Фото: ЕПА

Ќе продолжиме да ги бараме своите шанси за да бидеме во тоа друштво, изјави селекторот Јончевски

КОШАРКА – ПО ПОБЕДАТА НА ГОСТИ КАЈ ПОЛСКА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Македонската машка кошаркарска репрезентација оствари победа на мечот на гости со Полска со 96-71 (25-16, 22-22, 22-12, 27-21), во второто коло во групата Х во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година. Победата со 25 поени разлика е една од најимпресивните што ја оствариле црвено-жолтите, особено што во сите четири периоди беа постигнати повеќе од 20 коша.
– Двете репрезентации влегоа со голем респект, особено по поразите во првото коло. Знаевме дека играме против еден голем сјаен состав каков што е Полска. Можеби ризикувавме со шутот од далечина, како на пример со Балцеровски, но тоа беше дел од нашите тактички замисли, кои донесоа резултат. Честитки до сите мои играчи, без оглед на тоа дали некој играше една или 39 минути. Двата тима имаат големи индивидуалци, но решава тоа кој е подобар во моментот. Сите инволвирани во ова, од моите асистенти до медицинскиот персонал, се заслужни за успехот. Драго ми е што уште имаме шанси за пласман на Евробаскетот. Ќе продолжиме да ги бараме своите шанси за да бидеме во тоа друштво – изјави селекторот Александар Јончевски по триумфот над Полска, која на претходното континентално првенство, во 2022 година, го освои четвртото место.
Плејмејкерот Ненад Димитријевиќ брилираше со своите влезови, дриблинзи, шутеви од далечина и постигнатите 32 поена и беше нерешлива загатка за Полјаците, центарот Итан Хап оствари 19 коша, крилото Стојан Ѓуровски 17 поени, но и другите играчи херојски се бореа во целиот меч, по кој Македонија заслужено ја впиша првата победа, по поразот во Скопје од Естонија, и ги задржа шансите за пласман на ЕП 2025, што треба да се игра во Финска, Кипар, Летонија и во Полска.
– Селекторот одлично нѐ подготви за натпреварот, особено кога противникот ја менуваше одбраната. Кога имаш плејмејкер како Димитријевиќ, само треба да му ја дадеш топката и да играш, а импресивно беше да се гледа како игра тој. Секој што се појави на паркетот имаше удел за денешната победа – рече Хап, кој оствари 31 индекс-поени, како резултат на 19-те поени, седумте скока и по петте асистенции и украдени топки, за 34,28 минути игра на тој натпревар.
Во вториот дуел од групата Х, репрезентацијата на Естонија на свој терен ја совлада селекцијата на Литванија со 65-59, со што изби на врвот на табелата со максимални четири бода. На ЕП 2025 ќе играат двете најдобропласирани од оваа група, како и Полска, како еден од четирите кодомаќини на континенталниот шампионат. Вториот круг од квалификациите во осумте групи ќе продолжи во ноември годинава, а Македонија ќе игра два меча со Литванија, прво дома. Г.И.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

ГРУПА А: Словенија – Израел 88-79. Украина – Португалија 77-79. Табела: Словенија 4, Израел 3, Португалија 3, Украина 2. Идно коло (22.11): Португалија – Словенија, Украина – Израел.
ГРУПА Б: Унгарија – Италија 53-62, Турција – Исланд 76-75. Табела: Италија 4, Турција 3, Исланд 3, Унгарија 2. Идно коло (22.11): Исланд – Италија, Турција – Унгарија.
ГРУПА Ц: Летонија – Словачка 64-52, Белгија – Шпанија 58-53. Табела: Летонија 4, Белгија 4, Шпанија 0, Словачка 0. Идно коло (22.11): Летонија – Белгија, Словачка – Шпанија.
ГРУПА Д: Бугарија – Германија 67-62, Црна Гора – Шведска 95-70. Табела: Германија 3, Црна Гора 3, Бугарија 3, Шведска 3. Идно коло (22.11): Шведска – Германија, Црна Гора – Бугарија.
ГРУПА Е: БиХ – Франција 64-74, Хрватска – Кипар 92-63. Табела: Франција 4, БиХ 3, Хрватска 3, Кипар 2. Идно коло (21.11): Кипар – Франција, Хрватска – БиХ.
ГРУПА Ф: Чешка – В. Британија 90-82, Холандија – Грција 72-74. Табела: Грција 4, Чешка 3, В. Британија 3, Холандија 2. Идно коло (21.11): В. Британија – Грција Чешка – Холандија.
ГРУПА Г: Финска – Данска 89-85, Грузија – Србија 63-76. Табела: Србија 4, Финска 3, Данска 3, Грузија 2. Идно коло (21.11): Данска – Србија, Финска – Грузија.


ГРУПА Х

Полска – Македонија 71-96
Естонија – Литванија 65-59

ТАБЕЛА
Естонија 2 2 0 4
Македонија 2 1 0 3
Литванија 2 1 1 3
Полска 2 0 2 2
Идно коло (21.11): Македонија – Литванија, Полска – Естонија.


Димитријевиќ прв стрелец, Хап најдобар блокер

Македонскиот плејмејкер Ненад Димитријевиќ по двата изминати меча од квалификациите за пласман на кошаркарското Европско првенство в година, покрај тоа што одушеви со својата игра, тој е и најдобриот стрелец, со вкупно 57 поени, во просек по 28,5 поени по двата меча, со Естонија и со Полска. На второто место е Словенецот Клемен Препелич, со 51, а на третото е Грузиецот Торнике Шенгелија со 46 поени. Новиот македонски репрезентативец, центарот Итан Хап е на 13-то место со 37 поени, но е најдобар блокер. Тој забележа пет блокади, колку што има и Исланѓанецот Тригви Хлинасон.