јануари имаме инфлација од 17,1 отсто во споредба со истиот период лани. Иако на обичниот граѓанин не му треба статистиката за да се увери во она со што се судира секојдневно

Млада девојка што навреме си замина од Македонија, деновиве дојде на неколку дена да се види со родителите и да присуствува на семејна веселба. По двегодишно отсуство, ѝ требаше време да се соземе од ценовниот шок што го доживеа при првата средба со родниот крај. Вели дека се сметала за доволно информирана поради секојдневната комуникација со своите роднини и пријатели, како и следењето на информациите преку интернет, но веќе при првото влегување во маркет се шокирала. Тврди дека цените се речиси еднакви, па дури и повисоки кај некои производи од нејзината нова татковина, каде што платите се неспоредливо повисоки.
Нејзините зборови ме потсетија на разговорот со брачна двојка, наши сограѓани што решија своите пензионерски денови да ги поминат во Македонија, по долгогодишната работа во Швајцарија. Кога драгите пријатели ме убедуваа дека цените во маркетите овде се несразмерни со примањата, затоа што се речиси идентични со швајцарските, не можев да ги прифатам тврдењата, сѐ додека не се создаде можност на самото место да се уверам во нивните тврдења.
Треба ли овде да ги додадам уште искажувањата на некои од нашите граѓани што годишниот одмор во Грција редовно го завршуваат со посета на некој од големите маркети, каде што ги полнат багажниците со прехранбени производи, пијалаци и друга стока, кои очигледно се поевтини отколку кај нас.
Очигледно, Европа за која толку пекаат нашите политичари, навистина дојде и кај нас, со започнувањето на скрининг-процесот. Многу добро! Барем ако се суди според европските цени со кои се соочуваме секојдневно. Еве, на пример, храната за една година се качи за 25 проценти и со тоа се приближивме, па дури и изедначивме, со европскиот ценовен стандард за чинење на храната. Или еве уште еден пример каде што сме дури и подобри од Европа. Државната статистика официјално ни соопшти дека во јануари имаме инфлација од 17,1 отсто во споредба со истиот период лани. Иако на обичниот граѓанин не му треба статистиката за да се увери во она со што се судира секојдневно. Но, еве, за секој случај малку бројки. Не многу, за да не ни се покачи крвниот притисок токму викендов…
Еве, на пример, во Македонија просечна нето-плата е околу 520 евра (минимална нето-плата изнесува 18.000 денари, или 292 евра). Просечната нето-плата во Србија изнесува околу 640 евра (минимална плата 300 евра). Во Бугарија просечната плата изнесува 788 евра, а минималната 332 евра. Црна Гора има просечна плата од 718 евра (450 минималната плата). Во Босна и Херцеговина нето-платата е 585 евра. Албанија исплатува просечна нето-плата од 517 евра (минималната 273 евра), во Косово нето-платата изнесува 432 евра, а минималната плата достигнува до 170 евра. Хрватска има нето-плата од 1.016 евра и минимална плата од 496 евра. Грција има 1.466 евра (758 минимална плата), а Словенија нето-плата од 1.312 евра и минимална плата од 1.074 евра.

Но на обичниот граѓанин не му треба статистиката за да се увери во она со што се судира секојдневно при најобична посета на кој било маркет. Храната за една година поскапе за 25 проценти. А нашите трговци влегоа во шемата на качување цени и нема сила што ќе ги сопре. Владата се обиде да им застане на пат на ненаситните покачувачи на цените, но без некој поголем успех. Се воведоа владини мерки за ограничување на маржата и за повластена цена на струјата за производителите. Но тоа, очигледно, не ги задоволи нивните апетити. Се разбира, негодувањето е најголемо токму поради ваквото поскапување на храната, затоа што токму со тие нови бројки се судираме секојдневно, бидејќи тоа е нешто што се купува на дневна основа. Преостанатите работи не паѓаат толку во очи, оти не се купуваат со таква фреквенција. Што, пак, од друга страна не значи дека и други производи и услуги не поскапуваат континуирано. Поскапуваат, но не паѓаат толку во очи.
Деновиве беше објавено дека синдикалната кошничка, која ја подготвува Сојузот на синдикати, а која ги опфаќа основните потреби на едно семејство, во јануари изнесувала 50.799 денари. Колку за илустрација, Владата за наредниот месец најавува зголемување на минималната плата, со што таа би ја надминала границата од 20.000 денари. Но суштината не е тука. Ако се тргне по таа спирала, тогаш социјалните трансфери ќе нѐ вовлечат уште подлабоко во спиралата на осиромашување. Дури сега ја сфаќам изреката што едно време беше особено популарна „сиромав човек, жив ѓавол“. Навистина, во ова време, човек треба да се престори во „жив ѓавол“ за да преживее. Или можеби не?! Сепак, сметам дека тоа е прерадикален став и за мене.

Треба да се престориме во нешто друго. Треба да се престориме во – луѓе! Да, точно така. Луѓе што најпрвин ќе се свртат кон самите себе. Луѓе што ќе ги воочат најпрво личните недостатоци, а потоа ќе се обидат да им помогнат на заедницата и државата. Луѓе што ќе имаат морален став кон животот, со свест за дисциплина. Неопходно е да се престориме во луѓе што почитуваат правила, вредности, однесување, совест, карактер и одговорност кон должностите и обврските. Познато е дека нашето општество низ историјата создавало систем на морални норми и непишани правила на однесување: доброто и правичноста наспроти злото и неправдата, умереноста, вистинољубивоста, храброста… Сега тоа како полека да ни се губи од пред очи. Заборавивме и што значи радост од работењето, уживање во професијата и со личната и заедничката тенденција за сѐ поголема продуктивност да создаваме добра. И за себе и за нацијата. Како ни се протна неморалната синтагма да ни стане секојдневие и мантра што вели „не може толку малку да ме платат колку што можам малку да работам“?! Токму тоа е ѓаволштината што ја прифаќаме за нормалност.
Затоа ние осиромашуваме и затоа веќе сме се престориле во „живи ѓаволи“. Но исто така знам и дека нема да се заврши вака, со тоа што, ќе повторам уште еднаш, мора да накиснеме на дождот за да го видиме виножитото. А и да поминеме под него. Старите велат дека кој поминал под виножитото станал бескрајно богат. Да, точно е тоа! Работејќи, создавајќи нови и нови ниви, ораници, сеејќи ги и жнеејќи ги, напредувајќи со својата работа, човекот оди сѐ поблиску и поблиску до лакот на виножитото. И неосетно тој напредува. Ама работејќи напорно!