Актуелниот светски првак Германија беше поуспешен од Црна Гора, со 85-61, во првото коло од групата Д. Македонија, пак, во групата Х, синоќа во Скопје требаше да игра со селекцијата на Естонија

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Кошаркарите на Летонија го приредија најголемото изненадување во првото коло од групата Ц во квалификациите (кои се одиграа во четвртокот) за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година, во Летонија, Кипар, Финска и во Полска, откако на гостински терен во Сарагоса го совладаа актуелниот европски шампион Шпанија, со 79-75. Во победничкиот состав прв стрелец беше Ричардс Ломаз со 18 поени, а кај Шпанците најефикасен беше Дарио Бризуела со 16 поени. Во вториот меч од групата Ц, Белгија ја совлада на гости Словачка со 75-60.
Словенија во Копер ја победи Украина со 87-73 во меч од првото коло од групата А. Словенците ги предводеше Клемен Препелич со 30 коша, додека кај гостите најдобар беше Александар Ковлијар со 23 поени. Во вториот дуел од оваа група, Израел на гостински терен минимално ја победи Португалија со 72-70. Во победничкиот состав најдобар беше Томер Гинат со 17 коша, а кај домаќините предничеше Траванте Вилијамс со 18. Италијанските кошаркари во првото коло од групата Б во Пезаро ја совладаа Турција со 87-80, додека Исланд на домашен терен ја надигра Унгарија со 70-65.
Актуелниот светски првак Германија беше поуспешен од Црна Гора, со 85-61, во првото коло од групата Д.
Литванските кошаркари на свој терен во Вилнус убедливо славеа над селекцијата на Полска, со 83-64, во првото коло од групата Х, каде што се уште и репрезентациите на Македонија и Естонија. Освалдас Олисевичиус со 20 поени ја предводеше Литванија до заслужениот успех, а 13 постигна Рокас Гиедритис, додека најефикасни кај Полјаците беа Михал Соколовски со 26 поени и Матеуш Понитка со 13 поени. Како што е познато, Полска во второто коло од овие квалификации на свој терен во градот Сосновиец ќе ја пречека Македонија в понеделник.
Вториот натпревар од оваа група беше закажан за синоќа во СРЦ „Кале“ во Скопје, каде што Македонија, предводена од селекторот Александар Јончевски, се сретна со Естонија. На ЕП 2025 ќе играат двете најдобропласирани од оваа група, како и Полска, како еден од четирите кодомаќини на континенталниот шампионат. Преостанатите натпревари од другите групи во овие квалификации се играа синоќа. Г.И.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025, ПРВО КОЛО

Група А
Словенија – Украина 87-73
Португалија – Израел 70-72
Група Б
Исланд – Унгарија 70-65
Италија – Турција 87-80
Група Ц
Словачка – Белгија 60-75
Шпанија – Летонија 75-79
Група Д
Шведска – Бугарија 84-70
Германија – Црна Гора 85-61
Група Е
Кипар – БиХ вчера
Франција – Хрватска вчера
Група Ф
В. Британија – Холандија вчера
Грција – Чешка вчера
Група Г
Данска – Грузија вчера
Србија – Финска вчера
Група Х
Литванија – Полска 83-64
Македонија – Естонија вчера