Албанци и црнци. Таравари и Обама

(Или нешто за обамизација во Македонија)

Веќе вторпат по ред, драг читателу, ти ја одлагам најавената триделна колумна „Фалсификатот како грчко чудо“. Нема повеќе. Што да правиме кога нашиот Македонец од Стагира, ставен и тој во „грчка вреќа“, точно го дефинирал човекот како „политичко животно“, кое како да нема врска со Господ. Ние воленс-ноленс живееме во калта на политиката. Така и оваа колумна ја влечеме од неа пред изборите заглавени до гуша во тоа смрдливо мочуриште. Од него се појавува на површина отвореното шише на Пандора од кое излегуваат духовите на политиката како наша судбина. Па така, од него излезе на површина и духот на Таравари, кандидат за претседател на Алијансата на Албанците, откако за тоа даде амин и Албин Курти од Приштина. Оти нашиот европски пат македонските Албанци го решаваат во Тирана и косовската престолнина виа Вашингтон. Јасно! Или не ти е јасно, драг читателу?
Да. И како Хамлет „да се биде или да не се биде“ излезе на политичката сцена Таравари со неговите визии за европеизација, хармонизација и хуманизација на жална Македонија. Што е право, не рече Илирида. Во промотивниот Гостивар тој го откри својот политадут, послужувајќи се како со мото со една наизглед убедлива и итра аналогија, па рече: „Во Америка, пред 15 години, се случи да победи човек со црна боја на кожата. Зошто да не може и во Македонија, по 30 години демократија, да добиеме поддршка од Албанците, Македонците, Ромите, Бошњаците?“ Притоа, тој рече дека во претседателската трка е мотивиран пред сѐ од неговиот карактер ставен во „служба на хуманоста“, а кој се темели на Хипократовата заклетва што ја дал како лекар. Демек таа сама по себе априори, како кантовски императив е доволна за „диверзитетот во нашата земја да го претвориме во уметност на соживот и хармонија“. А таа уметност, пак, на Македонците им е ептен јасна со терористичката 2001, со Охридскиот рамковен, територијалната поделба, како и со Тиранската платформа по неа, собитија што го урнаа националниот суверенитет на Македонците и државата основана со подвигот и крвта на македонските партизани. Така, од сето ова поаѓа и на сето ова се базира и платформата на Таравари. Во неа средишната идеја е неговата итра аналогија Обама ‒ Америка што треба да се пресади на македонска политичка почва. И тука претседателскиот кандидат на Алијансата на Албанците, како што гледаме, убаво се послужил, бодлеровски речено, со клучот на универзалната аналогија. Француски клуч, малку поинаков од оној на Макрон со „француска рамка“ што ќе нѐ удави. Да. Добро, но на фигурата на парадоксот, кој не ѝ е добар пријател и не се двоуми да ја компромитира неа. Така стојат работите и со итрата политаналогија на Таравари. Во неа тој се поистоветува во случајот со неговото американско алтер его Обама, човекот кој и со „црна кожа“ успеал мазно да се докопа до американскиот претседателски трон. Арно ама сепак тука има еден сериозен пропуст, оти Таравари изгубил од предвид дека ни Албанците во Македонија се Американци (иако се однесуваат американски), а ни тој не е со „црна кожа“, црнец. И ова не е, драг читателу, празен сатиричен коментар, туку е само логичко растајнување на благо ама итро шифрираната Таравариева аналогија. Таа бара сепак, колку и да е итра и „наивна“, длабинска анализа со компаративен пристап.

Првин, споредбата меѓу црнците во Америка, нивниот егзистенцијален, општествен и политички статус компаративен однос со истата положба на Албанците во Македонија драстично се разликува. Во Америка црнците никогаш не биле освојувачи на туѓи територии за разлика од Албанците во Македонија, кои и денес се тоа. Црнците биле робови на плантажите, ловени за тоа како пеперуги и диви животни со мрежа од американските фармери. Во Македонија, пак, според последната изјава на Али пред четириесетте разбојници во Сопот, Албанците се господари на оваа земја во која според тоа Македонците би требало да се црнците. Оти во довчерашната влада на Али и Ковачевски со Бадинтер, франкенштајновскиот Охридски рамковен и Тиранската платформа дојдовме до 10 албански и 9 македонски министри. Тоа е меѓуетничкиот балансер, страшното нишало од расказите на Е.А. По, кој создаде тотален антибаланс, хаос и стигма кај Македонците ставени во апартхејдска позиција, стигма како и кај преостанатите малцинства кај нас. Сѐ што побараа (дури и што не побараа) Албанците им се даде. Побараа и специјално министерство за политички систем (франкенштајновска политинституција), и тоа им се даде. Бргу потоа, пак, се покажа дека функцијата на тоа министерство е рекреативна, за рекреирање на уморните од работа албански министри, кои во неговите пространи во версајски стил сали играат на мали голови фудбал и кошарка. Видовме на телевизија.
Малку предолго, со нужна дигресија, објаснување на аналогијата на Таравари, која е генијална со самиот факт што нуди феноменолошка тема за социофилозофска студија што може да исполни една цела дебела книга. Да. Туку да видиме сега во рамките на нашата блицкриг-анализа, драг читателу, како американскиот политархетип на Таравари, човекот со „црна кожа“ Обама дојде и седна во американската претседателска фотелја, за што потоа доби и Нобелова награда за мир на Шведската академија, која сјајно ја одбрани со редица погубни војни на Блискиот Исток. Но било како било, факт е дека Америка чекаше повеќе од столетие и половина, откако заврши граѓанската војна меѓу Северот и Југот, за да седне во нејзината претседателска фотелја, како што би рекол Таравари, човек со „црна кожа“. Црнецот Обама. За да си ја испере црната совест. Тоа е вистината. Толку чекаше Обама во Америка, а Таравари кај нас чека од 2001-та само и е нестрплив. Може паралелата тука не му се допаѓа, но неа ја наметнува неговата аналогија што ја зеде како пропагандна изборна лозинка. Туку, сепак не е вистина дека во Македонија не сме имале албански Обама како што тврди, „неинформиран“, кандидатот за претседател на Алијансата на Албанците. Па, еве го него сега како премиер на техничката влада, пред тоа и спикер на Собранието избран на криминален начин без доволен број гласови и со кршење на законските процедури. Така паѓа во вода Таравариевата абракадабра, хокус-покус, мижи Асан да ти баам (хипо)теза за отсуство на албански Обама во кон Албанците ненаклонетиот политички и демократски македонски простор, што е лага.

Албанците во Македонија не се граѓани од втор, туку по 2001-та тие се граѓани од прв ред со Охридскиот, територијалната поделба и Тиранската платформа, а Македонците лека-полека станаа граѓани од втор ред во сопствената национална држава. Тие редовно плаќаат струја, а ја плаќаат и струјата на цели албански населби и села што не го прават тоа, користејќи ја прворазредната позиција во однос на Македонците за што се изборија Али и неговите четириесет разбојници со штедра помош на Америка и европскиот Запад, во што предничеше секогаш Германија, која го заборави фашизмот на Хитлер. Таа западна фаворизација за Албанците кај нас беше на ниво на таква политичка стратегија што тие беа во западните мејнстрим медиуми претставени како жртва, а Македонците сатанизирани како Србите во тој контекст, како тирани и узурпатори.
Тоа е вистината што се гледа, знаеш, драг читателу, со голо око. И сега, еве, кога вклопувајќи се во аналогијата на Таравари, имаме на дело еден албански политички Обама Џафери се бара и друг, оти апетитите се големи. Сега самиот Таравари се предлага за Обама, иако првиот архиобама во Македонија е Али Ахмети, кој под слоганот што му го шепнаа западните кројачи на судбини на цели народи „борба за човекови права“ се бореше во терористички манир за територии на голема Албанија. Неа тој ја нацрта и на картата во музејот во Сопот со Македонија до неа. А дека тоа не беше борба за човекови права, туку за територии, на времето се изјасни и сега покојниот Арбен Џафери, најголемиот стратег на Илирида, кој го сонуваше распаѓањето на суверената македонска држава, за што веројатно имаше поддршка и од Вашингтон. И еве гледаме дека лека-полека, ама и забрзано, се остварува неговиот сон.
А кога сме кај македонскиот албански Обама за кој сега мечтае Таравари, да кажеме дека тука првиот и голем Обама, не како празна метафора, беше, а и останува Али Ахмети. Од него потече процесот, се раситнија како од непотрошлив материјал цела серија помали албански обами, или обамчиња во облик на министри, високи судии, купишта директори и директорчиња.
Нејсе, на почетокот на кампањата Таравари како магионичар на политичката сцена го вади од шеширот и својот етнички адут: Хипократ, повикувајќи се на неговата докторска заклетва. Но не знае, или знае, дека во политиката царува Хипокрит, а не Хипократ. Многумина не знаат да ги разликуваат нив. Тоа многу убаво го знаеше Сократ, кој велеше дека никој што влегол во политиката не останал чист. А мислел дека оние што влегуваат во неа и се склони многу повеќе да го фатат подрака Хипокрит отколку Хипократ во кого секогаш се колнат, иако знаат дека неговиот принцип на етика нивните кревки плеќи не можат да го носат.
При крај сме, драг читателу, а ти ме прашуваш дали има кај нас некој Албанец што ни најмалку не сонува за Илирида и нема ништо со Хипокрит, а притоа не се фали со Хипократ како етички светец. Има, драг читателу, и тој е вистински етички дух и рицар, човек со отворени прозорци во умот и со хуманистички визии и хоризонти каков што до денес не видовме ниеден во албанскиот политички блок на Али од терористичката 2001 до денес. Оти како што гледаме, иако во завиена целофанска „демократска“ обвивка, тој фактички тероризам зеде камуфлирано политичко лице. И Македонците го знаат и го гледаат тоа, затоа искрено не знам колку може да смета на нив потенцијалниот македонски Обама Таравари. Оти наивноста не значи по дефиниција и глупавост.

Но се отклонивме со дигресијата од човекот со отворен ум и добра волја за вистински братски соживот меѓу Македонците и Албанците, човекот што стои високо над албанската политичка елита на Али, но, се разбира, и онаа на Заев и Ковачевски, која заедно со неа учествуваше и сѐ уште учествува во демолирањето на македонскиот идентитет и државен суверенитет. Македонската политичка елита на СДСМ управувана од супериорната албанска политичка елита на Али, во која знаменосец на уривањето на македонскиот интегритет и суверенитет посебно се истакнува министерот за надворешни работи, патем и со најубави вратоврски ако е тоа некаква утеха за Македонците. И, конечно да го кажеме името на таа личност со отворен космополитски ум, визии и етика. Тоа е, драг читателу, Џевдет Хајредини. Секоја чест за неговата етичка доблест и отворен ум. Да има во албанскиот алиевизиран до коска албански политички блок барем уште двајца-тројца приближно како него, лично мислам дека сѐ ќе биде во ред со нашиот меѓуетнички соживот, кој, за жал, албанските политичари го сведоа на бинарно ниво, со нивна драстична доминација, заборавајќи ги преостанатите етноси (Турци, Власи, Роми, Бошњаци…), кои ете и во случајот на Таравари Обама-аналогија, имаат право да претендираат на македонски Обама. Ама тие, така стојат работите, не можат да сонуваат за тоа.
Туку, тука во оваа обамистичка анализа на Таравари и компанија нели можат, драг читателу, реципрочно да го постават прашањето Македонците и за македонски Обама во Албанија кај Еди Рама, па и на Косово кај Албин Курти, кој како влада во сенка станува еден од главните албански политички играчи во Македонија. Па, не е ни чудо што некои пари и од македонското министерство за култура одат за реализација на косовски проекти. Но да одговориме конкретно на поставеното прашање. Сме заборавиле, намерно или заради етнички мир, не знам, драг читателу, но и Македонците имаа Обама во Албанија и кај Албанците. Да не се жалат на својата „црна“ кожа. Тоа е албанската најславна личност со која и ние се гордееме Скендербег, или кај Турците Искендер (како што го викале Александар Македонски) Галичанецот што ги бранел христијаните од Турците од Епир до Јадранско Море. Еве. Значи не треба да се жалиме дека и ние не сме американски црнци. И за еден таков македонски Обама како Кастриот нормално е, ако го вклучиме фамозниот балансер, македонските Албанци да имаат најмалку стотина Обами. А и тоа е малку.
Ултрацрвено. Крај. Ставаме точка, драг читателу, оти пак ја нагазивме црвената линија на дозволениот простор, што ни стана, се плашам, потсвесно навика. Туку само да ја извлечеме за крај поентата од приказната што ја одмота аналогијата со Обама на Таравари. А тоа е дека во македонскиот политички, социјален, филозофски и секаков друг контекст Mакедонците се со „црна кожа“, црнци што се борат за своите црнечки права како што стојат работите, иако црнечката маска (обилно присутна во европските антрополошки музеи) албанските политичари како Таравари ја ставаат на своето лице како метафора за нивната потиснатост (психолошки мотив на проекција), исто и како што својата македонофобија албанските политичари од типот на Османи и Груби ја проектираат кај Македонците како албанофобија. Сеедно, обамизацијата во македонската политика е на отворена сцена. Нејзин Хамлет („да се биде или да не се биде“) сега е Таравари. Му посакуваме успех за Обама, само под еден услов, кога ќе ја освои таа скапоцена кралска титула, да не отвора војни како американскиот нобеловски миротворец. Толку. Доволно, и повеќе од доволно.