Илустрација: „Нова Македонија“

Во истражувањето спроведено од „Транспаренси интернешнл“ се откриваат многу индикатори и случаи што „ја исполнуваат дефиницијата за висока корупција“, како и поведенија со основи на сомневање за „постоење на организирана криминална структура што има корист од злоупотребата на овластувањата“. Истражувањето презентира конкретни елементи за „неефективното владеење на правото поради заробувањето на државата, правосудството и преостанатите институции и законодавството, направено по мера“. Според истражувањето, вкупната штета за државниот буџет во триесетина анализирани предмети изнесува приближно 255,2 милиони евра, се наведува во опсежната студија на „Транспаренси интернешнл“

Од истражувањето „Висока корупција и закони скроени по мера“ на „Транспаренси интернешнл“

Наспроти многубројните бурни реакции во македонската јавност за прекршување на Уставот и законите, но и забелешките од претставници на ЕУ за злоупотреба на европското знаменце, законските измени за изградба на коридорите 8 и 10д, познати и како закони во интерес на „Бехтел и Енка“, веќе се во Собранието и сосема е извесно дека ќе бидат донесени.
Законите веќе добија ознака на „приоритетни“ и покрај прекршувањето на процедурите, злоупотребата на европското знаменце и наметнувањето на нечија политичка волја над правото и Уставот. Само за потсетување, реакции имаше и од страна на археолозите, заедно со претставници на ИКОМОС, протестен марш имаа и синдикатите во Македонија по најавите за воведување 60-часовна работна недела наспроти уставно загарантираните 40 часа неделно. Истовремено, Платформата на граѓански организации за борба против корупција, во однос на законските измени во корист на изведувачот „Бехтел и Енка“, порача дека „пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата“! Ако на ова се додадат и многубројните експертски мислења, анализи од невладиниот сектор и организации за заштита на културното наследство, кои исто така предупредуваат на прекршување на законските одредби за нечии туѓи интереси, тогаш веројатно мозаикот е сѐ пополн.
Но станува очигледно дека последниот случајот со „Бехтел и Енка“ е само уште една алка во низата вакви случаи на „закони скроени по нечија мера и потреби“, со основани сомневања за висока корупција зад нив.

Донесувањето закони скроени по мера на приватни интересни групи претставува сериозен проблем во Македонија

Во истражувањето спроведено од „Транспаренси интернешнл“ се откриваат многу индикатори и случаи што „ја исполнуваат дефиницијата за висока корупција“, како и поведенија со „основи на сомневање за постоење на организирана криминална структура што има корист од злоупотребата на овластувањата“. Истражувањето презентира конкретни елементи за „неефективното владеење на правото поради заробувањето на државата, правосудството и преостанатите институции и законодавството, направено по мера“.
Вкупната штета за државниот буџет и за поединците во триесетина анализирани предмети изнесува приближно 255,2 милиони евра, се наведува во опсежната студија на „Транспаренси интернешнл“.
Инаку, проблемите со владеењето на правото и прекршувањето на законите во Македонија за првпат беа документирани уште во таканаречениот извештај на Прибе. Сепак, оттогаш до денес многу мал број предмети на висока корупција резултирале со конечни пресуди. Во јавноста постои уверување дека политичарите се неказниви поради културата на политички протекционизам и партиска контрола.
Во истражувањето на „Транспаренси интернешнл“ се нагласува дека донесувањето закони што се скроени по мера на приватни интересни групи претставува сериозен проблем во Македонија. Во истражувањето се презентирани и повеќе конкретни примери како илустрација за оваа честа и загрижувачка практика што „ја заробува државата“.
– Законите што се скроени по мера се дефинираат како правни акти наменети да им служат на интересите на некое физичко или правно лице или на тесна група или мрежа поврзани лица наместо на интересите на другите актери во секторот, другите општествени групи или на јавниот интерес. Иако навидум наменски донесените закони се општо применливи, тие се применуваат само за некое конкретно прашање и ги заобиколуваат можните правни лекови што би можеле да се обезбедат од редовните судови. Корисниците на законите што се скроени по мера се физички лица и правни лица чии приватни интереси се привилегирани и заштитени од законодавството на штета на јавниот интерес – велат од „Транспаренси интернешнл“.

Примери од истражувањето на „Транспаренси интернешнл“

Во истражувањето се посочува дека градежништвото е еден од секторите што се најподложни на „закони скроени по мера“. Голем број закони во врска со сопственоста на земјиштето и градењето забрзано беа променети во последните 15 години.
Колку за илустрација, во случајот со „Бехтел и Енка“ во процедура е менување дури на осум закони за потребите на градењето, кои вклучуваат измени за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација на земјиште, за работни односи итн.
l Во истражувањето на „Транспаренси интернешнл“ се посочува дека енергетскиот сектор е исто така засегнат од законите скроени по мера. Владата има донесено уредби за производство на електрична енергија од обновливи извори и за вкупната инсталирана моќност на производителите на електрична енергија. Со уредбите се заштитува и се гарантира цената на електричната енергија што малите хидроцентрали ја произведуваат и ја продаваат на пазарот на електрична енергија. Но индикативно е тоа што една третина од регистрираните хидроцентрали што добиваат субвенции се во сопственост на поранешен висок функционер во власта, се наведува во студијата.

  • Како друг пример на закони што се „скроени по мера“ се посочува и Законот за амнестија. Овој закон ги запре сите кривични постапки и доведе до ослободување од затвор на осудени лица и ослободување од обвинение на лица што беа осомничени дека сториле кривични дела на 27 април 2017 година, се истакнува во извештајот на „Транспаренси интернешнл“.
  •  Во истражувањето како следен пример на закон „скроен по мера“ се наведува и законот за помилувањата што го донесе претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година, кој се однесуваше на 54 владини функционери. Еден месец подоцна, претседателот Иванов ја поништи амнестијата.
  • Како уште еден пример за закон по мера и за туѓи интереси се посочува законската уредба со која му се обезбедува повластена положба на „Мобимак“. За возврат, мнозинскиот акционер во „Македонски телеком“ („Маѓар телеком“ со 53 отсто) ѝ исплати дивиденди во износ од околу 90 милиони евра на Владата како малцински акционер (47 отсто). Судскиот предмет „Маѓар телеком“ откри огромни износи на поткуп исплатени на политичари во РМ за донесување закони во полза на „Мобимак“, се наведува во истражувањето на Транспаренси Интернешнл, насловено „Висока корупција и закони скроени по мера во државава“.