Фото: Дарко Андоновски

Тој ги истакна враќањето на кошарката на старите патеки со редовни учества на големите турнири, ставањето поголем акцент на младинската кошарка, зголемувањето на квалитетот на лигата, развојот на женската кошарка, едукацијата на тренери и пренамената на парите собрани од казни и котизации

Со презентација на својата визија за кошарката во Македонија, насловена „Спортот на спортистите“, Перо Антиќ ја најави кандидатурата за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ). Како дел од целите и заложбите во својата програмата Антиќ ги истакна враќањето на кошарката на своите стари патеки со редовни учества на големите натпреварувања, ставањето поголем акцент на младинската кошарка, зголемувањето на квалитетот на лигата, развојот на женската кошарка, регулирањето на бројот на странци во тимовите, едукацијата на тренери и пренамената на парите собрани од казни и котизации.

Како дел од тимот што би работел во реализацијата на презентираната програма на трикратниот европски првак Антиќ, доколку биде избран, се и поранешните кошаркарски репрезентативци Тодор Гечевски, кој зборуваше за плановите со младинската и со сениорската репрезентативна кошарка, и Владимир Георгиевски, кој го презентира маркетиншкиот дел.

– Како еден од нашите главни приоритети ќе биде обезбедување генерален партнер-спонзор, не само за сениорските лиги, туку за сите лиги. Исто така, една од нашите идеи е и парите од котизацијата што ги плаќаат клубовите да се прелеат во награден фонд, кој би се делел според пласманот на крајот на сезоната. Тие пари би биле дополнителен мотив за клубовите, кои играат само за пехар како единствена награда. Исто така, сакаме да најдеме технички спонзор, не само за репрезентацијата, туку и за клубовите, со чија помош би ја набавувале спортската опрема – рече Антиќ, меѓу другото, при презентацијата на својата претседателска програма.

Изборите за прв човек на МКФ треба да се одржат на 15 мај. Та.Д.