Откако во повеќе наврати поголем број експерти, универзитетски професори и јавни работници јавно предупредуваа, за што редовно пишувавме на овие страници, се огласи и невладиниот сектор што се занимава со европските процеси, дека само измените во македонскиот устав нема да бидат доволни за решавање на ризикот од бугарското вето во ЕУ. Уште еднаш се поставува прашањето дали ваквите реакции ќе го спречат континуитетот на „менување на нешто најсуштинско во замена за некакви ветувања“, а лидерите ќе ги остават државата и народот да пропаѓаат во спиралата на деноминација на македонскиот национален идентитет

Социетас цивилис“: Дури и да се додадат Бугарите во македонскиот устав,
не постои гаранција за почеток на преговорите со ЕУ

Неодамна институтот за демократија „Социетас цивилис“, како невладина организација што интензивно работи на предизвиците, дилемите, прашањата и контроверзиите што се појавуваат во врска со евроинтеграциите и реформите за постигнување на ЕУ-стандардите, гласно предупреди дека дури и да се додадат Бугарите во македонскиот устав, не постои гаранција за почеток на преговорите со ЕУ. Освен уставните измени, не смеат да се игнорираат и обврските од протоколот на втората меѓувладина седница за реализација на Договорот за добрососедство, потсетуваат од институтот за демократија „Социетас цивилис“. Презентирајќи делови од протоколот, од институтот посочија дека, покрај горливото отворање на Уставот, Македонија ќе мора да испорача уште низа други барања од Софија за кои веќе е ставен параф на протоколот. Доколку не се исполни сѐ што е побарано, многу поверојатно е дека и вметнувањето на Бугарите во Уставот нема да биде доволно за Бугарија да го одблокира процесот на македонските евроинтеграции. Со вториот протокол од страна на Македонија се преземени обврски за испорачување резултати од работата на мешаната историска комисија, односно измени во програмите по историја, нови учебници, натписите на некои споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронските информативни медиуми во јавна сопственост. Сето тоа го бара Бугарија од Македонија, а рокот за решение на овие работи е две години. Oд институтот посочуваат дека протоколот не е сразмерен, односно дека од Македонија се бараат повеќе обврски, како пример го посочија и делот каде што во протоколот стои и едностраната обврска од источниот сосед кон нас да му доставиме прелиминарен урнек од лекција за седмо одделение.

Освен историските прашања, во анализата се посочува и на преземените обврски околу говорот на омраза, при што се наведува дека не постои прецизна листа на институции и агенции на кои се однесува превенирањето од недобронамерна пропаганда, но и начинот на обесхрабрување на активностите на приватните субјекти, при што не е јасно и кои се тие приватни субјекти, пред сѐ што тие не влегуваат во опсегот на државното финансирање. Од „Социетас цивилис“ велат дека Македонија и нејзините институции мора да се подготват за мачниот процес што следува, за да не се соочуваат со нови блокади во евроинтеграциите.
На овие стапици во т.н. француски предлог и придружните документи со него (вториот протокол од меѓувладината седница на Македонија и Бугарија) бурно реагираше македонската јавност (правно-политички експерти, новинари и голем дел граѓани) веднаш по неговото објавување, минатото лето, но и во текот на целиот овој период. Сепак, носителите на процесот на евроинтеграциите по секоја цена уверуваат дека уште по овие уставни измени, веднаш започнува преговарачкиот процес. По јавното предупредување на невладиниот сектор што се занимава со европските процеси, уште еднаш се поставува прашањето дали ваквите реакции ќе го спречат континуитетот на „менување на нешто најсуштинско во замена за некакви ветувања“, а лидерите ќе ги остават државата и народот да пропаѓаат во спиралата на деноминација на македонскиот национален идентитет.