Основниот суд Скопје 2 извести дека Решението за Скендер Бузаку да биде назначен за нов поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ) судот не го донел самостојно, туку врз основа на донесени одлуки на верската заедница и на барање на Ријасетот на ИВЗ.

Како што информираат оттаму, функцијата на Реџепи како поглавар на ИВЗ му престанала откако тој поднел неотповиклива оставка и истата била прифатена од Ријасетот. Од судот појаснуваат дека околу тоа дали оставката е фалсификуван документ, може да се одлучува во друга посебна постапка.

-Врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реис Ул Улема на Исламска Верска заедница – Сулејман еф Реџепи, примена на ден 25.03.2019, Ријасетот на ИВЗ на РМ на ден 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис Ул Улема и на истата седница за Реис Ул Улема е избран Скендер Бузаку- соопштуваат од Основниот суд Скопје 2.

Оттаму додаваат дека врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реис Ул Улема на Исламска Верска заедница – Сулејман еф Реџепи, примена на 25 март, 2019, Ријасетот на ИВЗ на РМ на 30 март 2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис Ул Улема и на истата седница за Реис Ул Улема е избран Скендер Бузаку.

-Врз основа на донесените одлуки на Ријасетот на Исламската Верска Заедница на ден 03.04.2019 година, до Основниот суд Скопје II Скопје поднесено е барање за промена на лице за застапување на Исламската Верска Заедница. Постапувајќи по поднесеното барање Основниот суд Скопје II Скопје, на ден 17.04.2019 година, донесе решение со кое барањето на Исламската верска заедница за промена на вршење на функција Реис Ул Улема е уважено и врз основа на поднесените документи извршена е промена на функција Реис Ул Улема, па како Реис Ул Улема е запишан г-дин Скендер Бузаку. Наведената одлука за промена на вршител на функцијата Реис Ул Улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена”- се вели со соопштението на граѓанскиот суд.

Од судот потенцираат дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската Верска Заедница.

По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на Реис Ул Улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, од судот известуваат дека тоа може да биде предмет на друга постапка.

-Во постапка согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и истите ги изразува во Решение за промена. Наведеното дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на Реис Ул Улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата- дополнуваат од Основниот суд Скопје 2.