Фото: ЕПА

Бостон славеше на гости против Филаделфија, со 95-86, во шестиот меч од полуфиналето на Истокот, и успеа да израмни на 3-3

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарите на Денвер го победија со 125-100 на гости тимот на Феникс и се пласираа во финалето на Западната конференција, откако ја добија серијата со 4-2 во победи. Никола Јокиќ одигра уште една маестрална партија со нов трипл-дабл (32 коша, 12 асистенции и десет скока), а го следеа Џамал Мареј со 26 и Кентавиус Колдвел-Поуп со 21 поен. Кај поразените, кои настапија без повредените Деандре Ајтон и Крис Пол, најпрецизни беа Камерон Пејн со 31 и Кевин Дурант со 23 коша.
Денвер ќе игра во финалето на Западната конференција за првпат по поразот во пет меча од Лос Анџелес лејкерс во 2020 година на Флорида, за време на пандемијата на коронавирусот. Во финалето на Западот, Денвер ќе игра против подобриот од дуелот Голден стејт – Лос Анџелес лејкерс. Нивниот шести меч се играше рано утрово, а по пет меча резултатот беше 3-2 за актуелниот шампион Лос Анџелес лејкерс.
Кошаркарите на Бостон славеа на гости против Филаделфија со 95-86 во шестиот меч од полуфиналето на Истокот и успеаја да израмнат на 3-3 во серијата прв до четири победи. Маркус Смарт беше најефикасен во победничкиот тим со 22 коша, а кај Филаделфија Џоел Ембид и Тајрис Макси, и двајцата со по 26 коша. Решавачкиот седми натпревар се игра в понеделник наутро.
Г.И.